Депресивен човек е премногу цврсто вграден во овој свет, премногу е обземен со него. Таквиот човек заборава на себе и не се осмелува да верува во себе, наоѓа дека е премногу авантуристички да се биде свој, дека е многу полесно и посигурно да си како другите, да станеш имитација, број, буква во толпата.
Ова е обележје за „културно нормален“ човек кој не се осудува да се бори за сопствено знаење бидејќи тоа претставува опасност, преголема изложеност.
Подобро е да не се биде свој, подобро е да се живее претопен во други, вкопан во сигурна рамка на општествените и културните обврски и должности. Мора да се има предвид дека ваквите човечки значајности се наоѓаат во непрекината низа чиј крај завршува со депресивна состојба.
Депресивната личност многу се плаши да биде своја, и има голем страв да ја покаже сопствената различност. Не е во состојба да ја сфати ситуацијата во која се наоѓа, не може да види подалеку од сопствените стравови, не може да ја разјасни причината поради која толку многу заглавил и нема можност да земе здив.
Депресијата е токму таква: човекот речиси не може слободно да дише, ниту да се движи. Една од несвесните тактики со кои човекот се обидува да најде некаква смисла за својата ситуација е да се види себе како неизмерно безвредна и виновна особа.
Тоа навистина е чуден „изум“, бидејќи дозволува да се покрене од својата немоќ, да создаде разработка на својата ситуација, да најде некаква смисла во неа дури и ако мора да ја превземе целата вина како престапник кој на другите им причинува проблем.
Во секој случај, депресивната состојба може да дозволи промисленост што создава привидни можности, значења, акција, но не нуди никакви реални решенија.
Таа ја избегнува можноста за самостојност и поголема животност поради тоа што тоа нешто ѝ се заканува со уништување. Се држи за луѓе кои ја имаат заробено во мрежа на задолжителни обврски, понижувачки интеракции, токму затоа што таквите луѓе се нејзино засолниште, нејзина снага, нејзина заштита од светот.
Може да се каже дека депресивната личност е плашливец, која не сака да застане сама во своето средиште, која не може од себе да ја извлече потребната сила за да се соочи со животот, па се вкопува во другите. Ја штити нужноста и неа доброволно ја прифаќа.
Но нејзината трагедија секако е лесно да се види: нужноста станува тривијална, па нејзиниот ропски, зависен и безличен живот го губи значењето. Застрашувачки е да се биде во таква состојба. Човекот го избира ропството бидејќи тоа е сигурно и смислено засолниште, што потоа ја губи смислата и доживува страв од него.
Човекот дословно станува мртов за животот, но мора физички да остане во овој свет. Од таму и мачењето во депресивната состојба: да се остане длабоко продрен во својот неуспех, а сепак оправдувајќи го, продолжувајќи од него да го извлекува осетот дека сепак има некоја вредност.
Таа се јавува кај луѓе кои се плашат од животот, кои се имаат откажано од секаков вид на самостоен развој и кои се зависни од помошта на другите. Колку повеќе човекот се повлекува од соочувањето со животните проблеми, толку повеќе природно се чувствува неспособен, и има лошо мислење за себе. Тоа е неизбежно. Тоа е состојба на тонење во депресија.
Ужасната вина која депресивната особа ја чувствува е всушност егзистенцијалната вина, којашто претставува неуспех да се живее сопствениот живот. Подобро чувство на вина отколку страшно оптоварувачка слобода и одговорност, особено кога изборот доаѓа доцна во животот, кога не може да се започне одново. Подобро вина и самоказнување кога не можете да ги казните другите, дури и не смеете да се осмелите да ги обвините.
Фредерик Перлс, оснивачот на Гешталт терапијата, активно се има заземено против таквата тиранија, потсетувајќи ги своите клиенти дека „не се на овој свет за да угодуваат на своите партнери, ниту се тие родени за да ги задоволаат нивните очекувања“.
Депресивниот човек го користи осетот на вина за да се закачи за своите објекти и да не ја менува ситуацијата во која се наоѓа.
Очајот и немоќта се цена која човекот ја плаќа кога пред себе си поставува невозможна цел.
Јасминка Наумовска
Гешталт психотерапевт
автор на 12 книги од областа на психологија
