Јован Цветковиќ е уште еден од младите наследници на џез музиката кај нас, или подобро речено на џез сцената, којашто ја градат млади и талентирани артисти, сѐ повеќе препознаени кај публиката и кај медиумите.
Неговиот интерес за овој музички правец веќе му донесе и титула дипломиран џез пијанист на Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и работа како професор по клавир во нижото музичко училиште „Панче Пешев“ – Куманово.
Својата заинтересираност ја проширува во насока да стане џез инфлуенсер во вистинска смисла на зборот, да ја пренесува оваа музика на помладите генерации – слушатели, да музицира и да компонира свои дела, со кои допрва ќе остава трага…

Јован, да поразговараме по ред на нештата, за сиот тој Ваш џез. Веќе ја најавувате својата иднина…
– Јас во 2018 година се запишав на џез катедрата во Штип. Имав чест професор да ми биде Васил Хаџиманов, редовно доаѓаше од Белград и предаваше. Супер беа предавањата, додека не фати корона и тогаш наставата се префрли онлајн. Двете години поминати во Штип, реално, ми беа супер. Се живееше добро и се свиреше. Ќе ви откријам дека остануваме и по предавањата до подоцна, едноставно, имаше една таква убава атмосфера. Се запишавме 12 студенти на џез одделот, секој на различен инструмент, најмногу имаше гитаристи, а пијанист останав само јас, откако другиот студент се отпиша. Дипломирав навреме, во 2022 година.
Колку предмети изучувавте на факултетот?
– Сѐ вкупно стручни предмети десеттина – од џез композиција, џез солфеж, инструмент, аранжирање, ритам, тоа учевме на академија…
Што Ве поттикна да се запишете?
– Пред да се запишам, искрено не ни знаев дека постои џез академија и за примениот испит морам да го спомнам нашиот Кумановец Филип Стефановски, кој за жал трагично настрада во дискотеката во Кочани. Филип ми кажа каде да се запишам и ми даде насоки. Се запознавме во тој период.Дотогаш свирев на сајзер, ама поаматерски. Хармоника почнав да учам во нижото, а во деновите од средно имав и некои бендови. Но, на факултетот веќе почнав сериозно да навлегувам во тајните на клавирот.
Голема е загубата. Но, ќе го имате Филип во најубави спомени.
– Беше многу широк човек, кој секогаш ме бодреше и дури знаеше да ми рече да снимаме албуми во неговото студио. За секого сакаше да се потруди за било што. Јас сум апсолутно сведок за тоа. Жално е што се случи тоа што се случи, искрено. Знам често да имам некои моменти каде што ќе отсвирам на клавир нешто што ме асоцира на него и ми буди некои чувства и сеќавања на нашата соработка. Ќе има иницијатива да се направи концерт во негова чест или некоја џез манифестација во градот да го носи неговото име. Затоа што тој беше не само феноменален како личност, туку и навистина сериозен џез музичар, активно свиреше тромбон и клавир и имаше снимени свои пет албуми.

Под чие менторство ги завршивте студиите, да ги споменете барем оние професори кои се јавно познати.
– Васил Хаџиманов веќе го спомнав… Мене Васил ми е повеќе пример карактерно и како еден музичар треба да изгледа и да се однесува во смисла на некоја музичка култура. Затоа што, тој некако ми ги има поставено тие темели на однесување кон инструментот, во контекст на џез музиката. Не само како кон предмет, туку и како кон душа… Во јавност познати се и моите професори Сашо Поповски и Ванче Хараламповски, кој предава солфеж и хармонија. Јас реално имам прекрасни спомени од сите нив. Се сеќавам, баш требаше да имам часови со Ванче, кога ми рече „Оди, почекај ме во кабинет“. Јас отидов чекам и доаѓа по десеттина минути и ми вели „Се запознавте ли?“. „Со кого професоре да се запознам, сам сум.“ , го прашувам јас. „Па со клавирот. Сега ќе другарувате“, вели. Тоа ми остана во сеќавање. Тука е и Тони Китановски, Кирил Кузманов.
Кирил Кузманов доби и официјална награда за најдобар џезер во Македонија.
– Кире е фантастичен…
Сте почнале со хармоника сте се префрлиле на џез пијано. Што е џезот за Вас?
– Начин на живеење! Начин на живеење и слобода во пристапување кон музиката и кон животот на секое поле.
Ве промени ли џез музиката и ментално?
– Да, дефинитивно. И кога слушам и кога свирам.

