МАРЈАН СТОШЕВСКИ: Збратимувањето на Куманово и Чајетина ќе биде  прекрасна нова приказна!

Уредник
Се чита за 16 минути

Една од попозитивните работи која може да се слушне овие денови е најавата за заминување на рехабилитација на група млади лица од Кочани, во српскиот туристички центар Златибор – по иницијатива на Кумановецот Марјан Стошевски.

Стошевски на кумановската јавност ѝ е познат по своите ТВ емисии за градот, кои се прикажуваат на ТВ Плус, но овој пат како личност стои зад една голема идеја која ќе отвори поле за долготрајна соработка и ткаење взаемна граѓанска среќа.

Интересно да се слушне за што станува збор.

Младите кои треба да заминат на одмор, е информација која наиде на топла поддршка, а потекнува токму од Вас, па најпрво да се осврнеме на тоа.

– Ова е лично моја идеја и оваа иницијатива трае нешто повеќе од еден месец. Веднаш по големата трагедија која ја потресе цела Македонија јас се јавив кај директорот на туристичка организација на Златибор, господинот Владимир Живановиќ, мој пријател,  исто така и кај претседателот на Општина Чајетина, господинот Милан Стаматовиќ, разговарав и ги замолив доколку има можност да излезат во пресрет, да примат поголема група на млади луѓе кои настрадаа во ужасната случка во дискотеката во Кочани. На мое големо задоволство тие веднаш прифатија и рекоа дека се подготвени во секое време да ги примат повредените млади луѓе, кои ќе бидат таму сместени десеттина дена, со по три оброци дневно, на сметка на општина Чајетина и на туристичка организација „Златибор“. Тоа значи дека вкупно 50- тина младинци ќе заминат на закрепнување. Целата оваа акција ќе оди во координација со Црвениот крст на Македонија од Куманово и според првичните информации наскоро би требало да замине првата група од 25, а потоа по нив ќе заминат уште 25 младинци.

Што Ве поттикна и охрабри, можеби, сепак, личното познанство со луѓето кои можат да ја реализираат оваа идеја…

– Да кажеме тоа дека Златибор дава фантастични услови за душевен мир и за вистинско заздравување, а овие деца веќе имаат ужасни трауми кои треба да ги заборават и ова одење на Златибор многу ќе им значи. А, знаеме и дека имаат проблеми и со респираторните органи, а планината Златибор е многу добра во лекување на белодробни заболувања. Во нивна придружба ќе замине и психолог-волонтер од Црвениот крст, кој ќе биде во координација со луѓето од таму и ќе се направи една синтеза, за тие да бидат што повеќе активни на воздух, да се шетаат, да се дружат и да ги запознаат природните убавини.

До која годишна возраст ќе биде групата?

– Тоа ќе одлучи Црвениот крст, но мислам дека ќе биде пред сѐ за оние на кои им е најнеопходно заздравување и најверојатно до 25 годишна возраст. Мене ми е многу драго што и јас како човек помагам во оваа тешка ситуација и сум горд на тоа. Џабе не велат старите луѓе: „На човек треба да му помогнеш кога му е најтешко!“. Еве, правиме еден хуман гест, една хумана мисија благодарение на двајца прекрасни луѓе и големи хуманисти и јас од мое лично име, од името на Град Куманово и на Република Македонија навистина им се заблагодарувам затоа што без воопшто да размислуваат ја прифатија мојата иницијатива. Сега очекуваме нашите младинци да заминат во Златибор.

Што ќе ни кажете за Општина Чајетина?

– Тоа е  град-општина од 15.000 жители. Под Општина Чајетина, која е централна, спаѓаат Златибор, Сирогојно и уште неколку други општини. Има хотели и таму, но младите ќе бидат сместени во Златибор. Градоначалникот, господинот Милан Стаматовиќ го познавам, бидејќи пред извесно време правевме интервју кое го објавивме на ТВ Плус. Интересно е тоа што речиси 21 година, од 2004-та, доминантно победува. Тој е горе- долу повеќе како непартиски и политички неопределен кандидат, иако повремено членува во некои помали партии и тој на изборите победува со 60-70 проценти разлика уште во првиот круг. Ова му е веќе петти мандат. Води една беспрекорна грижа за сите општини кои гравитираат кон Чајетина и таму нон-стоп се гради се инвестираа. Беше и еден од кандидатите за претседател на Србија на изборите во 2017 година. Инаку општина Чајетина има над 50 милиони евра буџет и сите тие средства се дистрибуираат за потребите на локалното население. Златибор е во голема експанзија, се гради на сите страни, стана еден модерен европски центар по сите параметри. Доаѓаат туристи од  целиот свет, а интересот кај македонските граѓани за одење на Златибор е многу голем. Мене тоа ми е посебно драго бидејќи има што да видат – една голема прекрасна убавина во секоја смисла на зборот.

Ова Вам Ви е прва активност на спојување на двата града во хуманитарна насока?

– Да, ова е моја прва акција и да ви кажам искрено нема поголемо задоволство кога човек ќе заврши една ваква убава работа за млади луѓе. Исто така во завршна фаза е и мојата убава иницијатива за збратимувањето на Општина Куманово и општина Чајетина. Очекувам во многу брзо време да се потпише меморандум за соработка и договор за збратимување, што е еден добар потег, отворање на нови можности, нови мостови на пријателство и нова квалитетна соработка со други градови од други држави.

Ќе ги зајакнете ли релациите и со Градот Кочани?

– Мислам дека имаме квалитетна соработка со Кочани, по оваа голема трагедија Општина Куманово веднаш донираше парични средства, што секако е за поздравување.

Која е Вашата работна позиција?

– Работам во спортската сала во Куманово, а оваа иницијатива чисто ја направив од хумани причини, седејќи дома и размислувајќи како можам и јас да помогнам нешто за овие млади. Би сакал кога ќе одат децата, како иницијатор на целата оваа работа да одам со нив, да се запознаам, да поразговараме и еден ден да бидам со нив, да направиме една прошетка низ Златибор, а тие да си останат онолку денови колку ќе биде потребно за нивното здравје и нивното заздравување.

Не останавте рамнодушен на убавините на Златибор, тоа се забележува според начинот на кој ни ги пренесовте.

– Сега кога бевме во Златибор заедно со камерманот Небојша Кипријановски подготвивме поопширна репортажа за Златибор, прикажано од сите сегменти, за природните убавини на оваа планина, туристичките можности, поволности, како и на кој начин се развива оваа планина која е број еден по посетеноста во Србија. Таа репортажа ќе се емитува на локалната кумановска телевизија ТВ Плус за дваесеттина денови.

Вашата грижа и посветеност за Куманово се гледа и преку серијалот кој ги подготвувате за ТВ Плус. 

– Веќе шест години правам емисии за старо Куманово и досега имам снимаме и емитувано 229 емисии, насловени „За Куманово“, каде што гости ми се луѓе од малку повозрасна генерација, кои зборуваат за некогашното време, како се живеело тогаш. 229 соговорници поминаа во емисијата, која е доста гледана. Ја правам доброволно и ќе продолжам и понатаму. Јас по професија сум геодетски техничар, но уште од средно училиште покажав голема пасија кон спортот и кон истражувачкото новинарство и веднаш се ориентирав кон пишување.

Кон тоа, да споменеме, се надоврзуваат трите Ваши монографии.

– Имам издадено три монографии, од кои две за Соколана, најубавата спортска сала во Куманово, на која камен темелникот е ставен пред 102 години, а од свеченото отворање на салата поминаа точно 94 години. И една монографија, според моја скромна проценка, за најдобрата ракометарка во историјата на женскиот ракомет која за жал почина многу млада, Јасмина Голубовиќ. Таа има одиграно над 1000 натпревари во својата кариера исклучиво за родниот град Куманово меѓутоа за жал почина во 1989 година, на 41 годишна возраст.

Самоиницијативно ги имате напишано?

– Самоиницијативно. Бидејќи со Соколана имам многу емотивна врска, мојата мајка Анѓица има настапувано за кошаркарскиот клуб ГТВ „Партизан Куманово“, таа беше една од кош- гејтерите на нејзината генерација. Настапуваше со една прекрасна генерација кошаркарки, кои во тоа време беа многу високо пласирани во Македонија. Тоа е период во 60-тите години од минатиот век и таа генерација остави еден голем белег во развојот на кошарката во Куманово. Не само таа генерација туку и многу генерации на машки и женски екипи оставија голем белег на кошаркарскиот спорт во Куманово. Освен тоа, Соколана е основоположник на сите спортски збиднувања и да кажам почетна станица на севкупниот развој во спортот. Во Соколана беше и машката и женската екипа во гимнастика, од каде што излегоа плејада на врвни спортисти. Таму се одржувале и други спортски активности, женски ракомет со многу успешни ракометарки, машки ракомет со многу успешни ракометари, имало бокс па и други спортови… Но, она што е посебно интересно, во Соколана се одржувале незаборавни и многу убави забави од типот на игранки и матинеа, од кои подоцна произлегоа многу љубовни врски и многу бракови, кои и ден денеска се среќни. Така што, можам да кажам дека Соколана со еден збор е гралот на Куманово и едно олицетворение на успешно Куманово во изминатите децении. Многу сум горд и среќен што објектот се реновира и обновува, јас се надевам и верувам дека за многу брзо време Соколана ќе ја вратиме во својот стар и препознатлив сјај, а тоа ќе биде една круна и печат на сите успеси на кумановските спортисти и една сатисфакција за сите генерации на Кумановци кои поминале низ овој објект.

За Соколана е познато и пошироко од Куманово.

– Еве ќе ви кажам и зошто, според податоци кои датираат уште од ослободувањето, односно од  1947 година, нашата Соколана била единствена сала од затворен тип, не само во Македонија туку и во поранешна Југославија. Таму во шеесеттите години каде што се одржувале Зимски кошаркарски турнири. Тоа биле единствени зимски турнири во Македонија од 1947 до 1966 година. Потоа се прави пауза од десет години, па пак се активира во 1976/ 77 година и потоа се пушта во употреба Спортската сала во Куманово и тука завршуваат тие зимски турнири. Но, за време нас тие турнири поминале плејада на светски великани во кошарка од Македонија, Благој Ѓоргиевски-Буштур, Владимир Боцевски-Жмара, па Владимир Воиновски од КК „Вардар“, па екипите „Вардар“, „Маврово“, „Работник“, екипи од Битола, Велес, Штип, Гевгелија, сите екипи во Македонија по ослободувањето биле редовни учесници на турнирите во Соколана. Нешто подоцна, кон крајот на 50-тите почетокот на 60-тите, таму почнувале да доаѓаат и големите екипи од поранешна Југославија, „Локомотива“- Загреб, „Црвена Ѕвезда“, „Раднички“- Белград, „Партизан“, „Борац“- Чачак, „Олимпија“- Љубљана, во машка конкуренција, а од женските екипи „Војводина“- Нови Сад, „Раднички“- Белград, и секако нашите екипи, „Работнички“ и многу други.

Што сакате да порачате со Вашиот авторски прилог во областа на спортот?

– Младите да ги вклучиме повеќе во спортот, тоа! Сведоци сме дека живееме во едно модерно време на дигитализација во секој сегмент. За жал, младите луѓе сѐ помалку се надвор на воздух, на физичка активност, а сѐ повеќе се пред компјутери, што по мене е голема грешка и според последните податоци кои ги имам јас од релевантните институции, загрижуваат деформитетите кај младите генерации. Потоа, имаме кај младите деца појава на слаб вид, анксиозност, депресија, дебелина и тоа налага сите ние како општество да бидеме порешителни и потпорни да ги искорениме овие опасни појави и да ги вклучиме нив што повеќе во спортот, што повеќе да се физички активни, бидејќи само така може да имаме здрава нација, здрава нација која ќе претставува иднина на нашето општество. Што би се рекло – без здрава нација нема ни здрава држава. Јас постојано упатувам, апелирам дека ние мораме да разговараме со нашите деца, да ги убедуваме да им кажеме колку е важно да се занимаваат со спорт. Не мора да станат врвни спортисти, меѓутоа секое одење надвор, секое дружење го прави младиот човек поцврст во карактерот. Утре така полесно ќе се бори во животот со сите предизвици. Голем замав земаат компјутерите, лаптопи, мобилни, јас разбирам дека тоа е потреба, меѓутоа за сѐ има време, а мора да има повеќе време за физичка активност на младите, само така нашето општество може да се надева на здрава иднина.

Во соработката со Општина Чајетина ќе предлагате и повеќе спортски активности? 

– Секое збратимување меѓу две општини отвора можност за соработка на повеќе полиња и разни бенефити. Тоа значи, на пример размена на спортисти, посета на наши луѓе на Златибор и обратно, посета на наши здруженија и на пензионери, соработка на спортски клубови, соработка на полето на култура, соработка помеѓу нашите училишта, соработка и во други полиња, што секако ќе биде добро и за Куманово и за Чајетина. Исто така би сакал да кажам дека на мое задоволство завршив уште една голема работа ќе се збратимат основните училишта „Димитрије Туцовиќ“ од Општина Чајетина и „Карпош“ од село Умин Дол, што е уште една убава можност за продлабочување на соработката. Јас се надевам како што реков ова збратимување ќе биде извршено во најкус можен рок и би било идеално до денот на општина Чајетина, 30 јуни, дотогаш да бидат завршени сите овие формалности, па наша делегација да замине таму на официјално потпишување на таа соработка и конечно да станат збратимени градови. А дотогаш на младите од Кочани да им посакаме спокојно заминување и добра рехабилитација во ова српско парче рај.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија