Најголема мудрост и највисок стадиум на свесност е да се пронајдеш себе си и да продреш во најдлабокото свое „Јас“. Но, тоа воопшто не е лесно, патот е долг и трпелив.
Игор Довезенски е вистинска личност, со кого разговараме за овие тајни на себеизнаоѓање, мајстор по древни јапонски вештини, по професија етнолог, творец на поезија, уметнички дела и други креативни хобија и најважно- прекрасен и грижлив самохран татко на три деца.

Јапонските боречки вештини за нас сѐ уште изгледаат нешто мистериозно, непознато, недостапно и далечно. Но и доста привлечно. Како се информиравте и почнавте да се занимавате со нив и тоа во време кога речиси и не знаевме дека постојат, кога немаше интернет и брз пристап до информации?
– Ме вративте во детството со Вашето прашање, бидејќи моите почетоци во боречките вештини почнаа пред точно 43 години. Точно е тоа дека немаше интернет и брз пристап до информации, но затоа имаше книги, списанија и месечни магазини за јапонски боречки вештини. Имаше и писма преку кои комунициравме и со нетрпение чекавме одговорот да стигне преку поштенското сандаче. Тој недостаток на брзи информации ни овозможуваше спор и мирен живот, но и упорност да дојдеме до тоа што го сакаме. Токму преку тие списанија дознав дека во Белград постои мајстор за Нинџутсу преку кој почнав да дознавам повеќе за вештините од Јапонија. Останатото е историја исполнета со постојани патувања, секогаш подалеку и кај подобри и повешти учители преку кои ја изучував вештината која што се уште со истата страст како кога бев дете ја учам и усовршувам.
Зошто ја одбравте оваа вештина? Како се нарекува истата и кој е нејзиниот основен принцип?
– Почнав со Нинџутсу бидејќи беше таинствена и динамична. Тие две работи отсекогаш ме привлекувале. Сакам да откривам тајни и да бидам постојано во движење и во акција. Во таа вештина пронајдов сѐ што недостасуваше во другите. Додека боречките спортови главно се концентрираат на борба и на техника, Нинџутсу нуди и психолошка подготвеност, но и знаење и изучување од областа на историјата, географијата, тактиката, медицината, како и разни уметности, а јас никогаш не сум сакал половични работи – туку секогаш комплетни и до крај оформени.
Нинџутсу има многу принципи, но еден од тие кои особено ми се допаѓа е принципот на упорност и неоткажување дури и кога е најтешко во животот. Посветеноста, борбеноста и доследноста е тоа што нѐ влече секогаш напред.
Каде ги учевте и усовршувавте тие тајни?
– Веќе Ви спомнав погоре. Почнав во соседството, а завршив во Јапонија каде што редовно патувам поради усовршување на вештините. Во октомври патувам повторно и мислам дека нема да престанам сѐ додека моето тело е способно да ги издржува напорните тренинзи со јапонските учители.

Овие вештини бараат тишина и спој со природата која е извор на сила. Вие со Вашето Доџо – Буџинкан Македонија, правите често кампови во кумановското село Довезенце, од каде го влечете и Вашиот презиме. Од кога почнавте со таа практика?
– Моите предци потекнуваат од Довезенце, таму имаме куќа и од кога знам за себе, ридовите и планината Липац биле моето Доџо и моето место за спокој и усовршување преку вежби и медитации. Во 2012 година изградив Доџо на мојот имот каде што почнав да одржувам семинари речиси секој викенд, а неколку години претходно почнав да организирам и Летни Нинџа Кампови кои се посетени од луѓе од целиот свет. Денес речиси да нема човек во организацијата Буџинкан што не знае за Довезенце и за Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија.
Постои ли таа тишина во доволна „количина“, за да успешно ги спроведувате камповите во Довезенце? Кој елемент од природата таму најмногу помага на Вашите кампови?
– Кога вежбате Нинџутсу, Вие сте способни да создадете тишина и таму каде што нема односно да се прилагодите на секакви услови. За среќа во Довезенце нема потреба од прилагодување, бидејќи селото со својата местоположба и чистота е како создадено за Нинџутсу тренинзи. Сите природни елементи (земја, вода, оган, воздух и празнина) се во корелација со Универзумот и со природата, така што нема некој посебен елемент кој помага или одмага. Сите ние сме дел од една голема хармонија и само едно зрно песок во времето во кое живееме.
Како изгледаат камповите за деца? А како за возрасни?
– Детските кампови се прилагодени за нивната возраст, но на нив се изучуваат основите на јапонските боречки вештини. Повеќе внимание обрнуваме на развојот на психофизичките способности и вештини, како и развивање на основните морални начела кај најмладите. Камповите за возрасни се навистина тешки и се оди во крајност со цел да се подигне менталната и физичка кондиција на учесниците. Целиот ден од будење до заспивање е исполнет со разни активности кои го држат умот буден, а телото активно и подготвено за акција.

Што значи да се биде кобудо учител во Македонија?
– Значи да се биде подготвен на вечна борба со незнајковци и сезнјаковци и да се биде неразбран од блиската и далечната околина. Особено денес кога луѓето за се нешто се консултираат со Гугл или со ЧетЏПТ. Се уште се чудам како не забележуваат дека секоја будала може да напише што сака на интернет и потоа сите се налепуваат на таа информација и по автоматизам ја споделуваат. Па така, на една иста социјална мрежа можете да прочитате колку кафето е корисно за здравјето, а веќе на следниот скрол подолу да прочитате за неговата штетност. Живееме во навистина налудничаво и психоделично време кое го јаде менталното здравје – особено на нашите деца.
Бидејќи ова е нешто што јавноста сѐ уште не е доволно запознаена, на кој начин анимирате приврзаници особено кај помладата популација?
– Не се трудиме некого да анимираме или привлекуваме. Само луѓе со посебен мајндсет можат да се пронајдат во нашата вештина и тие луѓе лесно нѐ пронаоѓаат нас. Секој што еднаш вежбал Нинџутсу никогаш нема да може да продолжи со друга вештина. Можеби ќе се обиде, но тоа ќе биде на сила и без уживање во тоа што го прави. Нинџутсу е навистина уникатна и единствена.
И Вашите три деца се обучени за овие вештини. Дали тоа значи дека кај Вас дома владее поинаква атмосфера отколку во другите македонски семејства? По што се разликувате од нив?
– Живееме со истите проблеми како и сите други, но се обидуваме да ги решаваме поефикасно и побрзо од останатите. Атмосферата беше перфектна додека беа мали и целосно посветени на тоа што јас го работам цел живот. Нинџутсу стана и нивен начин на живот, но еве пораснаа и веќе работите почнаа да се менуваат по малку. Почнуваат да го барат и да се борат за своето место под сонцето, но секој што еднаш ќе ја вдише вештината таа ќе го следи до крајот на животот. Тоа што го научиле од мене и во Доџото нема никогаш да излезе од нив и секогаш ќе им помага. Некогаш свесно, а некогаш несвесно. Знаете како велат: еднаш нинџа – засекогаш нинџа.

Во Јапонија патувате често, со цел да се сретнете со големите мајстори на Нинџутсу. Како успевате да ги покриете тие трошоци? Поточно, дали имате било каква поддршка и помош од некои институции или механизми на државата?
– Од државата досега не сум побарал и не сум добил ништо. Не можете да барате и да очекувате дека ќе добиете нешто од држава во која болните спијат на скршени и р’ѓосани кревети во болниците, држава во која само во Скопје има апарати за рано откривање на болести и во која тоалетите се полни со бактерии и реа и тоа токму на места каде што луѓето треба да се лекуваат. Оваа држава е мајка само за одредени привилегирани структури граѓани, а маќеа за сите останати. Не сакам да невлегувам во политика, но ние се уште не изградивме држава која ќе ги цени тие кои навистина работат на нејзината промоција и слава. Сите патувања си ги покривам сам по принципот: се што ќе заработам, давам за да се усовршувам и учам. Живеам денес за утре без пари во џеб, но со многу љубов во срцето. А колку јас имам направено за државата и за нејзината промоција, треба да ги прашате сите мои ученици кои од различни делови на светот доаѓале или ме повикувале да ги посетам за да учат од мене.
Наскоро Ве очекува и голем настан, Вие ќе одржите предавања и семинари во Чикаго, Америка. Денес велат дека светот е глобално село, но навистина е успех од Македонија да стигнете до сите делови на планетата. Како се случи тоа, колку време од животот Ви “одзеде” за ова што денес Ви се случува и што како кобудо учител треба допрва да Ви се случи?
– За среќа или за жал, во мојата земја не сум многу познат, но затоа во светот ме почитуваат како еден од реномираните учители за класични јапонски боречки вештини и таа можност секогаш ја користам за да кажам од каде доаѓам и на кој народ припаѓам. Успехот не е случаен. Веќе 43 години посветено вежбам и се усовршувам и не е прашање колку време од животот сум потрошил за да стигнам до тука каде што сум, туку можам да кажам дека целиот свој живот го посветив на јапонските боречки вештини. Одговорот на ова прашање ќе го дадам преку еден Коан од мојата збирка која треба да излезе од печат по завршувањето на летото.
Долгиот Пат
– Еден млад ученик го праша Учителот:
– Учителе, како стана толку мудар, така почитуван и баран од сите страни? Кажи ми ја тајната.
Учителот се насмевна, зеде камен од торбичката што ја носеше на грбот и му го подаде.
– Однеси го овој камен на пазар и понуди го. Ако некој те праша колку чини, не кажувај ништо, само слушај што луѓето зборуваат.
Ученикот така и направи. На пазарот луѓето го гледаа каменот и велеа:
– Прекрасен е! Ќе дадам два златника! Ќе дадам коњ! Ќе дадам земја!
Ученикот се врати возбуден и рече:
– Учителе, луѓето сакаа да го купат каменот за огромна цена!
Учителот одговори:
– Овој камен го најдов на патот кога немав ништо. Секој ден го носев со себе, мислејќи дека е безвреден, но тој станал скап зашто не го фрлив. Така е и со Патот – не вреди ништо на почетокот, но ако го носиш со трпение, светот ќе почне да го гледа како нешто бесценето.
Тогаш ученикот го праша:
– Значи славата доаѓа со време?
Учителот одговори:
– Не, славата е само ехо. Вистинскиот Пат е тоа што си го носел со себе и во себе кога никој не те гледал.
Валентина Ѓоргиевска Парго
