СРЕДНОШКОЛСКИ УПИСИ: Професија „дентален асистент“- звучи привлечно, звучи модерно, звучи хумано и корисно!

Уредник
Се чита за 14 минути

Бел мантил! Сон на многу генерации момчиња и девојки, уште од невините детски игри, па до секоја возраст. И, не случајно – тоа е професија која повикува на хуманост и на која секој ѝ се одушевува. Примарна професија, поврзана со најважното на луѓето – здравјето.

А, да се избере правилно „животен повик“ е нешто најзначајно. Воедно и најделикатно. Секој млад човек е исправен пред ваков предизвик, има голема дилема и одговорност што да одбере, по кој пат да тргне…

Секако првенствено треба да го послуша своето срце, да одбере тоа што му лежи и има афинитети. А, доколку избере и паметно, ако избере професија со „занает во рака“, секогаш, во секој животен период, може да се потпре на себе си и на своите знаења и вештини.

Можеби, токму затоа професијата „дентален асистент“ добива сѐ повеќе на вредност, нешто што е на дофат во средното училиште РЦСОО „Киро Бурназ“ Куманово.

Првенствено е важно здравјето на забите и подеднакво и естетиката, убавината на насмевката.

Дентален асистент се токму тие професионалци, кои, помагајќи им на стоматолозите успеваат да им помогнат на луѓето во тоа.

Она што се зборува меѓу младите генерации решивме да го испитаме на соодветното место, да погледнеме што нуди оваа средношколска насока, какви предности и зошто буди голем интерес.

Одговорите сите беа штиклирани кај „нај, нај“.

***

Доктор Бранкица Антевска, во чии раце е eдукативната судбина на младите дентални асистенти, веднаш на почеток ни дава јасна дефиниција.

– Дентален асистент е здравствена струка којашто на учениците, откако ќе завршат, веднаш им нуди вработување во таа струка, им нуди квалификација и усовршување!

Учениците, потоа доколку сакаат може да продолжат на стоматологија, медицина, фармација, на било која медицинска гранка или веднаш да се вработат, за тоа за кое веќе се стручни, имаат знаење и познавање. Од училишни клупи директно во стоматолошка ординација. Многу јасно кажано.

– На вистина адреса барате одговор на прашањето зошто сега ова е најактуелна насока. Нашите ученици учат по дуален систем – доаѓаат на училиште, а еден ден одат во ординација, во трета и четврта година одат по два дена во неделата. Таму работаат, плус и на лето по завршување на учебната година имаат и феријална пракса и кога тие веќе ќе стигнат до четврта година тие целосно ја познаваат својата струка и може да се вработат.

Навистина звучи „романтично“ веќе до самото полнолетство да си заокружиш своја професија, свое работно место, решен егзистенцијален проблем, можности и да бидеш свој човек.

– Учење преку работа ни се предметите. Нашите ученици знаењето, теоретски, го добиваат во училиште, а бидејќи склучуваме договори и меморандуми со ординации, практичниот дел го совладуваат таму. Фактички, таму го учат сѐ она што теоретски го предаваме овде. Но, не само теоретски, ние и тука кај нас применуваме кабинетска настава, преку пракса, преку моделите и инструментите што ги имаме. Учат движење, учат како да стојат, како да поддаваат инструменти, сѐ. А феријалното е преку лето и е задолжително. По втора година 15 дена, по трета 20 работни дена се во ординација на пракса. Учениците се супер и јас мислам дека знаат и повеќе отколку што треба за втора година. Сите тие се одлични и една многу добра ученичка, ни објаснува професорката.

Во тек е едукацијата на втората генерација, а наскоро, во претстојниот уписен рок ќе ја запишуваат третата.

– Сега очекуваме поголем број ученици и заинтересираност, бидејќи сѐ уште сме нова гранка, вели д-р Антевска.

А, интересот е голем затоа што е и дефицитарен профил и Стоматолошка комора бара да се врати насоката „дентален асистент“. Порано постоела, па имало пауза од дваесетина години на ниво на цела држава и во тој период медицински сестри се доучувале, а докторите губеле време, работа и трпение да ги обучат.

Во првата генерација се запишале само четворица, тие биле комбинирани со учениците од фармација, а сега се шест.

– Со новата наставна програма учиме сѐ, од анатомија, до патологија, до болести. Јас им предавам цел фонд на часови, 15 часа во неделата сме заедно. Им предавам пет стручни предмети и плус практичен дел. Сѐ што ќе им го предадам, го памтат и имаме време да повториме и пак да се преслушаме да научиме, да го зацврстиме знаењето. Другите предмети се општи – бизнис, иновации, македонски јазик, физика, хемија…

Фармацевтскиот насока оваа година е во пауза. И за нив важи истиот дуален принцип, одат на училиште, а одат и на пракса во аптеки. Одлучено е во иднина една генерација да биде фармација, една дентален асистент.

– Веќе имаме една генерација фармацевти, а од следната година ќе ги имаме и првите дентални асистенти. Оваа струка е баш, баш перспективна. Во моментов учат само ученици од Куманово, а очекуваме и од Крива Паланка и од Кратово, дури и од Скопје (затоа што вакви паралелки има само во Куманово, Валандово и Тетово)…

Следната предност која ни ја открива професорката е учењето во мала група, што носи поголема интелектуална концентрација и посветување повеќе внимание на секој ученик.

– Тоа е поентата на нашето школување, да научат додека учат, а не како порано „учиме, ама немаме пракса“. Практично знаење е бесценето. А згора на тоа се здобиваат со знаење признаено за на факултет, ако сакаат!

***

Задоволство е големо и кај самите ученици.

Еве што велат тие:

Марио Додевски – Многу сум задоволен од изборот што го направив, да учам во ова средно училиште. До крајот од деветто одделение не бев сигурен што да се запишам, мајка ми ми даде идеја за овој смер. Одлучив да ја послушам. Еден од најдобрите избори во мојот живот. Нормално, од прво не ми беше толку јасно тоа што се учи, но како учам повеќе и повеќе и како професорката нѐ учи, гледам дека не е ништо страшно и дека не е ништо толку тешко.

Викторија Тренчиќ – Исто и јас сум задоволна од смерот. Не е напорно. Сѐ што учиме, учиме и на пракса и на училиште и дома нема потреба да повторуваме. Јас се гледам како дентален асистент. Најголемиот предизвик во оваа професија е да им помагаме на луѓето кои имаат проблеми со забите и да имаат убава насмевка.

Ива Тоневска – Јас сум презадоволна, пред сѐ затоа што своеволно ја избрав оваа струка, бидејќи отсекогаш и како помала на секое одење на заболекар бев најхрабра и бев запишана како најхрабра пациентка кај мојата заболекарка. Уште тогаш сфатив дека навистина ме интересира стоматологијата и дека еден ден ќе бидам иден стоматолог. Практичното учење заболекарите ни го прават на интересен начин, а многу се трудат и професорите. Јас лично многу добро асистирам и со пациентите и со лекарот. Правиме смеси, поддаваме пломби, документи, асистираме со сисалка… Мене љубовта кон оваа професија ми е голема и навистина си ја сакам и се гледам како иден стоматолог.

Викторија Станковска – И јас овој смер го одбрав доброволно. Презаволна сум и од училиштето и од ординацијата во која одам на пракса. Сѐ ни објаснуваат. Професорката е многу посветена. Ако се случи нешто да не знаеме, ќе го повтори неколку пати додека го разбереме. Со повторување и латински термини лесно ги учиме…

Симона Стојановска – За оваа паралелка дознав на отворениот ден на училиштето. Исто како моите соученици и јас сум многу задоволна затоа што училиштето ни нуди прекрасни услови, да го научиме тоа што сакаме да го работиме понатаму. Одење на пракса е убав дел од сето ова. А таа пракса можеме да ја изведуваме и во нашата училница. Имав многу голема желба да станам стоматолог, па ова се тие некои почетни чекори до остварување на сонот. А какво е чувството да се носи бел мантил? Навистина е прекрасно, се чувствуваме како доктори. Белиот мантил ни е и училишна униформа, го носиме и кога имаме вежби и на пракса.

