Во работата со адолесценти, една од најтешките и најдлабоко вознемирувачките појави е самоповредувањето. Најчесто се случува непланирано и незабележливо – гребаници под ракавите, скриени жилети во несесер, поглед на страна кога ќе се постави директно прашање: „Дали некогаш си се повредил/а?“.
Самоповредувањето не е „фаза“, не е хир и не е манипулација. Тоа е емоционален крик, начин да се проговори преку телото, кога устата замолчува. Воедно е начин болката, празнината, напуштеноста, срамот, бесот или тагата, да се пренесат во физичка болка, која барем за момент е опиплива, вистинска и „под контрола“.
Што ни зборуваат младите преку сопствените рани кога молчат?
Младите кои се самоповредуваат често доаѓаат од семејства кои однадвор изгледаат сосема функционално. Сепак, во нивниот внатрешен свет честопати владее хаос на тишина, неизговорени зборови, напнатост или емоционална дистанца.
Понекогаш, самоповредувањето е обид повторно да се почувствуваат живи бидејќи дологорочната емоционална болка ги довела во свет на отсуство од секоја друга емоција. Во други случаи, тоа е начин на регулирање на афектот, односно кога внатрешниот стрес е неподнослив, физичката болка го прекинува и го пренасочува.
За многу млади, тоа е повик што вели:
„Погледни ме! Чуј ме! Покажи ми дека постојам!“
„Поправете го вашиот брак! Не расправајте се поради мене! Сакајте се!“
„Покажете ми дека сум важен/на, дека вредам, дека ме сакате!“.
Овие пораки не се изговараат – тие се врежуваат. Буквално.
Што велат истражувањата?
Според истражување објавено во Journal of the American Academy of Child and Adolescent Psychiatry (2011), помеѓу 15% до 20% од адолесцентите во одреден момент покажуваат самоповредувачко однесување и тоа најчесто сечење, гребење, себеудирање или палење на кожата.
Истражувањето на Клонски и Глен (Klonsky & Glenn) (2009) покажува дека емоционалната дисрегулација и проблемите во меѓучовечките односи се двата најчести мотиви за самоповредување. Исто така, младите кои се самоповредуваат не се нужно суицидни, но ризикот за суицидално однесување е зголемен – особено ако чувствуваат осаменост и недостиг на поддршка.
Истражувањето на Јејтс и соработници (Yates et al. ) (2008) покажува силна поврзаност помеѓу несигурната приврзаност, емоционалното занемарување и хроничниот семеен конфликт со развој на самоповредувачко однесување во адолесценцијата.
Адолесценцијата – време на внатрешни бури
Адолесценцијата е период на бурни трансформации: телото се менува, идентитетот се гради, емоционалниот свет се проширува побрзо отколку што постои капацитет да се разбере и преработи. Во тие години, границата помеѓу болката и хаосот, помеѓу прашањето „Кој сум јас?“ и одговорите кои ги нема, е многу тенка.
Ако во семејството нема сигурна поддршка, односите се напнати, родителите емоционално или физички отсутни, детето чувствува дека мора да биде „добро“, „послушно“, „незабележливо“ – тогаш внатрешната болка си бара сопствен вентил.
Во тие моменти, сечењето на кожата може да делува како единствена работа врз која адолесцентите имаат контрола.
Што можеме да направиме како родители, наставници и возрасни?
Првиот чекор е да не осудуваме, да не минимизираме и да не игнорираме.
Реченици како што се:
„Зошто си го правиш тоа?“,
„Тоа е глупост, престани!“,
„Имаш сè, што ти недостасува?“
– само го продлабочуваат чувството на вина и осаменост.
Наместо тоа, да се обидеме со:
–„Загрижен/а сум за тебе. Не мораш веднаш да зборуваш, но кога ќе бидеш подготвен/а, тука сум.“
– „Знам дека нешто те боли. Сакам да разберам. Сакам да бидам тука за тебе.“
– „Нема да те притискам, но многу ми значи да знаеш дека не си сам/а.“
Кога детето ќе почувствува дека е видено и прифатено, дури и во својот мрак – тогаш може да започне процесот на заздравување.
Семејната динамика – поглед наназад за да можеме да тргнема нанапред
Не можеме да зборуваме за адолесценти, а да не зборуваме за семејството. Самоповредувањето често се појавува во контекст на емоционално дисфункционална семејна атмосфера, дури и кога однадвор изгледа дека „сè е во ред“.
Во пракса гледам колку често младите преку своето тело испраќаат пораки кои возрасните одбиваат да ги признаат:
„Гледам дека не зборувате меѓу себе.“
„Чувствувам дека сте далечни.“
„Ја носам вашата тишина.“
„Ја носам вашата вина.“
„Се изневерувате“.
Телото на адолесцентот често станува бојно поле на семејната напнатост, место каде што осаменоста, стравот, лојалноста и немоќта се судираат.
Затоа, наместо само да прашаме „Што си направи?“, да се запрашаме:
- Што сака да ми каже ова дете?
- Каква е емоционалната клима во семејството?
- Кои зборови никогаш не се изговорени?
Понекогаш, најголемиот подарок за адолесцентот не е совет туку автентична промена во однесувањето на родителите.
Да покажат љубов, да обноват контакт, да се прегрнат. Да кажат: „Извини.“
Да престанат да молчат.
Повик за нежност и разбирање
Ако сте родител, терапевт или наставник – ве повикувам да застанете, да погледнете подлабоко, да не заборавите дека и најтврдата маска на тинејџерот често крие исклучително чувствителна душа што копнее по контакт.
Ако имате дете што се самоповредува, побарајте стручна помош. Не мора сами да минувате низ ова. Постојат начини да се разбере, поддржи и заздрави она што се крие зад раните.
Ако си млад човек што се повредува – твојата болка има значење. Не си луд/а. Не си скршен/а. Твојата болка бара зборови. И постои некој што може да ти помогне таа болка да стане приказна за сила и надминување.
Прегратка наместо прашање
Самоповредувањето е повик. Овој повик не е повик за паника или за срам. Самоповредувањето е повик за промена, присуство и поврзување. Тоа не се лекува со фластери, туку со нежни зборови, доверба, прегратка и прашање:
„Што можам да направам за тебе денес?“.
Тоа е најмалку што можеме: да бидеме тука за нив и за сѐ она што не знаат како да (ни) го кажат.
