„Размислувањето е тешко, затоа повеќето луѓе судат“- Карл Густав Јунг
Зоран Витанов напиша отворено писмо до Македонците. Неговата намера е благородна и достоинствена, но не е проследена со духовно знаење кое е неопходно во градењето и зачувувањето на било каков идентитет. Ќе се задржам на неколку сегменти од неговото писмо.
Витанов: Вистината се утврдува со логика, а логиката почива на аксиомата дека постоењето постои. Логиката е уметност на непротивречна идентификација Противречности не постојат. Ништо не е противречно во однос на сопствениот идентитет!
Увид: Разумот има дуална природа. Поради неговата природа тој создава противречности. На пример- лековите! Тие служат во лекувањето на болестите, но истовремено имаат и нусефекти (штетни се) по здравјето на човекот. Ова укажува на непознавање на природата на разумот.
Витанов: Реалноста е таа што постои, нереалноста не постои. Нереалноста е само негација на постоењето.
Увид: Ова не е точно. Нереалноста постои и таа е илузијата на постоење која што ја создава разумот за да не заштити од болката и стравот.
Витанов: Нереалноста е содржина на човековата свест кога ќе се обиде да си го напушти разумот.
Увид: Од ова произлегува дека единствена реалност која постои е реалноста создадена од разум-от. Значи постои само нешто што е реално и логично. Ако нереалноста не постои како што се тврди погоре во текстот како може таа нереалност да стане содржина на свеста? Како нешто што не постои во нас може да го пронајдеме во нашата содржина?
„Не можете да пронајдете нешто во себе доколку тоа не постои во вас“, ќе каже Карл Густав Јунг.
Ова е незнаење на нашиот јунак. Обратно е. Нереалноста може да стане содржина на човековата свест кога човекот се наоѓа во фаза на емотивност или промисленост во процесот на еволутивен развој на разумот.
Витанов: Вистината е препознавање на реалноста. Разумот е единственото средство за знаење на човекот и е единствено негово мерило на вистинитоста.
Увид: Вистината е победа над самиот себе, или доколку милувате- препознавање на внатрешните вредности кои инспирираат и кои не постојат во реалноста создадена од разумот. Разумот е „средство“ кое меморира и репродуцира научено знаење.
Според Ајнштајн: „Здравиот разум е збир на предрасуди (лажни уверувања) кои сме ги стекнале до 18- тата година“. Како е можно разумот да биде единствено мерило за вистинитоста?
Пример- референдумот во Македонија се спроведе. ДИК следејќи го законот на фактите (логиката и разумот) прогласи неуспешен референдум. Од друга страна оние што гласаа за промена на името се повикаа исто така на разум-от изнесувајќи вистина (600.000 луѓе или 92% гласале за промена на името).
Увид: Која вистина е вистина на разумот? Она што го тврди ДИК има логика (факт). Она што го тврдат другите има логика (факт). Кога еден факт ќе извадите од целината, тој станува вистина. Ова е потврда дека со рационализација и релативизација може да се смени вистината. Па како разум-от може да биде единствено мерило за вистинитоста? Повторно незнаење.
Витанов: … ништо освен човековиот ум не може да го врши тој комплексен, деликатен, суштински важен процес на идентификација- размислувањето! Ако престанете самите да размислувате, престанувате да постоите. Македонци, мислам значи постојам! Слободната волја е вашиот ум да мисли или не мисли, тоа е единствената волја која човек ја има, вашата единствена слобода, избор кој ги контролира сите ваши следни избори и го одредува вашиот живот и вашиот идентитет. Вие сакате тој избор наместо вашата слободна волја изразена на референдум да ја замените со одлука на „шака“ корумпирани во собранието!?
Увид: Импулсот на физичка и духовна слобода оди во корелација со потребата да владеат, освојуваат и да се борат за сопствената сигурност. „Потребите на човекот станаа поважни од неговата човечност. Таквото нешто е природно кога ве управува разумот“, ќе забележи Карл Густав Јунг.
Витанов: Размислувањето е основната човекова доблест, а негова главна мана и извор на сите зла во човештвото е исклучувањето, своеволното изоставување на сопствената свест, одбивањето да размислувате! Не слепило, туку свесно одбивање да видите. Не незнаење, туку одбивање да знаете! Македонци, незнаењето е избор! Реалноста не може да се избрише, таа само може да го избрише бришачот.
Увид: Разумот ја создава реалноста. Како разумот кој создава „реалност која не може да се избрише“ ќе ја промени истата реалност? Во континуитет слушаме и читаме бесмислици.
Алберт Ајнштајн утврдил дека- не можеме да ги решиме нашите проблеми со истата свест (доколку користиме исто размислување) која ги создала проблемите.
Увид: Што правите за да им го промените размислувањето на другите? Апелирате да се освестат? Укажувате дека свесно одбиваат да видат? Како некој „да се освести“ кога „свесно“ одбива да види. Ова веќе не е незнаење. Ова е уште една бесмислица што укажува на свест која „инсистира“ да (о)стане чиста, но е тотално несвесна дека се дави во својата разумност.
Постои суштинска разлика помеѓу поимите да мислиш и да имаш свесност за своите мисли. Никој не одбива да размислува туку човекот се трга настрана пред психичкото и физичкото насилството (кое води кон негово исчезнување).
Човекот управуван од разум-от е неспособен да го види своето рационално слепило, па затоа правејќи проекција ги обвинува другите за „свесно одбивање да видат“.
Увид: Човекот управуван од интелектот и логиката е неспособен за свесност. Па како може тогаш свесно да одбива да прави нешто? Ова е класичен пример на интелектуалец кој има свест, а нема свесност. Класичен пример на програмиран човек кој мисли дека се бори „свесно“ против системот кој го управува.
Ќе повторам една моја констатација: „разумните слепци“ го живеат својот сон.
„Сонот на разумот“ создава чудовишта. Врвна промисленост. Претсмртна состојба, лудило на разумот како систем на управување на човекот.
Како се чувствува човекот кога го искористува „злото“ за себе?
Тој не чувствува. Тој калкулира, интерпретира, интелектуализира, создава илузија. Разумот и интелектот го наведуваат на тоа. Тоа е причината поради која е потребно да се маргинализираат, ќе каже Карл Густав Јунг.
Витанов: Кога човек ќе каже: „Кој сум јас да знам?“, тој вели: „Кој сум јас за да постојам“. Морал е она што се бира, а не што се наметнува, она што се подразбира, а не нешто на што му се покорувате. Моралот е секогаш рационален, а разумот не прифаќа никакви наметнувања.
Увид: Се поистоветуваат термините: постоење = знаење. Декарт вели: Мислам значи постојам! Нашиот јунак го следи – Мислам значи знам! Мислам дека постојам! мислам дека сакам! Недостига „мисли дека сака“ или „сака“ се две различни работи и се разликуваат како небото и земјата. Ама човекот си „мисли“ и нас не обвинува дека ние „свесно“ одбиваме да мислиме.
Моралот е секогаш рационален? Тоа значи дека морал-от е подложен на рационализација и релативизација како одбранбени механизми на разумот. Нашиот јунак „Не знае или одбива „свесно“ да знае“ дека желбата е посилна од моралот. Дека алчноста и стравот се посилни наркотици од совесноста. И бидејќи ова не го знае го напишал ова „несвесно“ писмо.
Разумот не прифаќа никакви наметнувања? Системот на разум-от и реалноста што ја произведува се втемелени на присилување, принуда, наметнување. Ова веќе не е незнаење. Ова е епидемија на незнаење.
Витанов: За да опстоиме како Македонци, три работи мораат да ни бидат од најголема вредност: разум – како единствена алатка на знаењето, цел- како решителност да се биде среќен и самопочитување, како незагрозувачва сигурност дека нашиот ум е способен да размислува и дека си ја заслужуваме среќата, што значи, заслужуваме да живееме како Македонци!
Карл Густав Јунг: Инсистирањето на разумот од страна на свештениците (или било кој друг) укажува на недоволното познавање и „ад хок“ прифаќање на сето она што им се сервира како сознание пренесено преку книгите, поистоветувајќи го несвесно разумот со духот (разум = дух) при што се „заборава“ дека духот никогаш не бил човекова „дејност“, ниту пак човекова „функција“.
Увид: Во самопочитувањето постои љубов кон себеси и тоа нема никаква врска со размислувањето. Умот вљубен во љубовта не знае да љуби. Во рационалните постапки нема љубов (ниту кон себе, ниту кон татковината).
П.С. Не ги обвинувате Македонците дека „свесно одбиваат да знаат“ бидејќи со вакво „(не)знаење“ несвесно сте соучесници и поддржувачи на онаа против што се борите.
Горан Стевчевски – Џина
М-р по психолошки науки – клиничка и советодавна психологија
Сертифициран обучувач на возрасни
Основач на S. A. V. E. (Спонтано свесно визуелно искуство) – методот на Имагинативна терапија и центар за визиологија и имагинативна терапија
Автор на 12 книги од психолошка и духовна област
