КОНЦЕРТ ЗА ПАМЕТЕЊЕ: Великанот Панче Пешев „живее“ во секој чекор на играорците!

Уредник
Се чита за 8 минути

По повод 81 година од смртта на великанот и народен херој Панче Пешев, во преполната сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на 13 јуни 2025 годинотсвиренаќа се одржа годишен концерт на Културно уметничкото друштво кое со гордост го носи неговото име.

– Борецот за слобода и независност Панче Пешев, активист во движењето за праведна борба, континуирано се градеше и како музичар и композитор со незаменлив музички талент. Патронот на кумановското културно – уметничко друштво живее во секој чекор на неговите членови кои го чуваат од незаборав. Овде не се бројат годините што со брзина изминуваат, овде не е важно дали имаш 7 или 77 години, овде е важна само љубовта кон играта и песната, кон сопствената културна традиција која се негува скоро еден век што е навистина реткост, со овие зборови водителката Наташа Крушиќ Лазаревска на највисоко водителско ниво го најави концертот, кој таа ноќ ги вознесе чувствата на публиката.

Претседателот на КУД „Панче Пешев“, Зоран Илиевски прв ги поздрави присутните гости, пред сѐ како домаќин на овој културен настан.

– Ви посакувам „Добредојде!“ на годишниот концерт. Исто така со гордост сакам да истакнам дека наредната година ќе одбележиме сто години постоење, сто години работа, сто години труд, преку игра и песна. И ќе се обидеме да подготвиме спектакл кој долго ќе се памети, како и овој, меѓудругото рече во својот поздравен говор.

На самиот почеток, плакета како благодарност за неговата лична заложба, труд и ангажман цели 50 години, му беше доделена на човекот кој меѓу членовите на Ансамблот е познат како чичко Мирче, Мирон Спасовски, член од 1975 година, кој до 2001 година работел како домаќин, за да потоа членува волонтерски како Шеф на Оркестарот (одговорен за народните носии) и како член на Претседателство на друштвото. Запаметен е како музичар кој свири на гусла, кларинет и раководи со женската пејачка група.

– Сакам да се заблагодарам за вниманието, за почитувањето и големото дружење сите овие години со голем број генерации, истакна чичко Мирче на сцената.

Од името на Градоначалникот и Советот на општина Куманово се обрати Дарко Митевски, нагласувајќи ја улогата на КУД „Панче Пешев“, како долгогодишен амбасадор, чувар на културни вредности, во земјава и во странство.

„Да се обидеме со заеднички сили да ги сочуваме идентитетот и вредностите кои немаат цена. Да продолжиме да ги промовираме по светот нашата умешност и талент, преку претставување на фолклорното богатство на татковината која е наш единствен дом, затоа што овде сонцето најубаво грее, затоа што сме овде свои на своето“…

***

Она што следуваше по воведниот говорен дел беше рамно на спектакл. Од првата отсвирена нота и одигран чекор, до последната.

Динамично, весело, радосно, со пиетет кон патронот.

На концертот настапија женска и машка пејачка група, детските фолклорни состави, младинските, припремните, првата стандардна постава, кои изведоа сплет од фолклорни игри и ора и интерпретација на песни, кореографски подготвени од Горан Дишковски, Марина Поповска и Наталија Илиевска, со многу љубов и професионалност.

Делата беа изведени во три блока- во првиот: „Билјана платно белеше“, изведба на Миљана Кариќ и Вториот детски ансамбл, „Сплет игри и песни од Куманово“ со Младински ансамбл, како и „Китуше Митуше“ со Вториот детски ансамбл.

Во вториот настапија Машка пејачка група со „Искара си попадика“ и „Јадна Доца леб месила“, а „Леринско“ го изведе Подготвителниот ансамбл. Оркестар од изворни народни инструменти  се претстави со „Комитско оро“ и „Кумановка“, а Првиот ансамбл со „Повардарие“.

Во третиот блок задоволството беше големо да се слушне Женска пејачка група како ги пее „Сараќино моме“ и „Заблеало рудо јагне“, а кулминацијата настапи со настапот кој восхити, на најмалите и најмилите, вистинските дијаманти во круната на концертот, дечињата од Првиот детски ансамбл како ја пеат „Зурли трештат“ и „Сред село“.

Она најубавото, беше чувството на среќа гордост кое на публиката ѝ го пренесоа играорците кои кога излегоа на сцената и заблескаа, и кога истовремено и шлакаа со рачињата за да одржат ритам, на рефренот  „…Оздол’ иде стар бел дедо, засукал мустаќи, право трга на орото и одма се фати…рум-дум-дум“.

Сите настапувачи со своите пејачки играорни точки уште еднаш потврдија дека македонскиот фолклор е многу богат.

На крајот на безмалку двочасовниот концерт сите заедно, околу стотина учесници, ја запеаја „За многу години Македонци“.

Вечер исполнета со фолклор, младост, играорна перфекција, емоции и гордост!

Ората и песните кои ги видовме и слушнавме,  направија срцата на сите во салата да пулсираат возбудено во ритамот на секој отсвирен тон и секој одигран чекор, а меѓу нив имаше и многу поранешни членови од оваа фолклорна група, кои со светкави очите ги гледаа играорците како вешто и кршно играат, а многумина од нив и своите потомци и наследници.

Генерации и генерации поминале низ ова културно уметничко друштво, кои децата ги прави за искуство побогати од своите врсници, а возрасните ги прави засекогаш горди граѓанини, а и самите го сметаат и истакнуваат тоа како важна референца во својата „лична карта“ и животна приказна.

КУД „Панче Пешев“ од Куманово е чувар на националниот идентитет и на културното наследство, танцот и обичаите и успешно опстојува 99 години.

Во својот состав има околу 200 активни членови.

И најважното – вистински предизвик е да се избориш за место на традицијата во современиот свет на технологијата и интернетот, и да анимираш толку многу млади и мали дечиња да се насочат кон играорното културно наследство. Потребна е голема упорност и издржливост, добар и професионален тим на луѓе, на кои навистина заслужува срдечно да им се честита.

Догодина, нека се слави среќно еден век!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Фотографии: Официјална Фб страница на НУЦК „Трајко Прокопиев“

 

Панче Пешев македонски композитор, музичар, комунист и учесник во НОВ (15 јули 1915, Велес – 5 јуни 1944, Кушкулија, Струмичко, убиен од бугарските окупатори).Уште како ученик ја започнува револуционерната и музичката активност. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935 – 1936). По повод избувнувањето на Шпанската граѓанска војна ја компонира масовната песна „Класје зелено“ на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.

Поради револуционерната дејност често пати бил затворан, а во јануари 1941 година е интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Додека бил во логорот, тој основал хор во затворот.

Бил дел и од Редакцијата на весникот „Дедо Иван“… Во ноември 1943 станува борец на Кумановскиот партизански одред, а потоа и на Третата македонска бригада, каде ја компонира музиката на популарната македонска борбена песна од НОВ, која станува и Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“, на текст напишан од Ацо Шопов.

Неговиот татко, Никола Пешев по ослободувањето, станал градоначалник на Куманово.

Во негова чест и Нижото музичко училиште во Куманово го носи неговото име, а Сојузот на композиторите на Македонија ја доделува наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија.

Споделете ја оваа статија