Данче Наумовска Пауновска работи како хипнотерапевт по ДИТ метод – Длабока интегративна терапија, чии автор е познатата Хрватка Кармен Јерковиќ Јучел, која е воедно и нејзина менторка.
По образование е дипломиран психолог, лиценциран психотерапевт од комора на психолози и психотерапевти, сертифициран Гешталт, ЕАГТ и ДИТ хипнотерапевт, со едукација здобиена во повеќе земји во светот.
Улогата на хипнотерапевт ја доживува како повик и затоа за себе ќе рече: „Денес јас сум таа личност која може да ви помогне да нурнете во вашата потсвест и да откриете што е тоа што Ве блокира да живеете живот каков што сакате. Сите одговори се во Вас!“.
Откривањето на себе си и своето „Јас“, според она што ни го откри за време на нашиот разговор и не е така тешко и комплицирано.

Вие во основа сте психолог, но специјализирана за хипнотерапија, нешто што е релативно нов поим кај нас. Како хипнотерапијата стана составен дел од Вашата работа?
– Со психотерапијата растев долго време, растеше и моето сознание, отпаднаа некои предрасуди, видов дека може поинаку од она како што мислев дека мора, но сè уште ги чувствував моите внатрешни отпори. Тогаш сфатив дека нешто длабоко во мене не е како што треба и дека до решението можам да дојдам само ако се нурнам уште подлабоко во себе. По само една сесија, со хипнотерапија, дојдов до увид и разбирање за моите длабоко потиснати емоции и ограничувачки негативни уверувања, кои биле причина за мојот недостаток на самодоверба. Фасцинираше колку е методот едноставен, а продира толку длабоко во потсвеста. Следејќи ги инструкциите што ги добив, со секој нов ден растеше и се зајакнуваше самодовербата во мене самата, ослабуваа внатрешните отпори и саботирачките потсвесни уверувања. Се почувствував како целосно нова личност и посакав да ги проширувам тие чувства и да ги направам достапни за сите. Денес скромно и со гордост истовремено кажувам дека сум хипнотерапевт.
Што претставува хипнотерапијата, како да ја разбереме?
– Хипнотерапијата е многу ефикасен терапевтски метод за решавање на психолошки, емоционални, физиолошки и проблеми во однесувањето, кој дава многу побрзи резултати во споредба со класичната психотерапија. Со помош на хипнотерапија конечно ќе ги отстраните пречките кои Ви стојат на патот. Кога ги знаете скриените причини за Вашите проблеми, веќе сте направиле голем чекор кон исцелување. Во хипнозата ја отвораме вратата на потсвеста и добиваме пристап до информации кои се клучни за разбирање на нашето однесување, нашите реакции и нашата перцепција на реалноста. Тоа се чувства, мисли и верувања кои се јавуваат најчесто во детството и се складирани во длабоките сфери на нашиот ум, до кои немаме пристап поради големата активност на свесниот дел од умот.
Кога најдобро се отвора тој потсвесен дел?
– Кога ќе го замолчиме свесниот дел и ќе дозволиме потсвеста да зборува. Тогаш откриваме што всушност управува со нашиот живот. И кога ќе станеме свесни за тоа што нѐ ограничува да го водиме животот што го сакаме, веќе сме во позиција да промениме нешто конкретно. Што е тоа што треба да го промениме ќе ни каже и потсвеста, нашето „внатрешно дете“, нашиот внатрешен компас, нашето тивко водство и нашиот сојузник. Бидејќи колку и да се чини дека потсвеста понекогаш ни го отежнува животот, вистината е дека таа секогаш работи во наша корист и за наше добро. Таа како „мало дете“ е секогаш добронамерна и сѐ што прави го прави од желба да нѐ заштити и да ни помогне.
Често се споменува Длабока интегративна терапија. Ќе ни ја објаснете во кратки црти?
– Длабока интегративна терапија (ДИТ) е метод од хипнотерапијата која се потпира на потенцијалот на потсвесниот и натсвесниот дел од умот, за постигнување на Вашата емотивна и психолошка трансформација. Преку дијалог со Вас додека сте во состојба на хипноза, откриваме скриени, недостапни за свесниот ум, потсвесни програми, кои се вистинскиот причинител на сегашните проблеми. И тогаш започнува патот на Вашата внатрешна трансформација. Овој метод е многу ефикасен во решавањето на широк спектар на проблеми, од анксиозност, депресија и фобии, до проблеми со самопочит и во односите со другите луѓе.
Кои проблеми може да се решаваат со хипнотерапијата?
– Спектарот на теми кои можеме да ги решаваме со хипнотерапија е навистина широк. Сè што Ве блокира на физички, ментален и емотивен план и Ве спречува да водите живот каков што сакате. Некои од најчестите се: анксиозност, депресија, фобии и стравови, панични напади, нарушувања во исхраната, проблеми во односите, зависности, недостаток на самодоверба, проблеми со концентрацијата, проблеми со спиењето, проблеми со учењето… Ако не сте сигурни дали она што Ве мачи може да биде тема за хипнотерапија, слободно прашајте. Луѓето се изненадени што сè можат да постигнат со овој метод.

Колку третмани се потребни за лоцирање на проблемот?
– Во ДИТ методот една сесија е доволна за да стигнеме до причината за проблемот. Свесниот дел не знае ниту може да претпостави од каде всушност доаѓа проблемот, па затоа работата со свесниот дел дава многу ограничени и бавни резултати. Спротивно на тоа, работата со несвесното е лесна, делотворна и брза. Кога ќе дознаеме од каде доаѓа Вашиот проблем, работиме на тоа да ги менуваме негативните потсвесни уверувања кои се создадени, односно причината, а со тоа менуваме и последицата, односно го постигнуваме посакуваниот резултат.
На што се фокусирате на една сесија?
– На една сесија можеме да се занимаваме само со една тема. Темата е она што Ве мачи и за Вас претставува проблем, она што сакате да исчезне од Вашиот живот. Бидејќи логиката на потсвеста е различна од логиката на свеста, она што за Вас е проблем, за потсвесниот ум претставува решение, односно начинот на кој Ви помага потсвеста. Кога ќе сфатите како Ви помага потсвеста, ќе Ви стане совршено јасно што е тоа што не го правите за себе и како тоа можете да го промените.
Ајде пластично опишете ни една хипнотерапевтска сесија. Како таа почнува?
– Со воведен разговор. На почетокот на нашиот состанок ќе ја дефинираме Вашата тема и накратко ќе разговараме за тоа како таа се манифестира во Вашиот живот. Овој воведен разговор Ви овозможува да се опуштите и да поставувате прашања. Важно е да се чувствувате удобно и безбедно за да влезете во процесот со доверба. Потоа ќе Ве запознам со состојба на хипноза. Ќе ги затворите очите, но ќе бидете целосно свесни. Во хипнотичка состојба не можете да ми кажете нешто што не сакате, ниту можам да Ви предложам да кажете или да направите нешто што не сакате.
За време на сесијата се одвива интензивен разговор меѓу Вас и оној кој дошол да побара помош?
– Наједноставно би било да се каже дека тоа е разговор, бидејќи во хипнозата сте свесни и будни. Единствената разлика е во тоа што сите одговори доаѓаат од Вашата потсвест, па разговорот се одвива помеѓу мене, како хипнотерапевт и Вашата потсвест. Вие ќе се сеќавате на сè по сесијата, но ќе имате впечаток дека изворот од кој доаѓаат информациите за време на сесијата се разликува во однос на тоа како ја перцепирате Вашата секојдневна комуникација кога користите физички сетила и логички ум. Наједноставно кажано, ќе имате впечаток дека добивате информации од некаде „внатре“.
Што е всушност хипнозата? На многу луѓе им звучи и делува нејасно и „опасно“.
