„FUZZ BAND“: Прават „врева“ само со добра музика!

Уредник
Се чита за 12 минути

Се формирале во 2022 година. Носат име „Fuzz band“, што на наши би значело врева, зуење или искривен звук, особено намерно произведен како ефект на електрична гитара.

Fuzz Band

Нивната референца е – извонредна изведба на квалитетна светска музика, а кој ги слушал еднаш, ќе посака повторно.

Бендот е од Куманово. Тројца постојани членови се фронтменот, гитарист и вокал Христијан Ивановски, тапанарот Стефан Ордевски и клавијатуристот Зоран Денковски, а во полниот состав им се приклучува и четвртиот член – басистот Александар Гиев, од Свети Николе, кој живее во Куманово.

Александар Гиев – бас гитара

Свират во неколкуте клубови во нивниот град, но и низ цела Македонија, посебно се задоволни од настапите во Пробиштип, Кратово, каде што велат реално имало добар фидбек и нивна генерална оценка е дека во помалите места повеќе се слуша рок музика.

Како една од поуспешните ја издвојуваат и забавата во скопскиот студентски дом „Пелагонија“, со одлична енергија и неверојатна реакција на студентите, кои буквално со нив пееле од првата до последната песна.

Сите тројца имаа различна професија, Христијан работи во областа на електриката, Стефан во крим – техника, а Зоран за софтверска компанија од Англија.

Нивниот бенд „Fuzz“ за нив е повеќе начин на живот, издувен вентил и им претставува задоволство што изведуваат репертоар кој е комплетен сублимат од различни бендови и различни временски периоди, сѐ она што на сите нив им се допаѓа.

А, планови? Во најскоро време да гостуваат на некоја мото средба, каде што би уживале како изведувачи, бидејќи таму повеќе наликува на вистински фестивал каков што тие сметаат дека еден рок фестивал треба да биде, а во иднина и размислуваат да создадат и повеќе своја авторска музика.

Претходно биле бенд со шест члена „Радио стејџ“, па потоа се разделил на тројца по тројца и решиле да го формираат „Fuzz“…

Индивидуално, сите имаат свои остварувања.

 Христијан: Вљубеник во гитарата!

Христијан Ивановски – гитара и вокал

Ако му речете за него сте слушнале дека е извонреден и во Куманово велат е број еден од помладите гитаристи, низ насмевка не се согласува:

– Најдобар гитарист нема никаде, тоа е сѐ како го велат она на англиски „Beauty is in the eye of the beholder“ ( „Убавината е во окото на гледачот“). За некои можеби сум, за некои можеби не сум ни во топ сто, така што не знам каде би се ставил. Јас лично познавам врвни гитаристи овде, а од светските омилен ми е Марк Нофлер, на прво место. Но, тука се исто и Стив Ваи, Џо Сатријани, Стив Лукатер, Пол Гилберт…

Христијан, на интересен начин научил да свири, откако најпрво во школски бенд свирел на друг инструмент.

– Првата група што ја формиравме тројца другари беше во основно училиште. Јас свирев на тапани, а другите двајца на гитари. Меѓутоа, тој бенд немаше ни име, а и кратко траеше. Потоа се роди мојата љубов кон гитарата, за што пред сѐ јас сакам да му се заблагодарам на мојот повозрасен братучед, кого јас си го нарекувам брат, Игор Алексовски. И тој самиот беше дел од бендови и до пред 10-15 години кај него на викендица во Војник се собираа негови пријатели музичари и си правеа џем сесии. Станав дел од тоа. Ме импресионираа тие средби. Јас имав 16 години кога ми ја купи и донесе на подарок првата гитара. Замислете, ја вади од автомобил и ми ја подарува. Тоа беа невидени радости. Почнав сам да учам да свирам, по интернет кафулиња во тоа време и со фајлови дома на мојот компјутер, тогаш без интернет. Самиот ми рече „Кога ќе научиш да свириш на акустична, ќе ти купам и електрична гитара“. Подоцна на јутјуб го следев каналот „Guitar jamz“ на Марти Шворц, некако најлесен ми беше за следење и за учење. По некое време ги совладав основните акорди и песните кои лесно се учат, од „Ареа“ („Сите мои слики“ мојата прва песна), „Рибља чорба“, „Црвена јабука“, Бајага, се посетува Христијан.

Неговото напредување со овој инструмент било наградено и со вториот подарок- добил електрична гитара од Игор.

– Брат ми Игор во тоа време работеше во Авганистан, се врати на одмор и дојде кај мене на гости. Му покажав што знам да свирам, две – три песни самиот што ги научив и тој од автомобилот извади нова електрична гитара, со појачало со сите нишани. Е затоа сакам да му се заблагодарам и јавно, овде веќе со многу почит кон својот братучед и со ентузијазам зборува младиот гитарист.

Освен учеството во „Fuzz“, Христијан свири и е продуцент во бендот „Номад“ кој изведува авторска музика, а оформил и свој проект какo артист, под уметничко име Имекс.

Слуша најмногу рок, а сака и друга добра музика.

Концерт кој го издвојува е оној на „Рајмштајн“ на 24.05.2024 година на Ушќе во Белград, што го проследил многу блиску до сцената. Лудо и незаборавно искуство, за еден млад рокер со големи амбици и гитарист кој од ден на ден сѐ повеќе освојува…

Стефан: Тивко момче, а страствен тапанар! 

Стефан Ордевски – тапани

На „Рајмштајн“ биле заедно со Христијан, на добра гледачка позиција како што веќе рековме и на некој начин сѐ уште ги делат импресиите од тој спектакл. Тој е и рокер и металец, а подеднакво обожава и алтернативна музика. Иако е дел од „Fuzz“ и одлично му оди, секако на сите нив тројцата заедно, неговото музичко искуство е и пошироко.

– Да, со неколку други музичари имаме и авторски бенд, се вика „Cursed hearts“. Свириме метал – кор, јас сум тапанар и перкусионист. Како метал бенд постоиме доста време и правиме своја музика. Порано кога бев помлад и кога малку повеќе навлегов во музиката, формиравме бенд кој изведуваше алтернативна музика, „Хипнополис“, со кој го издадовме и истоимениот албум. Десет теми се објавени како албум, десет не стигнавме да ги објавиме, се распадна бендот. Во меѓувреме гитаристот и фронтменот на бендот починаа млади, за жал. Што се однесува до авторски бендови свирев привремено како гост и во TV rage, ни раскажа.

Тој почнал да слуша рок класика, на почеток „Битлси“, па „Guns and roses“, „AC/DC“, „Metallica“, „Iron Maiden“ „Пантерас“, потоа плус и ју рок, ЕКВ, од домашните „Холокаус“, за кој смета дека е еден од подобрите метал бендови и „Саут полушн“, како алтернативци, а сето тоа заедно е музика која и до ден денес ја сака и ја изведува.

Во разговор е тивок, е, ама кога станува збор за свирка – хууух, несопирлив и со многу страст!

Зоран: Татко ми ми беше водич во музиката!

Зоран Денковски – клавијатура

За Зоран, клавијатуристот во групата и понекогаш и придружен вокал, важи правилото – највозрасен, најискусен! Жива енциклопедија е и пројавува интелигенција по однос на секое прашање од оваа тема. Целата светска музика ја има „во мал прст“. Има ли некој музички ТВ квиз да го пријавиме, па тоа да го покаже и докаже пред цела јавност?

Со музика го инфицирал неговиот татко, кој во седумдесеттите, како основец во Куманово бил тапанар во младешки бенд, но потоа запишува безбедност во Скопје, но во тоа време на луѓето од безбедноста не им дозволувале толку многу да се вклучуваат во музика, па затоа станал колекционер и собрал преку 700 – 800 плочи.

Верни на рок – каузата, заедно биле на повеќе концерти, од кои најзначаен оној на „Ролинг Стоунс“ на Ушќе во Белград на 14.07.2007 година, со над 100.000 луѓе и на „Тото“ во Скопје.

– Јас слушам сѐ  што се има случувано во светот последниве „скромни пет децении“ и имам отворено уво за сѐ. Сите бендови и класици, што постоеле од шеесеттите, седумдесеттите, осумдесеттите ги „запознав“ преку татко ми – „Дајр стреитс“, „Дип Парпл“, Чик Кореа, Крис Реа, Стиви Вондер, од ју – „Парни ваљак“, „Дивље јагоде“…Кога веќе почнав да се формирам како личност, во 90- тите години, време во кое сѐ уште немавме такви бенефити да симнеш песна од интернет, како сега, размената одеше преку цедиња и касети, обично со тие со кои се дружиш. Така што, уште тогаш си направив некои омилени бендови, но вкусот се менува. Веќе во тоа време од екс ју групи почнав да ги слушам и „Ван Гог“ и пет – шест пати бев на нивен концерт – во Скопје, Будва, Белград, Куманово, во поранешниот клуб „Хард рок“ …

Во допир со музиката дошол уште како петгодишно дете кога во нивниот дом набавиле клавијатура, односно синтисајзер „Јамаха“. Со неговиот брат близнак Горан долги години го имале бендот за кавери „Grooving coorporated“ или скратено „Groove in“, и во него поминале многу вокали, пет женски и двајца машки.

Има уште двајца близнаци постари две години, Марио кој (како Горан) учел гитара и Александро кој (како него) учел клавир.

Заедно, четворицата, чудно, но досега немаат засвирено во бенд, а би било вистинска атракција и раритет.

Авторска музика сѐ уште не почнал да создава, во неговата досегашна музичка дејност сѐ било позиционирано на изведба и репродукција.

– Не останало време да се посветам на моите музички визии. Оние што ги имам во глава едноставно се оставени за некогаш, да може да излезат сами од себе, кога ќе им дојде време…

Професорот по музика Бојан Поповски ги запознал со Стефан (кого го поучувал на тапани), а со Христијан се знаеле уште пред воопшто да знае дека тој свири. Случајно се сретнале во рибниот ресторан “Фиш” на  споменатиот братучед Игор.

– Таму ми спомна дека свири во некој бенд и јас отидов да ги слушам, бидејќи понекогаш сакаш да си и од онаа другата страна, да слушаш додека други свират. Останавме во редовен контакт сите тројца и во 2022 година почнавме со нашата приказна, наречена „Fuzz“…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија