Што е всушност адолесценција? Дали е тоа период? Фаза? Вид на привремено лудило? Дали е тоа неопходна развојна фаза, со сопствени задачи и процеси? Или е меѓусостојба помеѓу разни периоди на детството и возрасното доба? Како да ја опишеме и разбереме адолесценцијата? Дали да појдеме одредувајќи што таа не е, ни детство, ни зрелост? Да појдеме од нејзините сопствени процеси и најмали целини? Како низ диоптрија да го согледаме и огрaничиме периодот што се карактеризира со промена која понекогаш умее да се граничи со хаос?
Адолесценцијата претставува нешто пошироко, посложено, тоа е нешто повеќе од сексуален развој, менување на очекувањата во поглед на социјалните улоги, или пак когнитивно созревање.
Таа претставува повеќе од семејните обрасци кои се менуваат (или не успеваат да се променат).
Не станува збор за една развојна фаза, туку за собирање на детските искуства, радикална реорганизација на психолошкиот „селф“ за патот кој претстои.
Сосема е јасна меѓузависноста на однесување на адолесцентот и семејните прилики, како и важноста на хиерархискиот поредок во рамките на семејството.
Во семејствата во кои родителите не се способни да ја преземат одговорноста, импулсивноста на адолесцентот станува насочувачка сила.
Трансакцијата помеѓу членовите на семејството обезбедува силен организиран контекст, или заднина, за најголемиот дел на искуството и поведението на адолесцентот.
Проблематичното, дури и опасно, однесување на кое сме сведоци е всушност индивидуален обид, најдобро можен, за прилагодување кон развојниот императив, кој на некој начин е обид детството да се остави зад себе и да се оствари способниот животен „селф“.
Таму каде предусловот за овој обид е недоволен, или пак поддршката од средината не е на располагање, најдобриот обид може да биде застрашувачки.
Секогаш постои историја која го потврдува своето значење во сегашната состојба: понекогаш станува збор за континуирана ситуација, кога сегашноста се јавува и израснува природно од услови во кои детето се има развивано, а понекогаш нема континуитет, таа одненадеж избива од минатото.
Родителите можат да изјават дека детето отсекогаш било тешко и дека во адолесценцијата ги има надминато нивните способности да ја контролираат ситуацијата. Како да се воспостави контакт со некој кој е толку агресивен, повлечен, недоверлив?
Ова се прашања на кои може да се одговори поаѓајќи од нов развоен пристап. Состојбата знае да биде комплексна, да се развива и менува со текот на времето. Не вклучува само една личност туку цела низа карактери.
Секогаш има појдовна основа, неретко збунувачка, а понекогаш ги надминува капацитетите на стручните лица од кои се очекува да внесат малку разум во состојбата и со неа да сторат нешто.
Гешталтистичката верба во експерименталната креативност, нѐ наведува дека дури и во најнепосакуваните облици на однесување можеме да откриеме човечки обид за креативно прилагодување на околностите и обид да се даде од себе нешто што го подржува животот и растењето.
Поради што Гешталт терапијата е корисна за адолесцентите?
На адолесцентите им помага во согледување на проблемите поврзани со спротивниот пол, проблемите со врсниците, учењето, работните навики, комуникацијата со родителите, пореметување во однесувањето, депресијата, фобиите, стравовите, отуѓувањето и друго.
Гешталт психотерапијата може да помогне адолесцентите да се соочат со промените и спротивностите како и подобро да се разберат и прифатат.
Јасминка Наумовска
Гешталт психотерапевт
автор на 12 книги од областа на психологија
