Здружението на просветни работници на Куманово, со свеченост во Домот на Занаетчиите, на 18 јуни 2025 година ги прогласи првенците на генерација од основните и средните училишта од оваа општина.

Аплаузите за најдобрите дојдоа од страна на бројни родители, наставниците, просветните работници, директорите на училишта и јавните институции, како и претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска, раководителот на Сектор за образование Александар Јовановиќ, претседателката на ЗОН – „Учител“ Душица Јакимовска, претставници од бирото за образование и државниот просветен инспекторат и претставници на медиумите.

Ана Спиридоновска, првенец на генерација на Училиштето за основно музичко образование „Панче Пешев“ на почеток имаше прекрасна инструментална изведба на виолина, во пијано придружба на проф. м-р Марко Митковски, композицијата „Концерт“ од Жан Батист Аколај, ментор: Милена Гиевска Андоновска.

По обраќањето на Ивана Ѓорѓиевска, повторно следуваше настапот на ученици од „Панче Пешев“, вокална изведба на Ева Симоновиќ, соло пеење, во класата на проф. м-р Ивана Андоновска – композиција „An die muzik“ од Шуберт, во пијано придружба на проф м-р Марко Митковски, од Училиштето за основно музичко образовние „Панче Пешев“.

„Мозаикот на Пафта – словенските корени на македонскиот народ“ беше следната точка, со љубов подготвена од танцовиот спортски клуб „Динамик“ и танцово студио „Виртус“.
Ведран Стојковски и Кристина Величковска од „Динамик“ ја изведоа кореографијата „Зорја“ -кореограф проф. д-р Тања Китановска и костимограф м-р Давид Стојановски.

„Виртус“ се претстави и со „Кавал свири“, во кореографија на Влатко Стефановски, а костимографија на м-р Давид Стојановски.

Претседателката на Здружението на просветни работници на Куманово Анита Димовска, одржа поздравен говор и додели благодарници, а се обрати и Сандрина Арсовска Јовановски.

„Динамик“ повторно настапи, овој пат со кореографијата „Баба Јага“, кореограф проф. д-р Тања Китановска и костимограф м-р Давид Стојановски.

Крајот делото го краси, па така ова денешно дело – свечен годишен настан, беше украсено со доделувањето на плакети на вкупно 29 првенци на генерација од основните и средните училишта.

Претседателката на Здружението, Димовска, им додели плакети и дипломи на првенците на генерацијата, претседателот на Совет им додели монети и ваучери, а во име на сите првенци се обрати Стефанија Мартиновска, со што навистина крајот го украси делото и заедничко фотографирање за спомен од настанот кој донесе многу гордост и солзи радосници и кај првенците и кај родителите и наставниците кои се вложиле во нив.
Р.П.