И? Како се чувствувате тогаш?
– На почеток ми беше чудно, искрено, знаете кога прв пат нешто слушаш и не го разбираш, но низ процесот на едукација ми беше сѐ појасно и појасно – како се импровизира, што прават музичарите меѓусебно, како се изразуваат, како се разбираат преку која форма и во таков некој контекст. Со текот на времето сѐ повеќе ми беше уживање таа музика – чувствата, емоциите, сѐ.
Обично, за мене едно многу чудно и збунувачко прашање е „Го разбираш џезот?“ . Какво е тоа прашање, што треба да се разбере од џезот?
– Тоа е најверојатно затоа што им е нејасна музика, првенствено затоа што е инструментална, а нашите луѓе во прв план слушаат текст. А во џезот што се слуша? Се слуша каков пристап има музичарот, како се гради музиката и како музичарите комуницираат меѓусебно. Во џезот ја има таа слобода да се комуницира меѓусебно преку инструментите и барем за мене тоа е некое врвно музицирање, кога ќе си на сцена. И тоа што го слушаш се случува само еднаш, само во тој момент, во самата композиција, која што секој на свој начин ја донесува.
Кои се Ваши омилени џезери? Што најмногу слушавте, на чија музика се градевте?
– Како студент најмногу го слушав Бил Еванс, тој ми е страшен композитор и пијанист, ги слушав сите главни фаци што ги учевме, Чарли Паркер, Оскар Питерсон…И ден денес се навраќам на нив.
Сте следеле некои концерти со џезери?
– Да, да еве маичкава сведочи за тоа (ни ја покажува). „Скопски џез фестивал“ од минатата година. Од пред три години секоја година одам на „Скопски џез фестивал“, на Кумановскиот и Штипскиот, а на „Тирана Џез фестивал“ и на „Битола џез фактори“ имам настапувано… Сум патувал и во Виена на концерти. Минатото лето бев во Банско на концерт на Емет Коен. Тоа беше страшно искуство. Слушаш и се ежиш. Тој седумдневен фестивал во Банско е репрезент за култура, посебно во таа џез сфера. Феноменално. А ги имам слушано и концертите на нашиве џезери.

И нашиве им парираат на светските, нема збор.
-Да, да, посебно Оркестарот (Националниот џез оркестар н.з.). Тоа е феноменална прилика и кај нас да се слушаат такви музичари.
Кога веќе спомнавме, се гледате ли како дел од тој оркестар или како независен џезер?
– Па не знам, можеби да! Ние имавме и еден заеднички концерт и тоа ми беше многу убаво искуство. Концерт за студенти од Музичките Академии од Скопје и од Штип заедно со Оркестарот, во МНТ. Поточно имаше два концерти.
Кој инструмент според Вас ја носи џез музиката- саксофонот, пијаното, трубата, конгите, ритам секцијата?
– Мислам дека општо кажано, луѓево прво го слушаат саксофонот и тоа им е асоцијација за џез музика, таа главната тема што се свири. Но не мора да значи, тоа може да биде било кој инструмент.
Каква улога игра пијаното во таа мелодија? Ја омекнува, ја обликува, ѝ дава музичка форма, што прави?
– Пијаното морам да кажам дека навистина е комплексен инструмент, затоа што може да има мелодија и на хармонски, и на ритмичен и на мелодиски инструмент, а и од повеќе аспекти може да се слушне некоја композиција – дали како оркестарска, или во бигбендовска придружба или како соло, или како трио формација, на повеќе разни начини.
Од кога дипломиравте сте во Куманово. Што работите, каде свирите?
– Од кога дипломирав се трудам да сум активен во разни локали. Имаме трио со кое што свириме, но немаме официјално име. Сите тројца сме од различни градови, јас сум на клавир, Теодор Јаневски е од Тетово и свири тапани и Емил Ејупи од Гостивар свири на бас гитара. Ние сме колеги од факултет. Најчесто свириме познати џез композиции кои луѓето ги знаат или препознаваат, за да им е пријатно. Во Скопје свиревме во „Аудиокултура“ на Теохаревски, тоа е одлично место. Во Куманово свиревме во „Треќ круг“, а има еден италијански ресторан каде што и сега често свирам, најчесто дуо формација со вокал, со студентки од Музичката академија, или саксофон со клавир.

