СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ оваа учебна година ја заврши со вицешампионска титула на женската фудбалска екипа, под водство на професор Љубинка Максимовска, што внесе посебна радост меѓу учениците.
Но, ништо не е случајно. Ова училиште во 2002 и 2014 е прогласено за најдобро средно училиште за спорт, во Македонија.

За каков успех станува збор овој пат, кога и како се случи истиот?
– Нашата гимназија, всушност ученичките од фудбалската екипа освоија второ место во фудбал, на државен натпревар што се одржа на 26 мај, на спортските терени на фудбалскиот клуб „Речица“. Игравме финален натпревар со женската екипа од ДСУ „Методија Митевски Брицо“ од Скопје.
Колку екипи се натпреваруваа?
– Во финалето се натпреваруваа две екипи, требаше да дојде и екипа од уште едно училиште, но во последен момент се откажаа. А, претходно имаше натпревари на општинско ниво, на зонско, на регионално и на крај на државно ниво, кое всушност е финалето.
Колку ученички играа во тимот?
– Во екипата вкупно имаме 11 ученички од прва до четврта година, но во овој натпревар играат 7+1, другите се резервни, бидејќи поради намалениот интерес за голем фудбал од страна на женската популација, екипата е во намалена бројка, за разлика од машката во која играат 11 играчи.
Како ги подготвувате?
– Се подготвуваме на училиште преку дополнителна настава, обично тргнуваме од крај на септември, бидејќи веќе во октомври почнуваме со општински натпревари, па во ноември и декември имаме зонски, во февруари, март регионални и на крај, во мај, државното првенство. И не само со оваа екипа сега, успеси имаме и во претходните години, исто така вицешампионски титули, трето место во фудбал, во футсал.
Кажете ми што е фудбал, што е футсал?
– Футсал се игра во затворен простор, во сала, големиот фудбал се игра на отворен, на голем терен и други се правилата. Има сличности, но има и големи разлики. И динамиката на футсал е сосема поинаква од големиот фудбал, во футсал обично е побрза динамика, побрзи додавања, има пасови и обично играат помалку играчи, четири плус еден и сите тие се вклучени во игра, во одбрана, во напад… Додека во големиот фудбал секој си има своја позиција и своја улога… Ние овој пат победивме во фудбал, а истите ученички играат и фудбал и футсал.
Сте биле ли фудбалерка, или имате практикувано некој друг спорт?
– Фудбал имам играно аматерски. Тогаш немаше ни клубови за тоа, претежно беа маалски, но затоа пак сум била репрезентативец и државен првак во карате.

Кога е така, ги подготвувате учениците во таа дисциплина?
– Сега – засега не, овие години, не знам зошто, особено по короната, нема интерес за тоа. Но, доколку се појави, секако дека ќе ги подучувам во карате вештини.
Каратето, ние кога бевме помлади, бидејќи генерациски сме приближно, беше многу актуелно и модерно и сите бевме вљубени во него поради американските филмови кои го има прикажано во еден многу позитивен дух, како натпревар и како спортска дисциплина. Сега воопшто и не се спомнува. Зошто?
– Ќе ви кажам зошто – сега повеќе е интересен кикбоксот. Всушност кикбоксот, тоа е карате со целосен удар. Каратето негува контрола и дисциплина, да се бориш, а да не го повредиш противникот, додека сега младите повеќе сакаат поенергични спортови, удирање со цел контакт и затоа е поактуелен кикбоксот, таеквондото, каде имаме резултати со наши познати спортисти и на Олимписки натпревари.
Дали во Вашата гимназија постои интерес за секаков спорт?
– Има. Во минатото, училиштето забележало многу успеси во фудбал и во други спортови. Во атлетика секогаш сме биле меѓу најдобрите. Нема година во која не сме освоиле некоја награда, некое државно место. Во 2019 девојчињата освоија вицешампско место во футсал. Претходно имавме трето на Гимназијада со футсал, па претходна година имавме второ место во голем фудбал и една претходна година повторно второ место во голем фудбал. А во ракомет минатата година машките беа државни прваци. Имаме доста државни прваци и во кошарка и во женски ракомет.
Произлегле ли спортисти од кај вас, кои понатаму професионално се определиле за спорт?
– Училиштето сега број над 700 ученици, меѓу кои има спортисти и потенцијални спортисти. Имаме доста атлетичари кои што продолжиле со атлетика професионално. Нашата ученичка Јована Кипријановска сега е успешна ракометарка во тим во Франција, и таа и Александра Боризовска настапуваат за женската ракометна репрезентација на Македонија, а Боризовска игра во клубови во Хрватска и во Грција. И ние професорите по спорт кога бевме средношколци исто сме учеле во ова училиште. Наша колешка Анастасија Митровска беше капитен на фудбалска репрезентација на Македонија.
Вие, како професори, ги избирате талентираните ученици или сами се пријавуваат кој сака да дојде?
– И самите се пријавуваат и ние ги избираме. Ги гледаме на часовите и во соработка со колегите кои предаваат во другите класови си посочуваме кои се добри. Ако видиме дека се талентирани ги упатуваме да тренираат во разни клубови – некои сега тренираат во клубот „Речица“, некои во Ф.К. „Куманово Еуроспорт“… Ако ученикот има талент го упатуваме на доусовршување кај професионалци.

Колку сте професори по спорт?
– Шест, од кои само јас сум професорка и сум задолжена за женската футбал и футсал екипа.
Имате посебна привилегијата бидејќи сте единствената дама?
– Не, рамноправни сме. „Во светот на мажите“, обично за спортот така велат …
Но, го направивте „Во светот на жените“ според Вашите резултати.
– Го давам најдоброто од себе. Тука е и безрезервната поддршка од директорката Марија Тодоровска, која секогаш нѐ помага, нѐ храбри, нѐ бодри.
Која е Вашата следна желба што сакате да Ви се оствари на професионален план?
– Да се повтори успехот пак, па и подобро да биде. Овој пат се боревме со екипа која како да беше репрезентација, сепак тоа е средно спортско училиште „Брицо“ и многу од нив и навистина се во репрезентација. Затоа и нѐ радува нашиот успех.
Дали сите овие Ваши активности се волонтерски?
– Сѐ е на волонтерска база. За својот успех ученичките добија дипломи. Но, сега ќе можат и да аплицираат за спортска стипендија, што ја дава министерството. За талентираните и вредни ученици секогаш има некоја поволност. Нашето училиште во 2002 и 2014 е прогласено за најдобро училиште во спорт од сите средни училишта во земјава. Но, морам да споменам дека нашите ученици освојуваат медали и во другите области. Христина Спасовска освои златен медал на Светска олимпијада по географија, мојата ќерка Мелани Максимовска освои бронзен медал на Светска олимпијада по географија, организирана од Индија. Ања Спасовска освои бронзен медал на Светска олимпијада по хемија, Илина Арсовска, пак, учествуваше на Европска женска математичка Олимпијада ЕГМО 2025, а во 2024 учествуваше на Светско првенство во Microsoft Office Specialist. Има и ученици кои имаат директно учествувано на Олимпијада по математика на Косово и во Америка…
Морам да Ви признам дека прв пат сретнувам професорка по спорт, од женски род.
– Ете, добро е тоа, малку ентузијастички.
Од кога сте на ова работно место?
– Од 2002 година и ќе речам дека за мене тоа е многу добра професија која ме исполнува.
Одлични резултати сте постигнале догодина нека биде и шампионската титула во Ваши раце.
– Ви благодариме. Веруваме дека ќе сме и шампиони.
Валентина Ѓоргиевска Парго
