Николина Милевска, Даниела Стојановска и Слаѓан Станковиќ се најдобрите просветни работници на Куманово за 2025 година, а најдобар ученик е Алдон Синани од училиште „Јероним де Рада“ од село Черкези. Тие беа прогласени на 17.06.2025 година, во Домот на занаетчиите.
Во присуство на просветни работници, директори на основните и средните училишта, градоначалникот Максим Димитриевски, претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, раководителот на Сектор за образование, Александар Јовановиќ, и претставници на медиумите, Здружението на просветни работници Куманово ја одржа својата годишна свеченост.
Со инструменталната изведба на виолина – на Каја Поповска во пијано придружба на Антонио Тимчевски со композиција „Чардаш“од Виторио Монти, ментор: Милена Гиевска Андоновска од училиште за Основно музичко образование „Панче Пешев“ Куманово, почна свечено прогласување на просветен работник на Општина Куманово за 2025 година, кое го водеше Ана Марија Стефановска.
Градоначалникот Димитриевски и Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово, најпрво, со свои говори ги поздравија присутните.
Градоначалникот истакна дека за него е чест да присуствува на оваа манифестација, а уште поголемо задоволство што беа присутни пензионирани професори и наставници кои се вградувале во многу генерации.
Тој се заблагодари на сите просветни работници и најави дека ќе продолжат да инвестираат и да создаваат подобри услови за учење на најмладите.
– Ги имаме едни од најдобрите средни училишта во државата, со највисоки и најквалитетни услови во работењето, а инвестиравме и во основни училишта. Куманово е еден регионален образовен центар и ние имаме интенција да се шириме, не само во делот на основното и средното образование, тука нашата цел е еден ден Куманово да стане реално студенстки град, нагласи тој.
***
По прекрасната вокалната композиција „Die lotosblume“ од Шуман во изведба на Ева Симоновиќ, од класа на проф м- р Ивана Андоновска, од Основно музичко училиште „Панче Пешев“, се обрати претседателката на Здружението на просветни работници на Куманово, Анита Димовска и додели награди на ученици и ментори и благодарници на ликовни педагози, за ликовната работилница којашто се одржа на 20 мај во чест на сесловенските просветители – светите браќа Кирил и Методиј.
Потоа танцовото студио „Виртус“ ги почестија присутните со прекрасна изведба со кореографија „Вила“.
Во следниот дел кој беше и свечен чин, повторно претседателката Димовска, ги прогласи најдобрите просветни работници и додели плакета, врамено признание и наградена врамена ликовна творба на најуспешните просветни работници на Општина Куманово за 2025 година- Николина Милевска ООУ „Кочо Рацин“, Даниела Стојановска ООУ „Христијан Карпош“ и Слаѓан Станковиќ ОСТУ „Наце Буѓони“.
По прекрасната изведба на кореографија „Станга“, од страна на танцовото студио „Динамик“, Димовска додели благодарници на Музичко училиште Панче Пешев“, танцовото студио „Виртус“, танцовото студио „Динамик“, на Драган Велков за сесрдна поддршка и Сандрина Арсовска Јовановски.
Благодарници и наградени врамени ликовни творби примија и Градоначалникот Максим Димитриеврски, Претседател на Совет на општина Куманово и Сектор за образование при Општина Куманово.
Александар Јовановиќ, раководител на сектор за образование при Општина Куманово, се обрати и додели диплома, плакета и монета на првенецот на генерација – Алдон Синани од училиште „Јероним де Рада“ од село Черкези.
***
Наградени беа ученици и ментори од основните училишта на ликовна работилница „Свети Кирил и Методиј“:
– Прва награда Теја Блажевска, ООУ „Христијан Карпош“, ментор Магдалена Аневска Дичевска;
– Втора награда Мина Крстевска ООУ „Браќа Миладиновци“, ментор Марина Цветановска Мартиновска;
– Трета награда Клаудија Љубевска ООУ „Толи Зордумис“, ментор Далибор Крстевски и
Тијана Кипријановска ООУ „Магдалена Антова“, ментор Елена Спасовска Радошевиќ.
Исто така награди примија и ученици и ментори од средните училишта на ликовна работилница „Свети Кирил и Методиј“.
– Прва награда Нела Апостоловска СОУ „Перо Наков“, ментор Милена Антовска;
– Втора награда Ивона Трајковиќ СОУ „Гоце Делчев“, ментор Валентина Јовановска.
– Трета награда Леонтина Цветановска ОСТУ „Наце Буѓони“, ментор Тања Соларска Темелковски и Тамара Милевска, СОУ“ Перо Наков“, ментор Марко Ристовски.
***
Во просторот на Домот на занаетчиите беа изложени и 30 ликовни творби на учениците од основните и средните училишта, кои под менторство на нивните професори посветено твореа и креативно се изразија преку техника акрил на платно на ликовната работилница во чест на сесловенските просветители, а во организација на Здружението на просветни работници на Куманово.
Р.П.