Во првите школски чекори, кога детската душа сè уште трепери пред непознатото, одделенскиот наставник станува тивок градител на воспитно – образовниот пат – не само прв учител, туку и прв водич, кој со љубов, трпение и мудрост ги обликува темелите на знаењето и вредностите што ќе ги носат низ целиот живот.
Улогата на одделенските наставници е клучна во правилниот развој на една индивидуа, особено во најраните фази од развојот на еден човек. Тие не се само пренесувачи на знаење, туку и поддржувачи и инспирација за децата во најчувствителниот период од нивниот живот. Нивната улога е незаменлива за создавање на здрави, самоуверени и успешни личности.
Современото образование сè повеќе ја препознава вредноста на образованието низ игра каде старите традиционални игри добиваат ново, образовно значење.
Одделенските наставници од ООУ „Толи Зордумис“ ја вметнуваат традицијата на нивните часови, прилагодувајќи ги детските игри во современиот наставен процес и наставата станува поинтересна, подинамична и поефикасна, а учениците стекнуваат знаење низ игра.
Како предлог се следниве традиционални игри што можат да се прилагодат во училница или фискултурна сала.
1. Жмурка (Криенка-миженка)
Ова е класична игра која може да се претвори во едукативна потрага по информации. Наставникот може да сокрие прашања или задачи низ училницата, а учениците, слично како кај „жмурка“, треба да ги најдат и да ги решат. Така се поттикнуваат концентрацијата, логичкото размислување и тимската работа.

2. Гатанки и загатки
Гатанките и загатките се одлични за вежбање на логика, јазик и креативно размислување. Во училишна средина може да се користат за мотивација при воведување нова тема, проверка на знаење или како натпревар меѓу групи.

3. „Не лути се човече“ со прашања
Оваа игра може да се прилагоди така што секое поле на таблата ќе содржи прашање или задача поврзана со наставната содржина. Играчите треба да одговорат точно за да продолжат понатаму, што ја прави играта забавна, но и поучна.

4. Составување зборови
Игри со букви и составување зборови се многу корисни за збогатување на речникот, развивање на правопис и јазична писменост. Играта може да се организира и како натпревар меѓу ученици или тимови.

5. Игри со улоги
Симулирање на професии (учител, доктор, новинар…) може да се користи за унапредување на комуникациските вештини, развивање на критичко мислење и разбирање на општеството. Таквите игри можат да бидат дел од часови по општествени науки, јазик или граѓанско образование.
6. Игри со движење и физичка активност

Комбинирањето на физичка активност со учење е особено ефикасно кај помалите ученици. На пример, може да се постават математички задачи на подот, а ученикот треба да скокне на точниот резултат. Ова ја зголемува мотивацијата и го олеснува учењето.
Учењето низ игра има моќ да го направи образованието поблиску до интересите и потребите на децата, затоа што играта е нивниот омилен дел од секојдневието. Преку игрите, особено се негува љубопитноста кај децата. Љубопитно дете е дете кое лесно ќе учи. Дури и возрасните, ако усвојуваат нови поими низ игра, тоа го прават со леснотија.
Па ајде да си играме квалитетно, да ги фрлиме телефоните на страна, компјутерите нека останат во кабинетите и детските соби, а нашите детски души да ги отвориме за нови знаења!
„Со креативен пристап, игрите од минатото можат да станат основа за образованието на иднината.“ – ова е мотото на одделенските наставници од ООУ „Толи Зордумис“, Куманово.
Р.П.
