Години наназад манифестацијата „Денови на балканска етно ризница“ се одржува во рамките на чествувањето на градот Куманово, во склоп на т.н. Ноемвриски денови, по повод Денот на градот.

И оваа година, на 24 ноември (понеделник) во 19.00 часот, во салата на Занаетчискиот дом, ќе се одржи по единаесетти пат оваа манифестација, која од година во година нуди нови и квалитетни содржини.
Годинава манифестацијата е под мотото „Маргица Антевска со семејството и пријателите“.

Посетителите ќе имаат единствена можност, заедно со кумановскиот славеј Маргица Антевска, да пропатуваат низ нејзината педесет и петгодишна естрадна дејност.
Маргица ќе има силна поддршка од своето семејство — познатите музичари Марко Антевски и Милена Митковска, а како гости ќе настапат и Нино Величковски, Ристо Краповски и Нацка Славкова.

Организатор на настанот е Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство „Ризница“ од Куманово, со поддршка од Општина Куманово и Фондацијата за култура на градот.

Повелете во понеделник на едно несекојдневно патување низ педесет и петгодишната богата кариера на единствената Маргица Антевска, заедно со нејзиното семејство и пријателите.


Р.П.
