Познатиот кумановски радио водител и автор Бобан Петковски, денес активен творец во Словенија, неодамна го објави својот прв роман на словенечки јазик. Станува збор за младински научно-фантастичен роман на 176 страници, во издание на издавачката куќа „Примус“.
Со читателите на „Плоштад“ ја споделува оваа книжевна ексклузива и ни дава објаснување за романот, кој носи наслов „Таму каде што живеат змаевите“.

Во свет каде што културите често само се среќаваат, но ретко вистински се преплетуваат, овој роман претставува драгоцен доказ дека литературата не познава граници.
Преку возбудлива и фантастично обоена авантура, читателот влегува во свет каде што историјата, митот и науката се преплетуваат, каде тајните на минатото оживуваат во сегашниот момент.
Дејството на романот се одвива во реален географски простор, во околината на Љубљана и Врхника, но во себе носи древна, митолошка приказна.
Главните ликови Нина и Лука, новинарка и археолог, случајно откриваат траги од златното руно, кое според преданијата Аргонаутите го донеле од Грција, по текот на Дунав и Сава сè до словенечките предели.
Романот е напишан на јазик достапен за младите, но никогаш поедноставен. Авторот е свесен дека младите читатели бараат повеќе од само акција – им треба смисла, архетипски приказни, внатрешен раст. Во тој смисол, романот се издвојува: не е само книжевна авантура, туку интимно патување на двајца млади луѓе, кои среде историската мистерија, бараат и делче од вистината за себеси.
Бобан Петковски е роден во 1969 година во Куманово. По дипломирањето по југословенска книжевност на УКИМ во Скопје работел како новинар, радиоводител и текстописец за македонски музички изведувачи. Неговиот поетски опус брои над 320 снимени песни, а и покрај тоа што неговиот пат е поврзан со медиумите и музиката, литературата останува негово главно изразно средство.
Во 2009 година се пресели во Словенија, каде и денес живее и твори. Преодот од еден јазик кон друг не бил само техничка задача за него, бил и животен предизвик.
Да се пишува на јазик кој не е мајчин, а да се создаде оригинално, богато и жанровски прецизно дело, бара исклучителна чувствителност и храброст. Романот „Таму каде што живеат змаевите“ е токму резултат на оваа креативна внатрешна миграција. Не е случајно што зборува за јунаци кои го бараат изгубеното злато. Петковски како автор го пронашол своето „злато“ во јазикот кој го прифатил и оформил и преку него им се обраќа на новите генерации.
Културно значење и книжевна вредност романот не е значаен само затоа што е првенец на нашиот македонски автор на словенечки јазик, туку и затоа што пополнува празнина на полето на младинската фантастика.
– Во време кога доминираат преводи од англосаксонскиот свет, роман како „Таму каде што живеат змаевите“ сведочи дека и кај нас во Словенија и пошироко во регионот – постои митолошко богатство кое е актуелно и инспиративно“. Бобан Петковски со книгата „Таму каде што живеат змаевите“ напишал приказна која никој друг не би можел да ја напише – затоа што ги обединува богатата наративна традиција на Балканот, личното искуство на странец во нов свет и љубовта кон литературата која ги надминува сите граници, заклучуваат словенските критичари.
Во ова дело станува збор за многу повеќе од авантура – тоа е културно искуство кое ја поттикнува фантазијата, но истовремено гради мостови меѓу народи, јазици и генерации.
– Повеќе од петнаесет години живеам во Словенија, која денес гордо ја нарекувам свој втор дом. И уште повеќе – токму во оваа прекрасна земја ми се исполни една од моите најголеми животни желби – да напишам роман на словенечки јазик. Како некој што не е роден во Словенија, морав да изминам долг пат – јазичен, културен и личен. Но, токму затоа верувам дека фантазијата нема граници. Ако си преселник, писател, сонувач – или сето тоа заедно, тогаш знаеш дека домот не е само место каде што живееш. Домот е местото каде што зборовите те прифаќаат. А словенечкиот јазик ме прифати. Затоа сум горд што можам да кажам: „Таму каде што живеат змаевите“ не е само книга! Тоа е симбол на сè што можеш да постигнеш ако ја следиш фантазијата, срцето и упорноста. Нека змаевите на овие страници не ви внесат само страв, туку и инспирација. Нека Нина и Лука ви покажат дека во секој од нас се крие искра на храброст. И нека овој роман биде мал мост меѓу две култури – македонската и словенечката – а голема приказна за сите што веруваат во моќта на младинската литература, со овие зборови авторот ѝ се обраќа на неговата словенечка читателска публика, на љубители на книгите, деца и возрасни, кои сè уште веруваат во моќта на фантазијата.
Официјалната промоција во Словенија ќе следува наесен, се веруваме и препев на македонски јазик.
Валентина Ѓоргиевска Парго
