СЛАЃАН СТАНИШКОВСКИ: И ден денес настапувам во носијата на дедо ми Кузман гусларот!

Уредник
Се чита за 22 минути

„Ќе направам етно револуција во Куманово!“ звучи преомитистички од млад автор, сѐ додека не ја слушнете неговата приказна и не го препознаете неговиот жар.

Дете од колено, од музичка сорта. Самоук инструменталист, композитор, автор, продуцент, режисер на музички спотови.

Слаѓан Станишковски, име за кое допрва ќе се чуе.

Најновата песна што наскоро ќе ја испее Нино Величковски е потпишана од авторот Бобан Петковски, а Вие направивте прекрасен аранжман. Но, најпрво кажете ни генерално за Вашата работа.

– Со авторство се занимавам одамна, а веќе 7-8 години имам свое студио во рамките на здружението „Мулти арт“, чиј претседател сум и кое организира многу настани. Еден од успешно реализираните зафати беше „Кумановци за Куманово“, проект за јубилејот 500 години на градот, во кој што, со помош на Магде Божиновска, вклучив академски музичари, професори по музиката и колеги. Преработивме девет кумановски песни, ги снимивме на цд, добивме поддршка од Општината и направивме промоција во Домот на занаетчиите. Така започна нашата соработка со Нино Величковски со кој тогаш ја снимивме песната „Блазе тебе фидан Вело“… Втората песната беше „За Македонија“ за Лешочкиот фестивал и сега ни е трета соработка за претстојниот „Тумба фест“.

И самиот Нино е восхитен од новата „Дај још једну туру“, самиот наслов кажува многу…

– Тоа е песна како создадена за него. Ставив и тамбурици отсвирено од професор Саша Чита, кумановски тамбураш. За песната ќе правиме спот во Етно село, кој јас ќе го режирам со поддршка на Аце од кумановската Тв Плус. Всушност, со Нино разговаравме дека би било убаво догодина, за неговиот меѓународен тамбурашки фестивал, да распишеме конкурс за млади деца да учат тамбури. И така си разменуваме некои идеи.

Од каде љубовта кон фолклорот?

– Дедо ми е познат гуслар од Куманово, Кузман Стојковски. Тој е првиот гуслар на кого од „Танец“ му имаат понудено да свири. Кога се правело оркестарот на „Танец“ со Васка Илиева, со Јонче Христовски, Живко Фирфов му понудил на дедо ми да оди во „Танец“, за да ги имаат сите инструменти, но не прифатил затоа што работел во црквата во Зубовце, Кумановско. Потоа снимил една плоча. Народната песна „Јуче сам се сина оженија“ ја свиреле со Ѓоре гајдаџијата. А, Јонче Христовски од дедо ми има земено неколку песни кои му се допаднале и ги има преработено.

Од каде Ви е потеклото?

– По линија на татко ми потеклото ми е од селото Бељаковце, другиот дедо ми е од Руѓинце. Гусларски дел. За жал по смртта на дедо ми, гусларите полека ги снемува. Јас ја имам неговата гусла, ми доаѓале купувачи дури од Австралија, ми нуделе 2- 3.000 долари за да ја купат. Ама, „Не се продава ова им велам, одете посвирете на неа, но не се продава“. Во тоа време дури и ми требаа пари да си купам сајзер, но велам- тоа не бива, да ја продавам ли душата на дедо ми, најпознатиот гуслар? Некои работи не се продаваат.

Велите дека сам научивте да свирите.

– Дедо ми на 10-12 години ме одведе во КУД „Панче Пешев“ и тогаш се заљубив во фолклорот, фолклорот генетски секогаш ми бил поблизок. Почнав да свирам хармоника, самоук сум. За музиката, кога ја сакаш, многу е битно, да ја истражуваш. Седнувам со дипломирани музичари прашувам, истражувам… Неодамна со Ангел Ќосев го преслушувавме аранжманот на песната за Нино и ме прашува „Кај имаш ти завршено, не те знам од Скопје. Гледам, добро си ги поставил аранжманите“. Јас му велам „Немам ни ден школо“. „Како немаш, а си ги поставил инструментите точно“. „Ангел знаеш во што има разлика меѓу мене вие што сте со диплома? Мене ми е дозволено да погрешам, вас не“, му одговарам и се смееме…

Како се вклучивте во музиката?

– Членував во фолклорно друштво „Панче Пешев“ од своја 13 -14 година, кога ме однесе дедо ми, и од таму започна моето музичко патување. На мои 17 години се зачленив во фолклорно друштво „Тоска“ кое што беше формирано во НУЦК „Трајко Прокопиев“ под водство на кореографот Един Азизи. Прв ме пречека Стојадин Ивановски Дине, човекот кој многу луѓе ги воведе во културниот свет и беше и идејниот творец и за модерниот балет и танц во Куманово. Потоа, бев дел и од групата за свадбени веселби „Милениум“, која важеше за една од подобрите бендови за свадби и таа траеше 20 години. Главен виновник сум и за настапите со тапан на свадбени веселби и горд сум на тоа бидејќи мора да ги негуваме нашите традиционални инструменти. Во една прилика изведовме специјална точка со кавал и тапан во Куманово, а и ден денес е атракција и се прошири низ цела Македонија. Некои колеги низ смешка ми дофрлаат „Направи таква беља да секој перкусионист во свој бенд мора да купи тапан и да свири на него“. Свирам кавал, свирам тамбура, неколку етно инструменти, а ден школо немам за тоа.

Како откривте дека кавалот ви лежи?

– Имаше конкурс за изворна музика во Домот на културата. И доаѓаат академски музичари кои се пријавуваат на тој конкурс и почнуваат да изучуваат музика, но часовите траеа цела година. Мене тогаш ме викнаа во војска. Се враќам, семинарот завршил. Доаѓам, го гледам кавалот и се прашувам „Што е овој инструмент што кога и да го слушам ме вади од кожа?“. Тоа продира во мене, а не знаев да свирам. Го зедов кавалот дома и по клавијатура извадив тон. Со Стефче бевме пријатели, тој знаеше дека водам оркестар во фолклорно друштво. Му се јавувам „Стефче јас извадив тон, сакам да ме слушнеш“. „Ако извади тон, вели, надежен си за кавалџија, тоа е тешкото, но тоа е и талентот“. Понатаму ме покани во својот ансамбл. Две- три години едукација кај него многу ми помогна. Со неговиот оркестар, преку Министерство за култура, бевме на бројни турнеи – Лондон, Шкотска, Унгарија, Словенија, Чешка, Бугарија и други држави. На фестивалот за гајди во Шкотска Стефче нѐ претставува: Ова е доктор Пењушков на тамбура, Слаѓан самоук хармоникаш и кавалџија, нашиот тапанар… По концертот два пати нѐ враќаа на бис. Тоа чувство трае, еве и сега се ежам. И тие се чудат- нема школо? За нив тоа многу им значи, ти да кажеш немаш музичко образование, а да свириш инструмент и со толку љубов и со толкава емоција. Ама стегната програма увежбана како што треба.

Да не заборавиме, музиката ја поставиле музичари без школо, најдобрите композиции, ги направиле и инструментите. Но, во склад со времето во кое живееме јасно е дека музичарот мора да се надоградува.

– Секако ми недостига мене тоа. Затоа истражувам. Јас пробав да се запишам во средно Музичко во Скопје и на самото тестирање ме изведува професорот надвор и ми вели „Слаѓане бегај во Штип. Најдобар си од сите, но нема место“. Одам во Штип истата ситуација. Се разочарав и документите ги однесов во средно прехранбено училиште. Зошто? Зошто немаше место за мене, се запишуваа со пријателство, или „кој е татко ти“.

Како се свртевте кон етното?

– Во четвртоците свириме изворна музика со Стефче во националниот ресторан „Баба Цана“ и доаѓа гостин и ни ја бара „Несаница“. „Не можеме да свириме Несаница, јас сум кавалџија му одговорив“. Им ја свириме „Сношти е доцна, доцна седела“ и тоа друштво и почнаа да доаѓаат специјално за таа песна. Па ги научивме да слушаат македонска музика. Така почнавме да свириме оригинална изворна музика и на тапанџијата Челик од атрактивниот „Челик бенд“, му велам „Земи тапан за атмосфера и дојди ќе направиме бум. Тоа ќе биде уметничка точка. Ќе го поставиме нивото“. Прва свадба јас свирам на кавал, Челик излегува со тапан, рипна цела сала, фрлаат пари. И така со бендот „Милениум“ почнавме да ги свириме најубавите свадби во Куманово, а влеговме и во Скопје.

Вие сега се придржувате по потреба кон некои групи?

– Јас моментално свирам во Етно село со Адријана Алачки.

Со Стефче е голема чест да се соработува, има  искуство и роден е за тоа.

– И со неговиот татко, докторот Степан Стојковски, бев многу добар пријател. Татко му беше исклучителна личност и музичар и последниот спот што го направив за него беше за песната „Гоце Делчев“. Јас го режирав. Сакав чисто да му се оддолжам за сѐ. Тој е многу професионален музичар, еден од многу ретките што ја свири македонската изворна музика како што треба. Бидејќи учел од Пеце Атанасовски. Пред малку кажав, гуслата потекнува од кумановскиот крај. Гуслаџија од Кумановско ќе свири како што треба. Прилепскиот крај е познат по гајдите, таму гајдаџија ќе свири како што треба. Секој крај си има своја карактеристика. Ние треба да се стремиме оригинално да звучат инструментите кои ги свириме од нашиот крај.

Раскажете ни некоја анегдота од патувањата.

– Светот колку е мал – со Стефче одиме во Шкотска на фестивалот и доаѓа еден посетител и вели „Браво. Јас пред десет години сум бил еднаш во Скопје и еден човек со долга коса на стадионот ми даде македонско виски“. Стевче го гледа и го препозна, му вели – јас сум тој што ти даде ракија. Човекот отиде дома и по три часа се враќа со фотографија. На фотографијата го гледа Стевче во носија. Ете по 10 години во Шкотска се најдоа случајно. Тоа е чудо.

Музиката ионака прави чуда. За музика најважен е талент и посветеност, тоа се знае.

– И да не избегаме од изворот. Изворот мора да се запази. Затоа соработувам со оние кои строго ја негуваат македонската песна. Меѓудругото тука би го споменал и Гоце од „Синтезис“ и Бајса Арифова, и со почит кон другите хармоникаши, најмногу го почитував маестро Милан Завков, единствено сакав да го свирам неговиот стил. Тој се држеше до изворот и затоа ги направи најубавите хитови. Јас со изворната музика сакам да направам „револуција“ во Куманово. Да се откријат сите стари песни.

Млад човек, желен она што тлее во него да го изнесе на виделина, би рекла за Вас. Меѓутоа, горди сме кога ќе речеме македонското етно, но констатација е дека недоволно го истакнуваме и честопати неправилно се употребува во комерцијални цели.

– Ќе се навратам, пред малку кажав многу се бега од изворот. Тука е суштината. Мојата идеја е да не се користат маестрата да свират во кафани заради егзистенцијални причини. Кафеаната не му дозволува тој да ја даде душата, не е концертна таа изведба. Државата што треба да направи? Национална пензија на десеттина луѓе кои што ја држат традицијата. Тие се моментално чуварите. „Повелете, ова е за вас и да истурите училници низ цела Македонија, за вашето знаење да остане. Да ги научите младите да остане начинот на свирење како што се правело порано во македонска телевизија, со чалгијата, со изворна музика и веднаш оставаш белег“. И начинот на пеење. Исто пример, Стефче бидејќи нема диплома, но мора да се направи исклучок и да се вработи како професор во интерес на младите генерации. Гоце Димовски од „Синтезис“ исто така учел од татко му Ангеле Димовски како се свири кавал, најстариот кавалџија. „Бисер балкански“ кога ќе засвирел сите ја чувствувале душата на кавалот.

Впечатокот е дека и на концептот со етното му се пристапува партиски, ајде малку да ја подигнеме свеста и да не се прават такви грешки.

– Тука ќе кажам дека јас сум човек партиски цврсто определен, но кога станува збор за музиката, соработувам само со тие што имаат што да дадат. Што е битно Нино дали и во која партија е, кога е кумановски бренд и кога никој не може да го интерпретира тоа што тој може на негов начин.

Имате некоја конкретна идеја?

– Кога за Сузана Спасовска ѝ ја направив песната „Девере, девере“ се спријателивме и сега во нашите муабети ѝ велам „Сузе дај од септември да направиме пејачка група во Куманово, Ти да ја водиш јас ќе бидам ментор“. Да направиме нешто да остане. Ова што го правиме од љубов. Мора да се бориме. Битката ќе ја изгубиме ако никој ништо не работи, а сите критикуваме. Дај да се фатиме за работа после ќе зборуваме. Со дела се зборува. Така ќе ги поттикнеме и младите музичари да почнат да работат.

Што работите во моментов?

– Пет години по ред го работам детскиот фестивал „Бисерчиња“. Во него како автори учествуваат речиси сите професори по музика од градот, за го дигнеме нивото на фестивалот. Сега имаме и поддршка од Министерство за култура и туризам. Годинава ќе се одржи на 19 септември во Домот на културата. Со ТВ плус за секое дете- пејач правиме песна и видео спот, а на сцена секое дете настапува со балетски групи. Имам создадено преку 50 детски песни.

Како почнавте со фестивали, снимања?

– Во оваа работа морам да кажам ме втурна хармоникашот Златко Миладиновски. Тој е кумановски зет, за моја најдобра другарка. Еден од внуците на Војо Стојановски. Тие се држат до изворот. Јас ова го сфатив кога се роди син му Павел и ние одиме на мекици. Се веселеа што се веселеа, потоа земаа хармоники и во еден ќош почнаа да пеат стари кичевски песни. Ние молчиме, слушаме. И велам „леле колку добро она што го направија“. И во Куманово го имало тоа машко назално пеење. Само машки вокали. Тоа го снема зашто никој не се нафати за да тој правец да го зема да го работи. Треба да се врати.

– Која е Вашата прва авторска песна?

– Првата моја авторска песна е „Извор вода“ со  етно групата „Тоска“- три женски вокали, кавал, тамбурче, клавијатура. Една од вокалистките сега е мојата сопруга Драгана Станишковска. Таа е победник на потрагата по талент во „Зајди зајди“, но знаете зошто победи кај маестро Завков? Победи затоа што стилски ги пее песните како што треба, не пее друг стил освен Васка Илиева, Вања Лазарова. Работи во банка и не е музичар, но повремено снима со мене во студио сега сакам со професорот Тимчо Томков за неа да направиме чалгија за песната „Со маки сум се родила“. А најпозната песна која сум ја напишал е „Ајде сите весело да запееме оро да заиграме“ снимена со мојот бенд, потоа „Најмила“ со Миле Кузмановски и други.

Малку за плановите во блиска иднина.

– Во блиска иднина во Куманово да го поттикнам изворно хорско пеење. Мораме да ја разбудиме свеста и децата да членуваат во фолклорни друштва. Имаа прекрасни талентирани деца. Има и неколку културни уметнички друштва. Тука е и групата „Срма“. Општината и државата не даваат доволно средства. Од друга страна изумираат некои занаети, на правење носии, опинци, а и тоа децата си го плаќаат сами. Немаме промоција на стабилни основи и долгорочна концепција. И треба да се работи на публиката, зошто не бива преку ноќ. Не може тоа сама по себе. Имаше добра публика полека се изгуби…

Според Вас која е најубава и најавтентична македонска народна песна во која е внесен македонскиот идентитет. Обично ќе речат „Зајди зајди“.

– „Зајди зајди“ да кажеме дека е. Има многу песни од Сариевски, Бадев кои што луѓето уште не ги ни знаат, а се поврзани со идентитетот. „Заветна“ е една од тие песна, која Пепи Бафтировски ја има испеано. Ама знаете зошто е тоа така? Затоа што, забележав, учел да пее од Пепи Бафтировски, од Кирил Манчевски. Кирил Манчевски го постави тоа меко пеење. Наум Петрески пее со многу украси. Васка Илиева е број еден.

Заветна“ би ја ставиле на пиедестал?

– Од поновите и песните „Бисер Балкански“ и „Запејте сите ангели“, од Гоце Николовски. Неодамна на Спасе Антевски му направив аранжман на песна и спот за „Запејте сите ангели“, оваа песна пробуваме да ја вратиме во чест на Гоце. Спотот ја снимивме во старата црква во Нагоричане. Зашто, етно музиката е поврзана со црквата. Тука ни е коренот така треба да мислиме и авторски и да биде поврзано со идентитет.

Вие секогаш настапувате во народна носија.

– На настап ја носам оригиналната носија од дедо ми Кузман. Пере носи Ваташка со шабура, како носеле таму. Со ансамблот на Стефче ние сме Македонија во едно.

Која е најголема награда за еден музичар?

– Да направиме нешто за Македонија, пишана награда мене искрено не ми значи. Таа е про-форма. Награда е кога ќе слушнам за некоја моја песна некој да рече „ја знам таа песна“. Битолската публика никогаш не ја заборавив од еден концерт. Таа нејзина енергија. Аплаузот. Ние уметниците за тоа живееме. Кога имавме концерт во КИЦ Софија, излегува водителот и вели „На концертот не дојдоа Македонци, дојдоа Бугари кои обожаваат македонска музика“. Се ежам цел. Свириме ние и на крај дојде една баба, плаче ме стегна за рака и вели „Лажат, сите овде сме Македонци . Чувајте го тоа што го имате, зошто кога ќе го изгубите, ќе знаете што зборува сега овој водител“. Ова ми го кажа пред десетина години…

И, нешто како шлагворт на овој разговор!

– Би сакал само да најавам дека со мојата бисер сопруга, со бисерна грло, која многу ме поддржува, планираме крупни нешта. Таа победи на „Зајди, зајди талент“, меѓудругото и дека пее изворна македонска музика со многу висок квалитет. Нешто поново е „Мајко Македонијо“, песна со која настапивме на „Лешок фест“. И допрва ќе имаме нови проекти со Драгана, но да оставиме уште некое време да бидат во тајност.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија