„STREET LIFE“, ПРВА ИЗЛОЖБА НА ВИКТОР ТРАЈКОВСКИ: Кодот на улицата раскажан преку фото

Уредник
Се чита за 5 минути

Куманово, 11.07.2025

 

Фотографии со душа на живи приказни, под експлицитно име „Street life“, беше главен повод синоќа над стотина Кумановци да го проследат свеченото отворање на изложбата во НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Запрашан „Што ти треба за добра улична фотографија?“, „Ми требаат добри патики“, луцидно одговорил на ова прашање фотографот Виктор Трајковски, чии 42 фотографии се изложени во големиот салон и ќе може да се погледнат и во следните денови.

Иако во жанрот улични фотографии главно се создаваат оние од типот „копчето само ми кликна, па што се фати – се фати“, вклучувајќи го тука главно моментот на случајност, сепак разгледувајќи ги овие дела, кои како да се правени по сценарио и режија, ќе забележиме геометриска прецизност и интересна испреплетеност и хармоничност на елементите: имагинација, реалност и визуелна порака.

За изложбата говореа фотографот Јован Арсовски – воедно и иницијатор, Сашо Тодоровски – директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Марина Атанасовиќ од Фото – клуб „Куманово“ која ја прогласи изложбата за отворена и самиот излагач Трајковски, кој им се заблагодари на сите нив.

Јавно се заблагодари и на „Фото плус“ од Скопје, Марина, Анита, Владо, Веда, Ангела, Маце и на целата постава од Фото – клуб „Куманово“, на Роберт Цветковски за логистичка поддршка, на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски за поддршката и особено на својата сестра Валентина Трајковска, која му пробудила љубов кон фотографија и целото негово фотографско патешествие, на некој начин, почнало од неа.

-… А, најголема благодарност до мојата најтолерантна жена на свет, Соња Трајковска, која да би била како што имаше легенда за Кристофер Колумбо ќе велеше „еее, па зашто мора ти, нема ли кој друг да оди с’с апарат по улице?! Моју прву изложбу го посветују на моју прву жену“- рече Виктор и грмна силен аплауз, додека Соња духовито ни изјави дека „и втората изложба ќе ја посвети на првата жена“.

 

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Фото: Марјан Скрижевски

РЕКОА: 

Јован Арсовски „Фото плус“, фотограф и главна логистика: Првин препознав дека фотографиите му се извонредни, ме одушеви и тогаш му реков дека најмалку што треба да направиме е изложба, затоа што во Куманово нема таков човек што се занимава со овој тип на фотографија.

И самите можете да видите колку интересни се, која возбуда ја има во нив, кои моменти се фатени, затоа што, да се начека билборд со женска што пали цигара, а до неа момче со капче со апликација пламен, тоа, цел живот да го чекате, не може да го начекате. Тогаш му се погодило, му се посреќило…И, не е само таа, уште куп такви фотографии има овде. Штета што овој простор е ограничен на 40-тина фотографии, има најмалку уште толку.

Сега патуваше во Јапонија и во Турција и од таму, исто така, има прекрасни фотографии, најверојатно тоа ќе му биде втората изложба…

Бојан Коцевски, продуцент во „Кју рекордс“: Драг пријател, пред сѐ, феноменален фотограф. Ја имам таа привилегија да го знам веќе 15 години и со воодушевување чекам кога ќе оди на пат да фотографира нешто ново и да објави. Фотографиите што ги има избрано се еден мал дел од тоа што тој има да покаже. На Инстаграм и на Фејсбук има објавено повеќе фотографии, но вака на голем формат многу подобро се гледа.

Му честитам за првава изложба и се надевам дека многу брзо ќе ја добиеме и втората негова изложба.

Мартин Смилевски: Ми се допадна тоа што го видов. Виктор го знам лично, порано бевме колеги и заедно патувавме во Вирцбург, во Дизелдорф, во Амстердам, шетавме и по 10-15 километри на ден.

Ме фасцинира како има толку стрпливост да чека по 40 минути, некогаш и по еден час, за да направи фотографија, но тоа веројатно е љубов. Гледам како е кога го работиш тоа што го сакаш. Навистина алал да му е.

***

Виктор Трајковски (роден во 1977 година во Минстер, Германија) е фотограф кој живее во Куманово, Македонија. Повеќе од 10 години е посветен на улична фотографија, истражувајќи го човечкото присуство, движењето и светлината во јавните простори. Учествувал на групни изложби организирани од Фото – кино клубот „Козјак“ во Куманово и освоил бројни награди на меѓународни и национални фотографски изложби.

Активен член е на Фото клуб „Куманово“, со чија поддршка оваа изложба ќе ја прикаже и во Параќин, Србија и во Литванија.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија