Годишното издание на најголемиот летен музички фестивал на отворено во Македонија, Д- фестивал, почнува вечерва, 4 јули, во градот под Исарот, Штип.
Во трите фестивалски вечери од 4 до 6 јули, на „Главната сцена“ и на таканаречената „Москито сцена“ ќе настапат повеќе од 40 силни музички изведувачи, меѓу кои и македонските „Архангел“, „Мизар“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, „Љубојна“, „Паркети“, Пијан Славеј, Дина Јашари, од соседството „Буч Кесиди“ и „С.А.Р.С.“, британските дарк-рок пионери „Sisters of mercy“, реге- легендите „Inner Circle“ и Макс Кавалера со својот бенд „Soulfly“, како и актуелната евровизиска атракција Томи Кеш од Естонија, со виралниот хит „Еспресо, макијато“…

Годинава фестивалот ја негува хуманитарната нишка и иако влезот за посетителите е бесплатен, организаторот „Пасворд продукција“ во соработка со иницијативата „Support Kocani“ дава можност за купување на таканаречените хуманитарни билети по цена од 1.500 денари, кои средства ќе бидат наменети за помош на повредените и семејствата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Програмата е возбудлива и концертите ќе се одржуваат покрај реката Брегалница, каде што се наоѓа и Градскиот стадион, за главните концерти, а во иднина во еко-парковите покрај реката и под тврдината Исар се планираат фестивалски кампови, како што беше во претходните години.
15. издание на овој фестивал, кој досега 14 пати се одржуваше во Дојран и затоа беше насловен Д-фестивал, се одржува во Штип по прв пат, сѐ уште под истото име, но да претпоставиме дека можеби во иднина ќе го земе и иницијалот на овој убав музички град, кој е одбран и заради тоа што е и студентски и има поголем број сместувачки капацитети.
Во секој случај – место каде што, без оправдувања, треба да бидете викендов!
Музика од сите страни и музика за сите вкусови и генерации, која ќе ви го означи лето 2025-то.
Р.П.
