НА 30 ЈУНИ ВО НУЦК „ТРАЈКО ПРОКОПИЕВ“: „Аладин во царството на соништата“

Уредник
Се чита за 2 минути

Театарската претстава за деца и млади и мјузиклот „Аладин во царството на соништата“ ќе се прикаже во понеделник на 30 јуни 2025 година, со почеток во 20 часот, во НУЦК „Трајко Прокопиев“, Куманово.

Фантастична приказна, која ќе ги одведе најмладите и сите љубители на театарот во светот на соништата, добрината и храброста, каде што секој може да ја пронајде својата внатрешна магија и да поверува во остварувањето на своите желби.

Оваа театарска претстава е спој на три уметности на сцена: музика, глума и танц.

„Аладин во царството на соништата“ не е само претстава – тоа е празник на детската фантазија и радост, каде што секое дете може да биде херој во својот свет на соништата. Тоа е вистински спектакл со богата сценографија и костими, оригинални авторски песни кои ќе ги пеете уште долго по претставата, ведрина, хумор и поуки за пријателството, љубовта и вербата во себе, приказна за Аладин и неговите пријатели во борба за доброто и остварувањето на своите соништа…

– Во овој проект се вклучени нашите млади и надежни пејачи Мартинијан Кириловски, Драгана Јовановска, Мина Блажев како и членовите на музичката секција при нашиот Кумановски културен центар, вели организаторот.

Режијата е на Горан Илиќ, либретото на Горан Илиќ и Мерлин Стојановска, музика на Шпенд Љатифи, текстот е на Бисера Петрушевска и Мерлин Стојановска и кореографијата е на Мерлин Стојановска од студиото за танц „МАК“. Костимографија Александар Рашковиќ и Марија Гигов, гласови Мина Блажев, Драгана Јовановска, Мартинијан Кириловски, Сара Лефтерова, Нина Бурназовска, Анабела Крстевска, Кјара Ристиќ, Неда Темелковски, Ања Додевска и Шпенд Љатифи.

– Ова е втор по ред мјузикл во наша продукција, претходната година го имавме „Авантурите на Капетан Џон Пипл Фокс“ од Душко Радовиќ кој беше многу добро прифатен од публиката, имавме премиера и пет репризи и едно гостување на меѓународен театарски фестивал за деца „Исадора Данкан“ во Нови Сад, каде што добивме награда за најдобра главна улога на Кјара Ристиќ за улогата Капетан Џон Пиплфокс, велат од студиото за танц „МАК“.

Р.П.

Споделете ја оваа статија