Сашо Ексклузив: „Фризурата не е само изглед – таа е став, енергија и дел од личноста“

Уредник
Се чита за 11 минути

Татко, син и внук – три генерации коишто со ножици и креативност ја обликуваат убавината на жените. Александар Тодоровски, познат како Сашо Ексклузив, е женски фризер кој верува дека фризурата не е само изглед, туку и став, енергија и потпис на личноста. По многу години во метрополата и Европа, повторно е дома – во Куманово, каде што сè започнало.

Во светот на фризерството – талентот и традицијата ретко одат рака под рака, но кај него тоа е семејна приказна што трае три генерации, со најава и на четврта. По долги години успешна кариера, тој со себе носи искуство, европски пристап кон фризерството и страст што се чувствува во секое негово движење со ножиците и рацете. Се враќа во градот од кој потекнува неговото семејство на „мајстори за фризури“.

Син е на познатиот кумановски фризер Мики Шаре, внук на исто така познатиот еснаф мајстор – машки шнајдер и господин, чичко Стоиле и потомок на човек кој бил симбол на урбано живеење, развивање и модернизирање на градот, Трајко Лопарски, кој бил сопственик на Кумановска бања и татко на градот, со многу анегдоти за него, кои и ден денес се раскажуваат, вклучувајќи ја и таа кога изнајмил  три пајтони, за него, за неговиот шешир и за музикантите. Како нивен наследник, Сашо ја продолжува таа традиција на оригиналност и мајсторство, со свој модерен потпис.

Во времиња кога сè се менува со брзина на клик, Сашо нè потсетува дека убавината има своја длабочина – во рацете, во срцето и во приказната што ја раскажува секоја фризура. Неговиот comeback во Куманово докажува дека понекогаш најисправниот потег е – да се вратиш таму каде што започнала твојата инспирација и корени.

Во интервју за нашиот портал зборува за стилот на кумановки и скопјанки, и воопшто за жените, за трендовите во светот на фризурите, но и за тоа зошто убавината секогаш започнува од внатре.

Корени и семејство

1. Растевте меѓу ножици, фенови и клиенти какво изгледаше детството во едно фризерско семејство?

– Моето семејство беше многу интересно и атрактивно и ме воведе во убавото однесување и почит кон луѓето. За мене нема нација, националност, вера и припадност. За мене човек е човек.

2. Вашиот татко бил еден од најпознатите фризери во Куманово. Што најмногу научивте од него?

– Татко ми не беше само најдобар фризер во Куманово. Беше човек со широки погледи на животот и љубовта кон најблиските. Тој учел занает кај вујко му Драги-фризер, татко на чичко ми познатиот хирург Боро Божиновски. Од нив двајцата научив сѐ што знаеја најдобро и најубаво во фризерајот. Татко ми беше човек што го почитуваа и му даваа рака за неговито мајсторство и уметност сите колеги од Македонија и пошироко.

Меѓународно првенство на фризери во Нови Сад ,1994

3. Дедо ви, по татко, бил познат шнајдер, а по мајчина страна потекнувате од старо кумановско семејство, Лопарци. Колку тие корени влијаат на вашиот стил и вкус?

– Морам сега да спомнам уште нешто што мене многу ми значи. Мојата мајка Слободанка Боте Лопарска ме воведе, заедно со дедо ми, нејзиниот свекор, во уште една голема уметност што ми ја исполнува душата, љубовта кон убавата народна македонска песна. Додека од другиот дедо, нејзиниот татко Трајко Лопар, го попримив неговиот карактер и екстраваганција.

4. Денес и вашиот син е фризер во Скопје што значи за вас тоа, како татко и професионалец?

– Моите чувства како татко кон моите два сина, Михаил и Филип, од кои имам и два внука, Тристан и Оливер, не можат да се искажат со зборови. Среќен сум што израснаа во многу добри и емотивни луѓе. Најавувам, со сигурност, дека Тристан ќе биде четвртото колено во нашата фризерска семејна традиција, дури предвидувам дека ќе биде покреативен од сте нас .

Повраток во Куманово

5. По долги години во метрополата, повторно сте дома. Што ве врати во Куманово?

– По сите животни турбуленции, успеси и падови, во фризерството и во музиката, успеав да се кренам како Феникс и проценив дека во Куманово, каде се моите почетоци и најубави денови од младоста, за мене е најдобро овие мои зрели години да ги поминам со луѓето што ме сакаат и ме почитуваат и јас нив. И да не заборавам, кумановските жени беа и останаа најмодерните жени во Македонија, и предизвик ми е да го применам моето долгогодишно професионално искуство и да излезат среќни и задоволни од моето студио.

6. Дали градот е ист, или чувствувате дека и тој се сменил како и модата?

– За градот не можам многу да кажам, ама во овој месец дена колку сум тука, видов дека моите стари муштерии се сѐ уште мои и го ценат моето знаење.

Со Ирена Спировска, 35 години заштитно лице на „Сашо Ексклузив“

Професија и живот

7. Се вели дека фризерот е и уметник и психотерапевт. Колку има вистина во тоа?

– Точно е, верувајте јас тоа најдобро го знам, бидејќи од мали нозе сум бил во салонот на татко ми и сум слушал секакви приказни, анегдоти и судбини. И ден денеска сум добар слушател, и ако е потребно и е во моја моќ, би дал совет.

8. Кој момент од кариерата би го издвоиле како пресвртница?

– Деведесет и четвртата година, отидов на Меѓународен натпревар на убавина во Србија, и освоив Гран-при и шест други пехари и дипломи. Потоа отидов за Швајцарија и учествував на голема модна ревија и сфатив дека можам да бидам рамноправен со таа европска фела. Потоа заминав во Париз на одредено време, бидејќи Париз е центар на светската мода. Во таа моја меѓународна приказна морам да ги спомнам Москва, Софија и Солун каде постигнав многу големи успеси и признанија. Инаку 95-та година кога се вратив од Париз и Цирих, направив голема модна ревија во Спортската сала во Куманово со над 2000 гости, на која ми дојдоа колеги од цела бивша Југославија. Тоа беше ревијална уметничка вечер на фризури и висока мода, на која се одзваа сите мои пејачи колеги и беше големо доживување за мене.

9. Кои се најубавите зборови што клиентка ви ги има кажано по новата фризура?

– „Ти не си нормален. Ти си фрик, и ‚продужи даље‘. You are the man with magic hands.“ А имам и благослов од една муштерика која кога влезе кај мене немала пари и ме праша дали може нареден пат да плати, нормално дека прифатив без проблем, и кога бидна сѐ готово, таа ми рече – „да даде Господ кога ќе искочам од оваа студио, злато по олуци да ти тече.“  И верувајте, така и бидна. Додека друга муштерика пак, белграѓанка, рече дека специјално дошла кај мене, појаснувајќи со коментар „дека не е толку богата да плаќа ефтини фризери“.

Мода, стил и женственост

10. Кои се актуелните трендови во светот на фризурите за оваа сезона?

– Тоа не постои – иако постои. Затоа што една фризура која е модерна во светот не мора да ѝ прилега на секоја жена. Затоа секоја жена која оди на фризер и му верува, треба да му остави тој да ѝ предложи фризура која би ѝ прилегала, но не мора да го прифати предлогот.

11.Како ја опишувате разликата во стилот на фризурите на кумановки и скопјанки?

– Не би го коментирал тоа, за мене жената е жена од каде и да е. Но сепак ќе кажам. Скопје си е Скопје, а кумановските жени секогаш знаат што сакаат и како да изгледаат и да си одберат добар фризер на кој му веруваат.

12. Кој е вашиот омилен безвременски стил што никогаш не излегува од мода?

– Мерлин Монро, Џоан Колинс, Силвија Кристл…

Врски со светот и инспирација

13. Колку македонската фризерска сцена се приближува до европските стандарди?

– Многу малку, би рекол незабележително.

14. Кој е вашиот професионален идол или има најголемо влијание во светот на фризурите?

– Немам.

15. Како се информирате за нови техники, материјали и трендови?

– Преку интернет и мои колеги во светот со кои разменуваме најнови трендови.

Филозофија, став и порака

16. Дали фризурата може да ја промени самодовербата на жената?

– Може и тоа многу. Ако остави на мене и на мојата креативност ќе изгледа минимум десет години помлада.

17. И на крај ако фризурата е израз на личноста, како би ја опишале својата личност?

– Креативен, екстравагантен, ексцентричен, сензитивен, емпатичен …и се разбира, голем боем, кој пее за своја душа и кој сними студиски, 25 свои авторски македонски песни кои се постирани и на You Tube под името saso excklusive.

 

Р.П.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија