Како „успешно“ да се справиме со проблем?

Уредник
Се чита за 5 минути

Никако да разбереме, а уште помалку да прифатиме дека во борбата со „непријателот“, на пример со корона вирусот не излеговме како победници. Во оваа битка само наизглед „победивме“, но на крајот ја изгубивме војната. Не поради тоа што јас не сакам да победувам, туку поради тоа што кога од нешто или некого несвесно создавате непријател го мотивирате да се бори против вас. Мутирањето на вирусот е природен облик на мотивација за сопственото преживување. Тој и некој негов „колега“ ќе бидат со нас и наредните години.

Се плашите кога не знаете како функционира природата и сакате да ја победите создавајќи си непријател од неа. И таа ви возвраќа и ве потсетува дека не сте Господ.

Се „утепаа“ од препораки знајни и незнајни „јунаци“ на нашето време за рационално постапување, разумно постапување… Еден од овие јунаци кој сака да е во „центар“ на вниманието ни кажува дека Кинезите биле виновни за ова?! Да немаше Кинези на планетата Земја веројатно ќе немаше ниту корона вирус.

Кога сте eмотивни обидете се да ја надминете таа фаза и да постапувате рационално, предлага „ново“ решение „разумниот јунак“. Според бројот на Македонци во Италија направете споредба колку од нив биле заразени, а колку се починати. Или направете споредба со сезонскиот грип и слични препораки. Значи, се препорачува споредување со други (држави, грипови). Со оваа се прави релативизација и рационализација на проблемот, но оваа се одбрамбени механизми на разумот.

Превентивните мерки на надлежните институции не ставија во одбрамбена позиција. (само)изолацијата е метод на разумот за справување со одредена кризна состојба. Ставени бевме во „пасива“, во актовка. Економијата одамна е на „респираторни апарати“. Единствен начин за да ни помине денот е да се забавуваме со читање на книги, пишување, слушање музика, гледање на филмови… спознавајќи ја бесмислата на животот во реалноста создадена од разумот во која „царува“ стравот и болката.

Дали во бесмислата е смислата на нашиот живот и иднината на нашите деца? Дали природата сака да ни порача нешто? „Слепилото на разумните“ ги наведува да се борат за ваква иднина за да преживеат или за да не си го нарушат комфорот и комодитетот. Денес децата го прифаќаат ова со пасивен отпор (потисната болка). Доколку ова „иднина“ потрае 20-30-40 години, што спомна некој, децата кои ќе дојдат на овој свет ќе бидат толку насилни, агресивни и деструктивни што ќе „јадат живи луѓе“.

И за да ова биде конструктивен пристап неопходно е да содржи и предлог за Решение:

Постои втор систем на управување со човекот. Тоа е нашиот внатрешен извор. Со него можеме да се поврземе само со свесноста. Кога ќе се споиме со него тогаш ќе можеме да си ја зголемиме енергијата која ќе овозможи засилување на нашиот имунитет и природна заштита од болестите, од самоуништувањето, од злото. Новата научна парадигма ни посочува дека здравјето на човекот и неговата благосостојба е директно поврзана со неговите ментални процеси.

Да се насочиме на истражувањето на системот на свесноста. Да научиме да се сакаме себеси за да почнеме да ги сакаме другите. Овој систем генерира енергија на свесност. Тој не познава и не признава „јунаци“. Кога ќе се поврземе со него секој од нас ќе биде јунак во својот живот. Тоа е целта на нашето постоење. Во реалноста која ја создава свесноста внатрешната убавина, зрелоста и креативноста се мерило за „успех“.

Горан Стевчевски – Џина
М-р по психолошки науки – клиничка и советодавна психологија
Сертифициран обучувач на возрасни
Основач на S. A. V. E. (Спонтано свесно визуелно искуство) – методот на Имагинативна терапија и ЦЕНТАР ЗА ВИЗИОЛОГИЈА И ИМАГИНАТИВНА ТЕРАПИЈА

Автор на 12 книги од психолошка и духовна област

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија