Апликација за ментално здравје на младите

Уредник
Се чита за 2 минути

Средношколците од втора година во СОУ „Перо Наков“ се претставија со авторска апликација за ментално здравје на натпреварот „Средношколец-милионер“.

Апликацијата нуди безбедна заедница за поддршка меѓу врсниците, како и пристап до едукативни видеа и совети од професионални психолози.

Средношколките од втора година – Ивона Липковска, Маја Стојмановска, Сара Младеновска, Ивана Ангеловска, Ања Тасковска и Миа Лазаревска – влегоа меѓу првите 50 од над 450 учесници. Тие порачуваат:

„Нашата апликација MindMap е создадена за да им помогне на средношколците кои се под стрес, под притисок од секојдневието и се соочуваат со различни емоции, а немаат со кого и каде да ги споделат.

MindMap овозможува секој анонимно да зборува за себе, за своите најскриени чувства и за ‘нерешливите’ проблеми, а притоа да добие совет од стручни лица и поддршка од своите врсници.

Идејата одамна сакавме да ја реализираме, а сега, преку овој натпревар, сме на чекор поблиску до остварувањето на нашиот сон.“

Живееме брзо, инстантно, животот ни е сѐ повеќе виртуелен, а апликациите стануваат наши секојдневни помагатели. На апликации купуваме, слушаме музика, скенираме, филозофираме, флертуваме и договараме „дејтови“.

MindMap е апликација која автентично произлезе од нашите потреби. Да, ние сме средношколци и живееме во дигитално доба, но нашата потреба за топол збор и прифатеност без осуда е иста како онаа на нашите родители, кои живееле без интернет.

MindMap ќе им помогне на сите — ќе го олесни товарот од негативните емоции и ќе создаде емпатична заедница во која сите ќе бидат барем за нијанса похумани.

Останаа уште три дена за гласање!
Ние ја создадовме MindMap — а вие, со вашиот глас, помогнете ни да победиме!

Р.П.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија