За учителката на животот

Уредник
Се чита за 4 минути

„Историјата е учителка на животот” е дел од еден поголем цитат на Цицерон. Мислам дека никој друг, кога е во прашање историјата, нема успеано подобро да влезе во нејзината срцевина, бидејќи во овие пет зборчиња е содржана целата суштина. Ако знаеме дека некои појави и односи во општеството никогаш не се менуваат, без разлика на тоа колку светот е изменет, посебно во последните сто години, тогаш минатото можеме да го доживееме онака како што славниот Цицерон нѐ учи – како збир на векови, во кои спијат безгранична мудрост и искуство, од кои можеме, само доколку сакаме, да ги научиме сите потребни лекции.

Историјата, како наставен предмет, се наоѓа во самиот центар на образовниот процес, не само заради нејзиниот информативен карактер, туку пред сѐ поради нејзината длабока улога во обликувањето на профилот на поединецот. Секако, важно е учениците да го стекнат знаењето кое е предвидено според програмата, но во овој момент, историјата како нишка која ги поврзува минатото и сегашноста има огромно влијание при градењето на културниот, националниот, цивилизацискиот идентитет. Ученикот, согледувајќи ги историските околности во кои еден народ се создавал, страдал и опстојувал, ја сфаќа и својата улога во заедницата, ја дефинира својата припадност.

Ако погледнеме од педагошка страна, сосема е погрешно историјата да ја доживуваме само како набројување на личности, години и случки. Пред сѐ, со помош на овој предмет на учениците им се помага во градење на критичко размислување. Како што историчарот секогаш при соочување со минатото настапува со методите на научно истражување, кои му помагаат да не навлезе во псевдонауката, создавањето на критичкиот став кај младите умови ќе помогне во иднина тие да ги согледаат опасностите од надринауката, која во денешницата често се обидува да им парира на историјата, медицината, хемијата, биологијата. Наставникот по историја доколку е и просветител, а не само пренесувач на информации, ја развива и ја негува способноста на учениците да споредуваат, да се сомневаат, да истражуваат и да бараат подлабоки слоеви.

Неизоставен дел, кога се пишува на оваа тема, е етичката димензија на овој наставен предмет. Учениците, запознавајќи се со големите човечки подвизи и славните периоди од минатото, во ист момент доаѓаат во допир и со темните епизоди од човековото постоење, како што се робовладетелството, колонијализмот, геноцидите. Често, во тие моменти се раѓа и првата искра на моралната свест. Во таква ситуација, историјата може да изврши некој вид на катарза, учејќи ги младите луѓе дека грешките од минатото кои човештвото скапо ги има платено, не треба никогаш повеќе да се повторуваат.

Во времето кога светот се карактеризира со брзи промени, оние кои се способни да ја согледаат денешницата во нејзината историска условеност, можат многу полесно да ги разберат процесите кои се одвиваат, бидејќи историјата нѐ учи дека ништо не се случува во вакуум, дека секоја сегашност е плод на претходни одлуки и околности.
Во светлото на сето ова што е напишано, историјата како наставен предмет мора да продолжи да се развива и да го задржи местото кое го има во образовниот процес, бидејќи таа е темелот, коренот на дрвото. А без корен, дрвото нема да опстане. Таа ја учи младината седната во училишни клупи да поставува прашања со смисла и да развива чувство на одговорност.

Во наставата по историја, детето за првпат се соочува со вистината дека ехото на секоја денешница ќе се слуша и во наредните векови, како што во денешницата се чувствуваат последиците од случките од пред столетија.

Историјата не постои поради минатото, туку поради иднината.

 

Душан Крстиќ,

наставник по историја во ООУ „Толи Зордумис” Куманово

Споделете ја оваа статија