Македонска „Бајка“

Уредник
Се чита за 6 минути

(Профил на личност од религиската фела)


Да го напишам овој текст ме поттикна еден наш почитуван свештеник кој размислувал за поим-от „Грижа (емпатија/сочувствување/разбирање) “.

Нашиот јунак вели: Дојдов до заклучок дека грижата е всушност љубов ставена во актива. Но, која „љубов?“ Онаа „љубов“ која ни е дарена од Духот Свет, онаа најдлабоката во нас, онаа која има осет за другиот! Љубов која има мудра сила во одговорноста за потребите на другиот… Како осет и одговорност да му посведочиме дека овој, инфициран со злото, свет има свој спасител! Зошто денес огромен процент од луѓето се како „муви без глави“, како потонати во вртлогот на безнадежност која креира тотална прагматичност и обземеност само со остварување на лични, вакви-такви задоволства и површна „успешност“?

Увид: Грижата за друг е последица на рационалниот образец којшто го произведува разумот како систем на управување со човекот. Егото е негативен аспект на разумот. Преголемата грижа за друг е негрижа. И нема никаква врска ниту со светиот дух, ниту со одговорноста за потребите на другите. Оваа се „Фантазии – несуштински мисли (Карл Густав Јунг)“ на интелектуалец кој има свест, а нема свесност.

Нашиот јунак: Затоа што денес скоро никој искрено и благодатно не се грижи за другиот, за ближниот, за оној што е блиску до нас!

Увид: Негрижата за друг е последица на неспособноста на човекот за сочувство. А тоа е возможно само доколку ве управува свесноста како систем на управување на човекот.

Нашиот јунак: Затоа што бесчувствителноста, егоизмот, себичноста, подлоста и пресметливоста на ближните брзо ја разоружува нашата неблагодатна и немудра љубов/грижа!

Увид: Вакви заклучоци произлегуваат од некој управуван од разумот кој е неспособен за љубов (з.а. се однесува на разумот), иако истиот си „мисли дека ја спознал состојбата на безусловната и чиста љубов (з.а. се однесува на нашиот јунак).
Како може бесчувствителноста, егоизмот, себичноста, подлоста и пресметливоста на другиот да ја разоружа мојата љубов? Дали мојата состојба на љубов зависи од друг? Дали љубовта е толку слаба? Од кого зависи мојата љубов кон себеси? Од друг или од мене? Апсолутно и само од мене.

Нашиот јунак: Затоа што денес ретко и точно се говори во вистинска смисла за спасението, за патот на спасението и за спасителот!

Увид: Во што е смислата на спасението? Која е целта на спасението? Каде се наоѓа изворот на спасението? А-ха, еурека. друг (Господ) е нашиот Спасител, а ние го имитираме. Друг ме спасува мене, а јас спасувам друг. Ако јас сум „Спасител“ и се грижам за друг каква врска има со тоа Господ?

Нашиот јунак: Затоа што денес најголемиот процент од луѓето се грижат само за себе. А таа „грижа“ само за себе не е плод од благодатната љубов, туку најчесто е плод од неуспехот со ближните да изградиме нормални меѓуличносни односи, но е плод и на пресметливото его – кое ние христијаните го нарекуваме и себељубие и себедоволност – а кое знае крајно успешно животот уште тука да ни го претвори во пеколен!

Увид: Ваквите „интелектуални егзибиции со поими“ служат само за забава, но кога доаѓаат од претставник на сериозна институција тоа незнаење што го промовира станува трагично (последиците ќе ги трпи „некој друг односно верниците“, а не загрижените за друг).
Грижата за себе е предуслов да научиме да се грижиме за друг. Ако не се грижам за себе, поради што би се грижел за друг? Можеби се грижам за друг за да не мисли дека сум лош човек? Можеби се грижам за друг бидејќи имам желба тој да ме сака? Можеби се грижам за друг бидејќи сметам дека другиот е неспособен (дете) да се грижи за себе? Можеби се грижам за друг бидејќи грижата ми носи профит? Па јас, „Спасителот“ сум тука за него.
А-ха, еурека. Ако имам изградено нормални меѓуличносни односи тогаш таа „грижа“ само за себе е плод од благодатната љубов. Значи од интерперсоналните (меѓуличносни) односи (од мене и од друг) зависи како некој ќе ја толкува мојата грижа за себе. Уште да ни „објаснеше со размислување“ нашиот јунак што е „нормалност, а што е „нова нормалност“ во интерперсоналните односи можеби вистински ќе влееше надеж во второто доаѓање на Богочовекот. Ова веќе наликува на филмски жанр – комедија.

Нашиот јунак: Така некако заврши моето размислување за вистинското значење на зборот „грижа“ :).

Увид: Ете така звршува секоја „интелектуална егзибиција“ со поими кои ги произведува и толкува разумот. грижата (за друг) е својство на разумот. Колку поголема грижа за друг покажуваме толку е поголема нашата неспособност да се грижиме за себе.

Заклучок: Никогаш, повторувам никогаш, грижата не била својство на свесноста бидејќи да се грижиш за некого или нешто не значи и да имаш љубов. За такво нешто е потребно само пожртвуваност и (само) одрекување за кои разумот „Мисли“ дека се љубов.

Наградно прашање: Ако еден разумен слепец го замените со друг разумен слепец – каква промена ќе се случи во реалноста?

 

Горан Стевчевски Џина
М-р по психолошки науки – клиничка и советодавна психологија
Сертифициран обучувач на возрасни
Основач на S. A. V. E. (Спонтано свесно визуелно искуство) – методот на Имагинативна терапија и ЦЕНТАР ЗА ВИЗИОЛОГИЈА И ИМАГИНАТИВНА ТЕРАПИЈА

Автор на 12 книги од психолошка и духовна област

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија