Поетското срце, ќе речат, е составено од многу длабоки чувства, различни по содржина и фрекфенција, но ништо не може да го направи толку симпатично како боемската нота во него.
На прагот на својата 13 книга, се сретнавме со нашиот поет – познат по своите песни со мек, нежен израз, познат и по својата боемштина, Горан Анчевски. Скопјанец, со кумановско и кратовско потекло, ама заколнат граѓанин на Македонија, прво, па понатаму граѓанин на светот.
Неговите граници, тој така си ги има испишано. Вдолж и вшир Македонија!

Да Ве претставам, Вие сте поет со книги, награди, признанија, учества на поетски манифестации, реализација на културни настани.
– Мојата прва слихозбирка е посветена на моите ќерки, „Милениците на Оља и Сања“, потоа дојде стихозбирка за возрасни „Ирис“, па „Пориви на муграта“, „Вечен огин“, „Боемско Скопје“, „Вдахновение“, „Светлина во зеницата“, „Зад виножитото“ , „Душата на цветот“, „Оставени на дождот“, која е заедничка со мојот колега од Битола Пеце М. Цветкоски, следуваше „Спасоносна светлина“… Застапен сум во неколку заеднички поетски алманаси и збирки. Сега пред печатење е мојата нова книга која носи наслов „Длабоки води и острови“. Меѓу тие „острови“ сте и Вие.
Повторно ќе биде поезија?
– Поезија. Јас сум верен на поезијата. Поезијата ме понесе како една река, со години и со децении, и искрено од срце, од душа, ги дарувам песните.
Што ќе содржи книгата и кога да ја очекуваме?
– „Длабоки води“ е една метафора за овие тешки времиња во кои живееме, а островите се убавите поетески дружби што ги имав низ нашата убава Македонија со моите драги и сакани поети, колеги, пријатели, повеќе од 20 години. Благодарение на тие поетски дружења ја прошетав нашата земја, видов многу убави места кои инспиративно делуваа на мене и напишав песни за нашата мила родина Македонија. Ќе биде објавена во текот на оваа година.
Сигурно повеќе личности се опеани во книгата, бидејќи Вие сте поет кој го подарува својот поетски збор на оној што Ви оставил впечаток.
– Опеани се и повеќе личности. Запознав многу луѓе, ми се отворија многу хоризонти… Е, сега на нашиот пат што го одиме, запознаваме секакви личности, но животот има разочарувања, чемери, ама има и убави моменти. Запознав убави луѓе, остварив убави дружби и сето тоа влијаеше на моето поетско творештво. Посакав тие мигови на другарување, на човекување, да ги овековечам, со една надеж дека сепак доброто, светлото, убавото, ќе надвладеат над темното.
Верувам и Куманово е на мапата на Вашата поетск карта и има оставено инспирација врз Вашето поетско перо.
– Во кратки црти да кажам – по мајка сум кумановец. Нејзиниот татко, Трајко Лопар, е од стара кумановска фамилија, Лопарска, Кумановци ја знаат… Луѓе кои оставиле убави спомени по човештина, по добрина. Дедо ми беше познат боем и човек што многу ги сакаше луѓето. Мајка ми Татјана Лопарска е мажена во Скопје и неколку работи ми останаа од неа што ѝ ги кажал татко ѝ: „Ќерко, да бидеш чесна и на човек лошо да не му направиш и да се трудиш да учиш, да работиш“. Значи, тие вредности што биле кај старите кумановски фамилии, кои за жал полека, полека се изгубија во денешното време. „Да бидеш чесна, да учиш и да правиш добрини“, совети на животот. Ова го кажувам најискрено, иако може да прозвучи и патетично.

Забележливо е дека сте ги наследиле тие карактеристики, од страна на мајката, ама и дека од страна на дедото една негова црта – позитивна боемштина, којашто прави луѓето да Ве прифаќаат и да им биде пријатно со Вас.
– Во смисла на онаа искрена желба да дружам со луѓето, јас сум многу богат. Имам многу пријатели, многу другари. Инаку, да кажам јас сум син единец и од дете го чувствував тој недостаток- другарчињата ми беа браќа, другарките сестри. Може идеалистички ќе звучи, ама и ден денес тоа така си останало. Во основно училиште, „Лазо Трповски“, ме прогласија за другар на година. Учев со Вашата добра пријателка Калиопи Буклеска, во ист клас. Кога дојде од Кичево, кај мене дојде во клас.
Тогаш, вие двајцата сте најславните преставници од таа генерација.
– Во тој клас беше и познатиот македонски, чешки и светски режисер Иво Трајков. Јака генерација бевме, сега има и доктори, хирурзи, многу успешни луѓе.
Баш убаво. Во Куманово одевте преку лето?
– Одев кај баба ми и дедо ми, многу ги сакав, и многу ме сакаа и имам убави спомени од таму. Си играв во дворот на тоа Лопарско сокаче кај што им беше куќата, а дедо ми, кој многу ме сакаше, ме шеташе низ цел град.
Секогаш кога имате прилика, не одбивате покана за овој регион. По повод првомајските празнувања се одржа голема поетска дружба во кумановско, во замокот на доктор Дудучки, на која зедовте учество.
– Бевме кај доктор Дудучки и многу убаво се дружевме. Таа една кумановска широчина, се покажа повторно. Дури и се шегуваме на наша сметка.
Имате напишано песна за Куманово?
– Имам, секако. „Куманово“ е насловена и е повеќе детска. Веројатно, импресиите од дејството сѐ уште ми се подлога. Имам и песна за дедо ми Трајко. И двете, објавени се во мојата книга „Вечен огин“.
Би сакале да ни ја изрецитирате?
Три пајтони одат!
Три пајтони одат,
Низ кумановски сокаци
саканиот дедо весело го водат.
Три пајтони одат,
боемот Трајко Лопар
од кафеана до кафеана го водат.
Три пајтони одат,
Лопарот низ тежок живот го водат.
Сѐ што спечалил макотрпно, чесно,
завидливци му одземаа неподносливо лесно.
Три пајтони одат, три пајтони одат…и таканатаму, таканатаму.
Аха! Препознаваме, што се случило. Одземен имот. Никогаш не Ви би бил вратен?
– Па, нешто се исправи, ама… Земено и на улица. Сега имаш сѐ- утре на улица. Инаку, познато е дека Трајко Лопар го помагал отпорот и партизаните.
Анчевски, да се свртиме повторно на сегашно Куманово и на таа кумановска широчина што ја споменавте.
– Мене ме прави горд што Кумановци во суштина се широки луѓе. Топли луѓе. Јас така сум ги доживеал.
Вашата топлина е скопска или кумановска?
– Па, мислам дека е е кумановска.

А од скопската фамилија што наследивте како позитивна карактеристика?
– Па, татко ми беше благ човек ама исто ме воспитуваше „На човек синко да не му направиш лошо“. Многу ме караше што, нели машки деца се поагресивни, а како деца се тепавме, во одбрана на другарчињата. „Да не се тепаш! На човек да не му направиш лошо, да не му напакостиш!“, тоа беше главното што ме учеше.
Зборувате по некој кумановски збор?
– Знам. Мешам, но зборувам. Такој-такој.
Ааххх. Извинете по грешка се напив од Вашата вотка. Чашите, со мојата вода, се слични, а и многу се занесовме во муабетов. Навистина е боемски. Во скопска кафана, „Кај Јоле“ сме. Вие имате песна за оваа кафана, која се наоѓа во куќата на Друштвото на писателите, каде Вие сте член.
– Веќе точно дваесет години, јубилеј. Ме примија во 2005 година, тоа беше една духовна сатисфакција, значи сепак имало луѓе кои ме вреднувале. Кога мене ме примија во Друштво на писатели на Македонија во комисија беа Светлана Христова Јоциќ, Иван Чаповски и Љерка Тот Наумовска, луѓе кои се разбираат и од литература и од книжевност.
Кажете ми за тој момент од Вашето поетско суштествување- што значи да се биде во Друштво во кое поминале Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Блаже Конески и бројни македонски поетки великани. Колкава е обврската да се продолжува нивното дело?
– Ќе кажам искрено. Години наназад зборувам дека тешко беше да се влезе во Друштво на писатели. Татко ми не се движеше во тие кругови, тетин ми, чичко ми, никој од фамилијата, ама ете имаше добронамерни луѓе кои ги забележаа моите активности моите песни и заслужено влегов таму.
Куп добри поводи Ви се собраа овој период, на пат е и Вашата 13. книга… Ја добивте и наградата „Македонски феникс“ на меѓународната поетска манифестација „Моќта на љубовта“, организирана пред десеттина дена во МКЦ од страна на Здружението „Културно – Хуманитарен Феникс“, на кое што учествуваа 67 поети од преку 30 земји. На сцена ја примивте големата награда која што Ве направи лауреат, додека покрај Вас на нобеловскиот кандидат и уметник Живко Поповски Цветин му беше врачена Награда за животно дело. Што значи за Вас ова признание?
– Прво ќе кажам, ете и Вие ме знаете, твориме, се трудиме, не за награда. Тоа е порив. Песната го бира поетот. Твориме. Затоа што со поезијата предизвикана од внатрешен порив можеме да ги искажеме чувствата, мислите…

