На југословенската сцена само на една фигура ѝ успеа во исто време да е и урбан и комерцијален, а притоа и двете работи да не се подудруваат една со друга и природно да се спојат.
Контроверзен и харизматичен, авангарден, пред времето со својата музика и обвиен со гард кој не дава да се допре до него.
Повеќе од 20 години медиумите го немаат на својата трпеза, одвреме- навреме само ќе даде некоја изјава дека сега, во пензионерските денови, овој 72 годишен рокер ужива со своите деца и со внуците.
Роден е на 13 јули 1953 година во Титово Ужице. Со музика почнал да се занимава во 1970- тите години, а беше една од најистакнатите ѕвезди на белградскиот „нов бран“ од првата половина на 1980-тите. Направи фантастични хитови од жанрот поп, рок, „нов бран“, фанк. Неговата дискографија е скромна во однос на бројките, но изобилува со хитови и се покажаа како исклучително комерцијална. „Пробај ме“, „Мајмуне“, „Није за њу“, „Биќу твој“, „Мандарина и банана“, „Фато“, „Због тебе бих туцао камен“, „Моја драга воли Куросаву“, „Ослони се на мене“, „Бобане“, „Доѓе ми да вриснем твоје име“, „Полудеќу“, „Љуљај ме нежно“, „Питају ме питају“…
ПЕРФЕКЦИОНИСТ!
Во младоста студирал во Музичкото училиште „Станковиќ“ во Белград со намера да стане класичен пијанист (тој бил еден од ретките југословенски рок и поп музичари кои имале искуство во класичното музичко образование, вклучувајќи читање и пишување музика).
Кога се појавил на белградската сцена го нарекувале „вундеркинд од музичар“.
Познат е по тоа што во свое време поставувал бескомпромисно високи стандарди во врска со сопствената музичка продукција, вклучувајќи го квалитетот на материјалот, првокласната студиска опрема и комплетната обука на музичарите во студиото и на концертите.
На еден од неговите рани настапи – фестивалот BOOM 76 (1976), Мандиќ, како член на ад-хок составената „Супер група“ од најпознатите музичари на белградската џез и рок сцена во тоа време, го предизвикал својот прв јавен скандал- вознемирен од лошата проба на бендот, во знак на протест го прекинал концертот и ги скршил клавијатурите на сцената.
„ПРОБАЈ МЕ“ ЗА ПОЧЕТОК
Оливер Мандиќ, всушност ѝ се претстави на пошироката публика преку ТВ – емисијата „Београд ноќу“, која се емитуваше истовремено со објавувањето на неговиот прв албум „Пробај ме“ во 1981 година.
Тој ја започна својата соло кариера во 1978 година со синглот „Љуљај ме нежно“. Самиот ја компонираше песната, со текст на Марина Туцаковиќ, за пејачката Слаѓана Милошевиќ, по нејзиниот голем хит „Секси дама“ од 1978 година, како продолжение на нејзиниот музички стил. Слаѓана беше таа што го убеди да започне своја пејачка кариера и сам да ја отпее оваа песна. Оливер јавно ѝ се заблагодари за тоа во неколку интервјуа и пригоди. Песната ѝ беше понудена на Маја Оџаклиевска, но не ја доби бидејќи не се појави во студио на закажаното снимање.
Во 1981 година, Мандиќ го издаде својот деби албум, насловен „Пробај ме“. Сите песни ги компонираше Мандиќ, а текстовите ги напиша Марина Туцаковиќ. Албумот ги донесе хитовите „Није за њу“, „Само небо зна (Полудеќу)“, „Ослони се на мене“. Албумот беше промовиран со ТВ емисијата „Београд ноќу“ (Белград ноќе), режирана од Станко Црнобрња. Амбициозно направената авангардна програма дури ја освои и наградата „Златна роза“ на ТВ фестивалот во Монтре во 1981 година. Контроверзниот андрогин имиџ на Мандиќ во шоуто го осмислила Слаѓана Милошевиќ, која по многу денови и ноќи поминати во бескрајни убедувања и дискусии, конечно го поврзала Оливер со концептуалниот уметник Коста Бунушевац, кој, според неа, ќе го создаде овој имиџ за Оливер. Ова предизвикало доста јавен бес зашто југословенската публика го сметала за особено шокантен во раните 1980-ти и привлече значително медиумско внимание.
РОКЕР СО ПОП ПОБЕДИ!
Стана победник на првиот и вториот фестивал на популарна музика МЕСАМ (1984 и 1985). Напиша музика за филмовите „Национална класа“ (учество; 1979) и „Последниот круг во Монца“ (1989). Во 1991 година, Оливер Мандиќ кратко беше член на белградскиот бенд „Рибља чорба“.
Идејата беше Оливер Мандиќ да стане клавијатурист на бендот и креативно да учествува во создавањето на албумот „Лабудова песма“ со половина од песните. Оливер Мандиќ и Рибља Чорба го снимија целиот материјал за овој албум во Виена (вклучувајќи песни со музика од Мандиќ, на кои Бора Чорба ги пееше вокалите), но пред објавувањето на албумот тие двајцата се скараа, па соработката беше нагло прекината.
Тие песни денес се достапни само во форма на пиратски снимки, а поради нивниот квалитет и уникатен звук (невообичаена комбинација од клавијатурите на Оливер и гласот на Бора) се високо ценети меѓу колекционерите.
Ја критикувал работата на Горан Бреговиќ и на „Бијело Дугме“, опишувајќи ги како „селски рок“ и „пасторален рок“, а имал силно негативно мислење за сараевската музичка сцена од 1980-тите (за бендовите „Хари Мата Хари“, „Мерлин“, „Плави Оркестар“, „Црвена Јабука“ и други, кои отворено ги нарекол „рокенрол абортуси“. Од друга страна, го ценел Здравко Чолиќ како извонреден професионалец и соработувал со него уште во 1970-тите.
Од 1990-тите наваму пишувал музика и аранжмани за разни турбо-фолк ѕвезди, најчесто тајни, но како овој извор на приходи, се со српската турбо фолк ѕвезда Цеца сними и дуетска песна „Време за љубав истиче“.
Во 2010 година, Мандиќ ја напиша песната „Пробуди се за час“, посветена Тоше Проески. Тој ја изведе песната со Беби Дол и Жељко Митровиќ на гитара, на концертот одржан во Скопје посветен на Проески.
Од политички ангажмани, во 1997 година, тој се спротивстави на демонстрациите на опозициските партии и го нападна учеството на неговите колеги музичари и режисери, за кои изјави дека биле во странство за време на војната или кои добиле државно финансирање за снимање или станови.
По долго време, Оливер настапи на митингот „Иднината на Србија“ на 19 април 2019 година и отпеа песна по тој повод. На 29 јуни 2021 година, по повод Видовден, му беше доделен Златен медал за заслуги.
ЉУБОВЕН ЖИВОТ
Љубовниот живот на Оливер Мандиќ е доста бурен. Кон крајот на 1970-тите, тој беше во врска со Марина Туцаковиќ, а раскинаа по четири години. Марина напиша некои од своите најубави песни по раскинувањето, кои беа инспирирани од нејзината тага.
– За време на нашето запознавање таа ми напиша „Љуљај ме нежно“. Откако ја објавив таа песна, раскинавме. Нашата соработка продолжи и по раскинувањето. Благодарам што ми напиша прекрасни текстови, а потоа и на моите албуми. Таа ги направи сите песни за мене освен „Доѓе ми да вриснем твоје име“ и „Бобане“- вели Мандиќ.
Познато е дека бил во љубовна врска со Катарина Радивојевиќ, живееле под ист покрив, а нивната љубов траела десет години. Пријателите очекувале дека ќе добијат покани за свадбата, но за жал се случил целосен пресврт кој бил на работ на скандал, затоа што се заљубил во Маја Козлица, 22 години помлада од него, со која подоцна се оженил.
Нејзината мајка не сакала да слушне за него, на телефон дури му изрекувала навреди, додека нејзините браќа сакале и физички да се пресметаат со него. Од друга страна пак и свекрвата ја бркала Маја дека многу помлада. Денес таа го има главниот збор во домот и се грижи за сѐ. Мандиќ е сопственик на белградското кафуле „Џез“.
Донаваме за „Питају ме, питају“, победничка песна на МЕСАМ ’84 годинава тој ќе добие награда за животно дело на „Охрид фест“.
Валентина Ѓоргиевска Парго
