Време за чисто, уредно, функционално, безбедно и живо Куманово

Уредник
Се чита за 5 минути

Во својата прва изјава како кандидат за градоначелник на Куманово Горан Стојковски-Диро ја презентираше визијата на неговиот тим базирана на 5
столба.Чисто, уредно, функционално, безбедно и живо Куманово.
Соопштението кое добија сите медиуми во Куманово ви го пренесуваме во целост.

 

„Денес стојам во срцето на Куманово пред градскиот часовник кој 20 години не работи – симбол на застојот и хаосот во кој живее Куманово. Но, секој застој има и крај. Време е часовникот на нашиот град повторно да тргне.

Време е за ред – РЕД за Куманово. РЕД кој значи Решенија, Експедитивност и Дела.

Од денес започнуваме со – Ред во институциите, Ред во сообраќајот, Ред во секое маалo и секоја улица на Општина Куманово!

Време за чисто, уредно, функционално, безбедно и живо Куманово е сега.“

„Овдека сме собрани како сите обични граѓани кои имаат потреба, а партиите тоа не го нудат…менаџирање на Градот и Општината со лидер и тим од луѓе кои со своето работење покажале и покажуваат дека придонесуваат за општеството, за институциите и за граѓаните.

Затоа сме овде, како независен кандидат и независна листа, решени да поставиме критериуми и стандарди преку кои ќе помогнеме да еволуираат и партиите, и индивидуалците, ќе се осврнеме на основниот ресурс, а тоа се квалитетни, компетентни и професионални луѓе кои своите способности ќе ги стават 4 години во функција и служење на граѓаните.

Визија на овој ТИМ и јасна слика се: Чисто, Уредно и Функционално Куманово, град кој нуди можност за младите, креативните луѓе и е достоен за сите жители. Таа визија е во 5 основни столбови:”

„1- Да биде градот чист, ќе направиме систем за управувањето со отпадот за шутот, стариот мебел и белата техника да завршуваат на легални депонии, наместо на диви загадувајќи ги преубавата природа и чистите реки кои ги имаме.

 

2- Да биде уреден, ќе направиме систем за одржување на урбаната опрема во градот како сообраќајна сигнализација, паркови, игралишта, детски и инклузивни катчиња кои се во очајна и небезбедна состојба, а ни се потребни за социјализација, урбан и друштвен живот.

 

3 – Да биде функционален град, планираме нови паркинг места и катни гаражи за да ги ослободиме тротоарите за безбедно и брзо движење на пешаците. Сообраќајот да го растеретиме. Градскиот превоз ќе го подобриме со нови линии за кружење со минибусеви во центарот и периферијата, како и поврзување на сите влезови од селата со градот.

Конечно и велосипедите да ги заживееме како здрава навика, економичен транспорт, намалување на сообраќаен метеж и загадување на воздухот.

 

4 – Да биде безбеден град, покрај претходните мерки, ќе поставиме ситем на безбедносни камери против загадување и фрлање на отпад, палење и девијантно однесување на поединци и групи. Во руралните средини, прво ќе градиме канализација, заеднички јами и мини пречистителни станици за да нема загадување на подземните води и почвата со дивото празнење и чистење на индивидуалните јами кое завршува на плодната почва. Секако патот и тротоар барем од една страна остануваат како приоритет.

 

5- Да биде живо Куманово имаме палета на активности од уметноста, културата, музиката и екипните спортови.”

„Нашиот мотив е квалитетен живот на секој жител, правото на слобода, на чист воздух, чиста вода, чиста природа и на здрава околина. Граѓанинот да ги користи јавните услуги, уредната инфраструктура и просторот за активен и креативен живот.”

 

„Не сакаме да зборуваме и да се сликаме, не сакаме да кажуваме колку им е добро на граѓаните, сакаме 4 години да работиме за граѓаните и тие да почуствуваат дека им е подобро, почисто, посредено, пофункционално,

подостојно и поубаво место за живот. Да почуствуваат дека некој работи за нив, а воопшто не мора ни да знаат кој е тој или кои се тие.”

 

„Затоа како што сме ние решени и експедитивни, така ги повикувам граѓаните и тие да бидат решителни, храбри и заедно да го стартуваме времето за РЕД во Куманово, а после 4 години работа и служење на жителите на Општина Куманово…изморени да си одиме и да се посветиме на себе и семејствата. За да секој после нас мора да го исполни овој критериум за менаџирање и служење на граѓаните што ќе го поставиме на 19 октомври заедно со паметните и одговорните граѓани на Општина Куманово.”

 

Р. П.

 

 

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија