Размена на ученици и наставници од Куманово и Чачак во рамки на проектот „Суперучилишта 2025“

Уредник
Се чита за 2 минути

Ученици и професори од Угостителско-прехранбеното училиште во Чачак, Република Србија, минатата недела беа во посета на Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ од Куманово, како дел од проектот „Суперучилишта“.

Проектот  е финансиран и поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (RYCO), и годинава се реализираше со партнерска соработка помеѓу Државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ од Куманово и Угоститељско-прехранбена школа Чачак, Република Србија. Оваа размена се гради врз успехот на претходниот проект на „Суперучилишта“ и ја продлабочува соработката меѓу учениците и наставниците од двете образовни институции. Оваа година, проектот се фокусира на помирување, градење мир и меѓукултурен дијалог користејќи ја храната како универзален поврзувач.

Под темата „Споделување оброк – обликување на иднината“, учениците ја истражуваа културата, историјата и идентитетот на народите од Балканот преку кулинарските традиции. Во рамките на првата размена организирана во период од 24 – 29 ноември 2025 година, домаќин беше ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово, а учество земаа 15 ученици и 2 наставника од ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ и 15 ученици и 2 наставника од Угоститељско-прехранбена школа Чачак. Активностите вклучуваа меѓукултурни работилници за готвење, кругови за раскажување приказни, креирање рецепти, теренски посети и колаборативни проекти како што е дигиталната готвачка книга „Вкусот на Балканот“.

Исто така, учениците имаа можност да учествуваат и на работилници за личен и социјален идентитет, активно и емпатично слушање и зборување, стилови за решавање на конфликти и квизови на знаења од областа на кулинарството, историјата, географијата и социјалниот живот на нашите простори. Покрај задолжителните активности, учениците имаа можност да се запознаат и стекнат нови пријателства со своите врсници од Србија. Настанот помина во извонредна позитивна атмосфера, на големо задоволство на сите учесници и дава значајна промоција на младинското лидерство и моделирање на соживотот низ разликите.

 

Кординатори на проектот „Суперучилишта“  се раководителот на Секторот за вмрежување и меѓународна соработка, Зоран Апостоловски и наставникот Стефан Бранковиќ.

Р.П.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија