ДОНИ МЕККАСЛИН: Дејвид Боуви беше прекрасен!

Уредник
Се чита за 8 минути

Не често можеме да слушнеме нешто од прва рака поврзано со најголемите светски ѕвезди, кои што просторно и временски не биле блиску до нас, од друга страна, таква можност немале дури ни тие што можеби некаде ги делел само еден ѕид во зграда или студио.

Недостижноста станува достижна кога ќе наидете на уметник кој се нашол во нивната професионална орбита, работел или соработувал со нив. Како во случајот на врвниот светски саксофонист Дони МекКаслин, кој деновиве, поточно на 14 јули 2025 година, направи чудо од концерт во МНТ, заедно со бисерот на македонската сценска уметност, Националниот џез оркестар, а под диригентство на маестро Владимир Николов.

СТАДИУМ – ЏЕЗ

За концертот што и да се каже ќе заврши кај зборот – перфекција. Импресиите сѐ уште нѐ држат.

На истиот се случи и светска премиера на композицијата „Victims of greed“ компонирана од диригентот на вечерта Владимир Николов.

Оваа песна, напишана за жртвите во Нови Сад, понатаму се однесува и на другите трагични настани кои однесоа човечки животи, како и трагедијата во Кочани.

МекКаслин токму таа песна ја избрал од понудените на Николов, и самиот го даде својот глас против алчноста која го зема својот данок во невини жртви.

Музичарот со весело, опуштено и екстремно пријателско расположението, ја поздрави публиката во МНТ со македонско „Здраво на сите“. Тој изведе неколку дела од американската композиторка Марија Шнајдер на која рече дека ѝ е неизмерно благодарен затоа што го запознала со Дејвид Боуви.

– Во нивна чест ќе ја изведеме нејзината „Dance You monster to my soft song“ која што беше омилено дело на Боуви од Марија Шнајдер. Композицијата е инспирирана од уметничко дело на џезерот Пол Клемент, рече МекКаслин.

По средбата со Боуви, продолжил да ги редефинира границите на џезот, некаде меѓу електроника, арт- рок и импровизација.

Своето перфектно авторското дело „Stadium jazz“ го изведе пред крај, во дует, односно во музички дијалог, со нашиот саксофонист Кирил Кузманов, а на бис композиција која МекКаслин ја посветил на бендот Tower of Power, американска ар’ен’би и фанк група од 60-те и 70-те години од Калифорнија, чија музика ја слушал како тинејџер.

По концертот МекКаслин се дружеше со публиката и ги потпиша преку стоте вечерта продадени негови албуми на винил

 

ГОСТИН ЗА МЕРАК 

Светскиот музичар во Скопје беше по втор пат, првиот пат во 1988 година, кога свирел со Гери Бартон на Скопскиот џез фестивал.

Овој пат, во својот четиридневен престој во Скопје (12 – 15 јули), освен што ја одушеви публиката со својата маестралност и мил спонтан однос, ги одушеви и колегите.

– Висок професионалец, многу фин човек, таква величина, а ретко приземен- вистински уметник! Имаше шанса да прошета низ неколку скопски ресторани, каде, се разбира, позборуваме и за музиката, позборуваме и за Дејвид Боуви, како дошол до тоа да учествува на албумот „Blackstar“. Со Боуви договарале, набрзо по снимањето на албумот, да земе учество и да свири со него и со неговиот бенд на нивната турнеја, но за жал големата музичка икона, почина наскоро потоа. Дони ни раскажуваше дека Боуви бил прекрасен човек, онака, ептен супер лик, професионалец и интелектуалец, ексклузивно ни открива Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар.

Меѓудругото, на Дони, многу му се допаднала храната кај нас, а најмногу бил одушевен од домашното бело овчо сирење.

Бил одушевен и од тоа што забележал дека има многу млад свет по улиците на Скопје, иако живее во Бруклин, каде исто има многу млади, се посебно се одушевил од прошетката низ Старата скопска чаршија и по плоштадот, сметајќи дека е супер- спој на историја и на модерните состојби.

– Симпатично разговаравме, многу, многу ни се допадна неговиот пристап во сѐ, многу е смирен и смирено, споро, разговараше. Специјално допатува од Бруклин. Тој е еден од позначајните уметници што настапиле со нас. Воедно е и еден од повлијателните инструменталисти во светот, во моментов. Згора на тоа и материјалот што со него го изведувавме, од Марија Шнајдер, е еден од можеби најкомплексните кои досега, сме ги изведувале како оркестар, генерално, ни откри директорот Стевковски.

 

Текст и фото: Валентина Ѓоргиевска Парго

 

ДОНИ МЕККАСЛИН

Доналд Пол МекКаслин(58) е американски џез саксофонист (роден на 11 август 1966 година во Санта Клара, Калифорнија). Има снимено над десетина албуми како водач на бендот, покрај многу појавувања како придружен член, вклучително и на последниот студиски албум на Дејвид Боуви „Blackstar“ (2016).

Во музиката е активен од 1978 година до денес. Издавач за издавачките куќи: Naxos, Arabesque, Criss Cross Jazz, Sunnyside, Greenleaf, SkyDeck.

Неговиот татко бил вибрафонист, а МекКаслин свирел во ансамблот на неговиот татко на дванаесетгодишна возраст. Тој имал своја група во средно училиште, која свирела три години на џез фестивалот во Монтереј.

Во 1987 година, по студирањето на музичкиот колеџ Беркли, се придружил на групата на Гари Бартон и четири години патувал низ светот со него. Во 1991 година се преселил во Њујорк и бил член на „Steps Ahead“.

Во ноември 2014 година, МекКаслин свиреше саксофон на синглот на Дејвид Боуви „Sue (Or in a Season of Crime)“. Две години подоцна, свиреше саксофон на албумот „Blackstar“.

На 14 октомври 2016 година, МекКаслин го издаде „Beyond Now“, инспириран од неговото искуство со снимањето на „Blackstar“.

All Songs considered синглот „What About the Body“ на МекКаслин го нарече „возбудлив арт-рок. Албумот од кој потекнува, Blow, беше награден за Нов џез албум на годината од JazzJapan.

 

Номинации за „Греми“

2004: Најдобро џез инструментално соло – „Bulería, Soleá Y Rumba“ на Concert in the Garden од Марија Шнајдер

2013: Најдобро импровизирано џез соло – „Stadium Jazz“ на Casting for Gravity

2015: Најдобро импровизирано џез соло – „Arbiters of Evolution“ на The Thompson Fields од Марија Шнајдер

 

BLACKSTAR

Blackstar е дваесет и шестиот и последен студиски албум од англискиот музичар Дејвид Боуви. Објавен на 8 јануари 2016 година, на 69-тиот (и последен) роденден на Боуви, албумот е снимен во тајност во Њујорк со неговиот долгогодишен копродуцент Тони Висконти и група локални џез музичари: Дони МекКаслин, Џејсон Линднер, Тим Лефевр и Марк Џулијана. Бен Мондер и Џејмс Марфи придонесоа дополнително со гитара и перкусии.

Албумот содржи преснимени верзии на две песни, „Sue (Or in a Season of Crime)“ и „Tis a Pity She Was a Whore“, кои обете беа првично објавени во 2014 година.

Споделете ја оваа статија