На 5 и 6 јули 2025 година, градот Куманово ќе пулсира во ритамот на кошаркарската топка. Имено, на кошаркарското игралиште во Соколански парк ќе се одржи дводневен спортски настан во баскет, 3 на 3, во рамките на „Турнирот во уличен баскет“.
Натпреварувачите се од Куманово и од други градови на земјава, а една екипа ќе пристигне од Ниш, Србија.
Од страна на организаторот информираат дека има вкупно 16 пријавени екипи и преку 20 индивидуалци, бидејќи исто така има и натпревари во шут за 3 поени.
Наградниот фонд за победниците се: 40.000 денари за прво место, 12.000 денари за второ место, 6.000 денари за трето место и 6.000 денари за победник во шутирање на тројки.
Како организатор на овој турнир по прв пат се јавува Здружението „Граѓанска иницијатива за развој на социјален капитал“, кое срдечно ги поканува своите сограѓани и љубители на „тркалезната магија“ на викенд исполнет со спортски адреналин, урбана енергија и на поддршка од трибините, затоа што, како што вели познатата кошаркарска поговорка која поттикнува на успех: „Некои луѓе сакаат тоа да се случи, некои посакуваат да се случи, други прават тоа да се случи“.
Натпреварите почнуваат од 18 часот.
