Проектот „Глас на младите од Балканот“ ги поврза двете училишта, Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово и Средното мешовито училиште „Младост“ од Тиват, Црна Гора. Првиот дел од реализацијата на проектот „Суперучилишта“ се одвиваше последната недела од ноември кога група од 15 ученици и 2 наставника од нашата гимназија престојуваше во Тиват.

Во текот на размената, учениците учествуваа на работилници за запознавање, финансиска писменост и личен и групен идентитет, како и на спортски активности. Беше посетен Младинскиот културен центар и Градскиот музеј. Исто така, беа посетени и прекрасните места од околината на Тиват: Lushtica Bay и Солило. Посебен впечаток остави петчасовната прошетка со брод по прекрасниот залив Бока Которска. Координатори на проектот се наставниците: Лидија Тасевска и Далибор Димковски.

„Привилегија е што нашето училиште беше избрано за ‘суперучилиште’ од мрежата на средни училишта од Западен Балкан. Придобивките од ваквите проекти се огромни, пред сѐ поради поттикнување на младинскиот активизам и регионалната соработка. Називот на нашиот проект ‘Глас на младите од Балканот’ е симболичен и ја покажува важноста на поврзувањето на младите преку креативни работилници и настани, ослободување од сите предрасуди, промовирање на духот на заедништвото и сплотеноста“, истакнува координаторката на проектот, Лидија Тасевска.


Овој проект е целосно поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO.

Р.П.