– Хипнозата е разговор со потсвеста. Кога сте во хипноза, започнувам разговор со потсвесниот дел од Вашиот ум. Ќе ги истражиме длабоко вкоренетите емоционални и мисловни обрасци кои ги обликувале Вашите потсвесни верувања и придонеле за Вашите проблеми. Ова се највредните сознанија што ќе ги добиете во хипнозата. Длабоката интегративна терапија е единствена по тоа што сите одговори доаѓаат од Вас. Тука сум да Ве поврзам и да Ве водам. Во последниот дел од сесијата Ве поврзувам со натсвесниот дел од Вашиот ум (Higher Me) и потоа добивате детални инструкции и насоки кои ќе Ви помогнат полесно и побрзо да го решите проблемот. Откако ќе заврши целиот процес на истражување, ќе Ве вратам во Вашата будна состојба.
Колку трае една сесија?
– Сесијата трае до 3 часа. По сесијата Ви испраќам персонализиран аудио запис во траење од 15 – 20 минути кој ќе го слушате секојдневно, за да ја репрограмирате својата потсвест. Ќе добиете е-маил и инструкции кои ги добивме за време на сесијата. Ние сме во контакт најмалку три месеци, заедно го следиме Вашиот напредок и ја постигнуваме посакуваната цел. Доколку правите сѐ според упатствата, а нема промени, ќе се одржи нова сесија која е бесплатна.

На кои категории на луѓе им се препорачува хипнотерапијата?
За оние над 18 години кои немаат епилепсија или ментални или психолошки заболувања. Работам со возрасни, но исто работам со деца над 8 години со согласност и соработка на родители или старатели, за да им помогнам во надминување на проблеми и предизвици. Работам и лично, во мојот центар во Хиподром во Скопје, но и со онлајн состаноци, и преку Teams или Zoom.
Зошто треба да се избере Длабока интегративна терапија, доколку се почувствува внатрешна потреба?
– Длабоката интегративна терапија е специфична по тоа што има само една сесија во која клиентот ги добива сите одговори кои ќе го доведат до решение на неговиот проблем. Веќе реков мојата улога е да го поврзам клиентот со неговата потсвест (Внатрешно дете) и натсвесниот (Високото Јас) дел од умот и да го водам низ целиот процес. Клиентот на крај добива сè. И поради ова, овие упатства се 100% точни за секој клиент и не постои можност за грешка на терапевтот. И тоа е и причината зошто овој метод е толку ефикасен и зошто дава исклучителни резултати.
И за крај, во што е клучот на успехот?
– Клучот е во промената! Решението на проблемот е само природен резултат на Вашата внатрешна промена. За успешноста на хипнотерапијата, најважна е Вашата мотивираност да го решите проблемот и подготвеноста да се менувате.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Збор – два за хипнозата!
Хипнозата се смета за исклучително пријатна состојба, состојба на физички и ментален мир и опуштеност. Поради неточните прикажувања на хипнозата во книгите и филмовите, луѓето мислат дека во хипнозата ќе ја изгубат контролата над своите чувства и над своето однесување.
Всушност, се случува спротивното. Додека сте во хипноза, имате чувство на засилена контрола над сите свои способности. Комплетно сте свесни каде се наоѓате, што се зборува околу Вас и способни сте да филтрирате информации кои ги добивате и да ги отфрлите оние кои не се во согласност со вашите морални начела. Со еден збор, никој не може да ве манипулира додека сте во состојба на хипноза. Во секој момент можете самостојно да излезете од хипнозата ако тоа го посакувате.
Научно гледано, состојбата на хипноза се опишува како алфа состојба на мозочни бранови, кога брановите во мозокот се на пониска фреквенција, односно побавно работат. Оваа состојба е природна за нас и ја доживуваме секојдневно, исто како пред да заспиеме и пред будењето. Во алфа состојба сосема се природно сите деца до 7. години. Кога умот е силно окупиран со една активност и целосно фокусиран на неа, тогаш сме во алфа состојба, како на пример, кога читаме многу добра книга, возиме по автопат, медитираме или сонуваме.
Една од одликите на алфа состојбата е зголемена сугестивност, односно зголемена подготвеност на нашиот ум да прифати позитивни идеи и сугестии. Таа способност ја користиме во хипнотерапија за да замениме дисфункционални информации од потсвеста со функционални и посакувани, за да изградиме обрасци на мислење кои ќе нè водат кон здрав и среќен живот, објаснува психолог Данче Наумовска Пауновска.