Деспина Јовановска – Го направив правилниот избор со запишување на ова училиште, посебно на овој профил- дентален асистент. Се запишав доброволно, но и моите дома ми кажаа дека е убава работа која можам подоцна да ја работам. За овој профил дознав на отворениот ден и на фејсбук страната. На почетокот малку ми беше страв како ќе поминам, бидејќи, сепак е медицина, но навистина е супер. Имаме нови кабинети, а имаме практична и настава во стоматолошка ординација каде што ние сме како вработени и нон стоп ни даваат нешто да работиме. Ни даваат да му помагаме на стоматологот, со тоа директно учиме. Кога бев малечка една од желбите ми беше да носам некоја униформа или бел мантил, еве денес тоа се оствари. Доктори  во семејството немам, но можеби јас ќе бидам првата.  Затоа мојата порака е и да се запишете на ова насока, нема да погрешите- имате загарантирана работа по четврта година. Ова е убав смер и навистина ви нуди сѐ.

***

Овие млади велат дека се чувствуваат и попривилегирани од другите соученици од нивната генерација, бидејќи изучуваат една ретка професија, но се колегијални и на исто ниво и ги почитуваат и другите насоки.

Што е друго позитивно? Одличните и многу добрите ученици земаат добра сума на стипендија, 3.500 денари месечно, што им дава мотивација уште повеќе да учат.

Ама и тоа не е сѐ. Кој добро ќе се покаже оди и на едукативни патувања преку Еразмус проекти. Патуваат во разни земји, шетаат низ разни училишта, гледаат разни кабинети по стоматологија, гледаат како светот на друга страна функционира со оваа струка и го надоградуваат своето знаење.

– Ива досега три пати патувала преку Еразмус, во Португалија, во Турција, а претходната недела се врати од Унгарија;

– Деспина во Турција си поминала убаво, и раскажува дека во рамките на истиот проект  тие потоа примаат ученици, преку  размена, што им носи дополнително искуство и дружење;

– Симона во Анталија, Турција, поминала седум дена на обука за компјутери и дигитален маркетинг, еден ден ако отвори своја ординација веќе знае како да ја претстави;

– Викторија ја чека својата шанса за патување, а досега во Куманово на настани го претставувала своето училиште во другите училишта;

– И Марио преку Еразмус бил во Турција каде научил доста за дигиталниот свет, а со својата соученичка Ива неодамна поминале седум дена во Унгарија, од каде уште „пред очи“ им се убавите спомени.

***

Ни тука не завршуваат привилегиите на овие ученици. Тие учат во супер модерно училиште, кое мириса на свежа боја, целосно е реновирано (за што била обезбедена добра сума од три милиони евра), се едуцираат со врвен професонален и грижлив наставен кадар, а бидејќи Државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ – Куманово е надвор од градот, во една убава природа и тишина, транспортот за  учениците е бесплатен. Во две маршути ги носат и ги враќаат со автобуси.

Грижата е проширена и доколку дојде некој од друг град, тој може да биде сместен во интернатот до училиштето, кој наскоро ќе биде готов.

По сѐ ова што го видовме и слушнавме на самото место, изборот е лесен и нема простор за колебање.

Можеби и Ти си следниот дентален асистент. Искористи си ја шансата и избери со разум и срце! И среќно, драг ученику!

 

Фото: Далибор Стефановски-Дачо

 

Споделете ја оваа статија