Интервју со директорот на ООУ„Толи Зордумис“, Куманово, по повод Патронатот

Господине Младеновски, деновиве училиштето го прослави својот Патронен празник. Ви го честитаме празникот и Ви посакуваме уште многу успешни генерации.
– Ви благодарам за честитките и убавите желби. Патрониот празник е значаен ден за нашето училиште – ден кога се потсетуваме на вредностите и делото на нашиот патрон, кои и денес ни се водилка во воспитно-образовниот процес. Нашата мисија останува иста – да воспитуваме генерации млади луѓе подготвени за иднината, со знаење, почит и љубов кон татковината. Горд сум на сите ученици и наставници за нивната посветеност, труд и успешна работа во изминатата учебна година. Нивниот ангажман е основниот двигател на нашето училиште.

Основното општинско училиште „Толи Зордумис“ во Куманово учебната 2024/2025 година ќе ја заврши со нова енергетски ефикасна фасада, со што се направи значително исчекорување во унапредување на условите во училиштето. Кои се бенефити од овој проект?
– Инвестицијата во енергетската ефикасност на училиштата е инвестиција во иднината. Со овој проект на МОН, со поддршка од Општина Куманово се унапредува квалитетот на воспитно-образовниот процес. Со термоизолациската фасада се подобруваат условите за учење, се зголемуваат економските заштеди и се придонесува кон заштита на животната средина. Нашето училиште доби современ изглед со повисок стандард. Благодарни сме на сите кои беа вклучени во реализацијата на овој важен проект.
Основното општинско училиште „Толи Зордумис“ од Куманово континуирано продолжува со унапредување на условите за работата. Кажете ни нешто повеќе за идните проектите со кои ќе се подобрат условите за престој на учениците?
– Изминатиов период се заменети прозорците во фискултурната сала, поставена е термоизолациона фасада и во фискултурната сала и во најскоро време ќе се отпочне со реновирањето на кровот и внатрешноста. Со оваа реконструкција обезбедуваме современи и безбедни услови за спорт и физичка активност. Учениците ќе имаат на располагање функционален и пријатен простор кој поттикнува здрав развој и спортски дух.

Училиштето е добитник на Грант-програма за унапредување на квалитетот на работата на основните училишта од Светската банка и се опремени медијатеката со современи ИТ уреди, дигитализација на училишната библиотека и набавка на нови лектирни изданија на двата наставни јазика и уредување на дефектолошки кабинет со неопходни реквизити наменети за инклузивното образование.
Нашето училиште активно соработува со останатите училишта и институции и организации на ниво на општина Куманово и пошироко и учествува во проекти поврзани со меѓуетничка интеграција, еколошка едукација во образовниот систем, инклузивни часови, спортски натпревари и др.
Која е стратегијата на училиштето за во иднина?
– Стратегијата на училиштето е подобрување на инфраструктурата и континуирано вложување во образованието на младите. Со подобрување на просторните и материјалните услови ќе се овозможи изведување на настава неколку нивоа над досегашната која ќе биде во чекор со современото време, прилагодена за потребите на сите ученици без разлика на нивните потреби, организирање на училишни спортски активности и настани во квалитетен простор.
Вложување во осовременување на наставата преку употреба на дигиталната опрема и користењето на дигиталните алатки претставува еден од нашите приоритети во насока на подобрување на квалитетот на наставата. Со користење на современи дигитални алатки, им овозможуваме на учениците интерактивно, интересно и ефикасно учење, прилагодено на потребите на новите генерации. Ваквиот пристап не само што ја зголемува мотивацијата кај учениците, туку и го зајакнува нивното критичко размислување, креативноста и дигиталната писменост односно вештини неопходни за успех во современото општество.

Имате ли порака до учениците, вработените и родителите во ООУ „Толи Зордумис“?
– Драги ученици, знаењето е ваша сила, а трудот и вредностите се вашиот патоказ. Продолжете да сонувате големи соништа, но работете вредно за остварување на истите.
Почитувани наставници и вработени во училиштето, нашата мисија продолжува со секој нов ден, секој ученик, секој напредок и насмевка.
Драги родители, ви благодарам за вашата доверба и поддршка. Ова училиште е вистински избор за вашите деца.
Господине Младеновски Ви благодариме и посакуваме уште многу години на квалитетна образовна работа.