Еве, врапче слета на нашава маса. Слета и не сака да си оди…
– Среќа, среќа! (се замислува). Ќе бидам неискрен ако кажам дека не ми е драго што сепак постојат луѓе кои го перципирале тоа што јас со години, со децении го работам, затоа што поетскиот пат многупати е исполнет со горчини, со чемери. Не е сѐ радост. Радоста е во давањето. Значи, ако подариш убава песна и да ја споделиш со слушатели, читатели, тоа дава поттик и за понатаму.
На доделувањето на наградата ѝ подаривте поезија и на самата организаторка, Билјана Челик, „Дарови и бранувања“.
– Кога посветам песна некому, му посветувам од срце од душа. Немам друга причина, најмалку додворување. Порано ме иритираат посветени песни, а сега често посветувам на драги колешки, поетеси, на поети, на роднини и на пријатели. Љубовта ја излевам во стиховите. Но, не мора да значи ако е посветена дека песната нема универзално значење и длабока порака.

Вие сте во душа и рокер, сте биле водител и во Студенскo радио, актерот Мите Грозданов Ве ангажираше во негови драми како негов близок пријател и пред сѐ одличен рецитатор. Сѐ на сѐ, Ве препознаваат како урбана, топла скопска личност. А, она што посебно Ве издвојува е што не сте поборник на новата технологија, немате ни ајфон, ни маил, ни профили за социјалните мрежи, туку своите стихови ги запишувате на хартија или ги изговарате усно, „олдцкул поет“. И најважно: топли, кратки, интересни. Како успевате во куси форми да ја доловите личноста и целата суштина што треба да се каже?
– Како помлад поет пишував долги песни и на најдобронамерни сугестии од добронамерни луѓе „Долги ти се песните“, реагирав несоодветно. Ги пишував како што ми диктираше срцево и душата, внатрешен диктат. Но, со текот на годините сфатив дека поентата не е песната да биде долга, туку што кажува. Дали има естетика, дали има емоција… И така последните години пишувам пократки, постегнати песни, но тоа што сакам да го кажам како мисла, како емоција, да биде внесено во песната. Не да се разводни …
Опеавте и низа историски личности досега. И во новата книга да очекуваме посвети?
– Јане Сандански, Ѓорче Петров, Карпош, низа значајни културни дејци: Рајко Жинзифов, Рацин Вапцаров, браќата Миладиновци… За Рацин имам неколку песни, а професорот Васил Тоциновски ме удостои со тоа што ме вметна во антологија на стихови посветени за Рацин. Значи да си ги вреднуваме тие луѓе, затоа што се стожер. И во новата книга имам посвети но, има и многу „обични луѓе“ кои сепак допринеле за оваа Македонија, и за тие луѓе пишувам. Нив обично не ги знае народот, но сепак допринеле. Мали големи луѓе, мали големи луѓе…
Валентина Ѓоргиевска Парго