Има доволен интерес за џез музика ?
– Па искрено, има публика, но недостига некоја поддршка за оние што почнуваат да свират и што се активни на таа џез сцена. Тоа во Скопје го има, но другиве градови се навистина запоставени. Ќе се обидам да им ја направам попоприсутна џез музиката, барем на моите Кумановчани. Да почнат повеќе да ја слушаат.
Треба џез културата да се подигне и во другите градови.
– Апсолутно.
Може да се егзистира како џез музичар?
– Може, но мислам дека треба да си многу упорен, а паралелно да работиш и нешто плус. Да имаш и друг извор на егзистенција.
Би заминал ли во странство?
– Би заминал но, повеќе, на учење, на студии. Во Германија знам дека има добри академии. Ја следам и Академијата во Грац, тоа е академија каде што доста се запишуваат, каде и Кирил има завршено.
Досега сте се обиделе да се покажете и како композитор?
– Да. Имам компонирано музика за детската претстава „Црвенкапа“ за Кумановскиот театар во 2023 година. Таа музика одлично се вклопи во целата приказна и беше испеана од самите актери. Се играше на мала сцена, по драматургија на Сашо Костовски. Често знам да си снимам на телефон некои теми и мотиви што ќе ми дојдат од „никаде“. Ги имаме пробувано и да ги свириме и знае добро да звучи некоја моја музичка идеја, посебно кога се работи за џез музика, затоа што таа е таква импровизирачка музика, па може да „истрпи“ сѐ. Имам компонирано и поп нумери кои не ги имам пуштено никаде.
Во врска со поп музиката, најактуелно е Вашиот неодамнешен концерт со евергрини и изворна музика, за кој уште се зборува – „Ехото на Македонија“. Во изведба на познатиот оперски пејач Дарко Тодоровски, кој живее во Атина. Како се споивте?
– Дарко имаше божиќен концерт во Занаетчиски дом на кој бев и јас. Потоа се видовме на кафе – средба на која веќе се создаде самата идеја. Дарко е фантастичен човек, има докторирано во сферата оперско пеење во Москва, има богато музичко портфолио, а сега живее и работи во Атина. Во заеднички договор, песните ги направивме во аранжман кој што е адаптибилен за клавир, „Чија си“, „Девојко љубов ми вети“, „Кажи зошто ме остави“… Три песни направивме во придружба на хармоника. Тоа беа оние порубато нумери, „Зајди, зајди“, „Јано мори“ и „Калеш Анѓо“. Концертот го подготвивме во комуникација преку ватсап, но многу сум задоволен како излезе …

Ова Ви беше прв концерт во Занаетчиски дом во кој Вие доминиравте како инструменталист?
– Да. Може да се каже така. Занаетчиски дом во Куманово е простор – сала која што е сѐ подобро опремена и во која што се прави и џез фестивалот и многу други манифестации и настани од нижото музичко училиште, така што, ми е познат тој простор.
Кон каде се движат Вашите надежи и очекувања – очекувате успех со концертна дејност, клупска, композиторска? Кој е Вашиот сон?
– Реално, уште се барам каде јас искрено најмногу би се дал. Сакам да свирам на настапи, тоа ме привлекува, и сакам да дадам енергија на луѓе кои што се дојдени да слушаат, да споделам енергија со луѓе со кои што свириме, но и компонирањето ми е во план. Уште на факултет имаме учено многу области, многу предмети кои што имаат некоја заедничка целина, но не знам… Сон? Тоа е тешко прашање. Мислам дека за еден музичар најголемиот сон е каде и да настапува и било кога, да може да допре до луѓето, со таа музика што ја свири. Независно дали е класична, дали е изворна дали е џез.
Џезот е најуниверзална музика, без рок на траење, без просторни ограничувања, буди убави чувства и релаксира…
– И секој може да се пронајде во неа!
Но, за крај да продискутираме околу уште една констатација, некогаш велат дека нашата изворна музика има допирни точки со џезот. Од стручен агол да ни кажете дали е така. Нешто ги спојува?
– Апсолутно, апсолутно. Тоа е нешто што Дуке Бојаџиев кај нас го спојува добро, „Љубојна“ исто така. И Васил Хаџиманов исто има нумери кои што се направени во џез манир, или доминира некоја џез нота. Има поврзаност, да, со тоа што на пример некоја народна песна може ритмички да биде збогатена со нерамноделни ритмови, а така може и некоја џез композиција, во некои различни ритмички целини, кои што исто така може да звучат нерамноделно. Но, повеќе мислам во прашање е начин на кој што се пристапува. Инаку, со Сашо Поповски минатата година ова време патувавме на фестивал во Шамбери, во југоисточниот дел на Франција. Прекрасно искуство од аспект на тоа што запознаваш нови луѓе, друга култура, како тие свират и едноставно си опуштен да ја свириш таа музика. Поголем дел на репертоар беа џез стандарди, а заедно со Французите требаше да создадеме и балканска музика. Бидејќи таков беше концертот, секој да се претстави со своја нумера, јас соло ја отсвирив „Елено ќерко, Елено“. Моментот, некаде да свириш своја музика, многу исполнува. Посебно изворна музика. Тоа чувство е фантастично. И незаборавно.
Валентина Ѓоргиевска Парго
