Триесет години Тумба Фест.
Во секој случај бренд на Куманово.
Оваа година измами голем број на посетители, дури и плоштадот беше претесен да ги собере сите оние имаа желба да го проследат.
Нови осумнаесет песни, која од која поубави, секако во најголем број на кумановски дијалект, со шерет текстови кои публиката ги прифати онака од прва.

Прекрасен фестивал со прекрасни учесници, расположени да ја насмеат публиката.
Многу впечатливи настапи, би ги издвоиле оние на динамичниот Раде Рогожаров со групата Амигоси со нивната песна „Пазарџии” која веќе ја гледаме како химна на пазарџиите , нашиот Боби Амадеус кој со еден прекрасно осмислен сценски настап ја донесе „Моја жена домаќица”, а како што велат, крајот кои делото го краси, а тој беше резервиран за една многу карактеристична песна за која добивме информација дека е комплетно изработена од кумановски уметници, а на сцената ја донесоа Нино Величковски и Горан Илиќ Гиле, песна за која предвидуваме дека ќе стане вистински хит.

Организатор на „Тумба Фест” е здружението „Етно Ризница”, генерален покровител Општина Куманово, а генерален медиумски покровител Сител Телевизија, генерален спонзор беше „Етно Село Тимчевски” меѓу повеќето медиумски покровители секако се најде и „Плоштад Прес” кој со задоволство ги следи настаните кои ги организира „Етно Ризница“, а така ќе биде и понатаму.
На Фестивалот беа доделени две награди, наградата за најслушана песна помеѓу два фестивала му припадна на Ташко Каранфиловски и Астра бенд за песната „Неста Ресенска”, а престижната награда за животно дело заслужено отиде во рацете на маестро Миле Барбаровски, еден од основоположниците на „Тумба Фест”.

Беше задоволство да се проследи „Тумба Фест”, Фестивалот му е потребен на градот, остава трајни вредности, го негува и заштитува идентитетот, го зачувува историското и културно наследство. Ова не е обичен настан, и во таа насока една препорака до надлежните од општинското раководство, третирајте го „Тумба Фест” како посебен настан, дајте му поголема важност, бидејќи фестивалот во иднина ќе може да опстои само со ваша поголема поддршка.
Р.П.
