„Уметноста на уметникот треба да е одраз на времето во кое живее“ е порака на познатата кумановска уметница Марина Цветановска Мартиновска, во чија концептуална работа, сепак, главна содржина и ехо наоѓаат и етнолошките историски референци и македонскиот бит, сместени во една супер – современа рамка и сето тоа нејзината уметност ја прави длабока и неодолива.
Нејзината кариера трае повеќе од две децении и вклучува повеќе самостојни изложби кај нас, но и во Париз Њујорк, Истанбул, Котор, Белград и преку педесеттина заеднички изложби и колонии.
Освојува со своите дела овде, а неодамна таа импресија ја прошири и на белградската публика која ја виде нејзината изложба насловена „Празни не(д)остатоци“.

Интригантен и загонетен наслов, познат уште од времето кога истоимената изложба ја имавте поставено во Куманово.
– Ова е всушност мојата самостојна изложба од декември 2022 година, реализирана во Уметничка галерија Куманово, со која аплицирав и во Белград и на покана на „Галеријата 73“, преку поддршка од Министерството за култура во Македонија, изложбата беше овозможена.
Ги изложивте истите дела?
– Ги изложив речиси сите дела, со исклучок на неколку. Станува збор за група од седум инсталации изработени од каширан огледален картон, силиконски конци и црн муслин, добивајќи се ефект дека е шиено на огледало. Елементите се работени во делови за да може да се препакуваат, да се транспортираат и повторно да се аранжираат на самото место. Дополнително, поставив и светло за да се добие рефлексија на светлината во огледало, дури некаде употребив и ласер и многу добро изгледаше.
На колкав простор беше поставена и колку дена траеше изложбата?
– Галеријата е доста голема, за споредба како големиот салон во КИЦ. Многу ме фасцинира и ме инспирира тој простор за да го совладам, уште пред да тргнам. Секогаш кога одам некаде барам тлоцрт од просторот за да знам што и како да понесам од делата. Ги поставив истиот ден кога отидов. Изложбата траеше седум дена и предизвика голем интерес. На отворањето присуствуваа можеби седумдесетина посетители и бидејќи е со современ пристап, ги предизвикав посетителите да дојдат и во следните денови, да се запрашуваат за материјалите, да ги чепкаат и допираат делата, за да видат од што се направени.
Се чувствува Вашето задоволство од ова Ваше гостување.
– Во Белград имавме навистина професионален пречек од страна на Галеријата, во смисла на организација, покани, па промоција преку социјалните мрежи. Пријатно изненадување од страна нивниот менаџерски тим беше женски хор „Македониум“, кои дојдоа и изведоа неколку наши македонски песни, со што се стави дополнителен акцент на македонската култура. Воедно и мојата долгогодишна соработничка Билјана Петровска, пијанистка од Скопје, изведе една нумера, со која ние постојано сме во заеднички мултимедијални проекти. Наскоро таа ќе има концерт во Загреб и таму мојата „Светлосна инсталација“ (што сега што не ја понесов) ќе го облагороди нејзиниот концертен простор. Куратор на изложбата беше Драгана Спасковска од Уметничка галерија во Куманово. Презадоволна сум од сите детали. Инаку во Белград пред извесно време се отвори Македонскиот културен центар, го видовме и тој убав простор, секако во некоја наредна прилика и таму би изложувала. Додека ние бевме таму се одигра и театарска претстава „Народен пратеник“ и уште неколку настани се споија спонтано во еден сплет. Нашата култура овој пат имаше доминантни настани…

На што асоцира насловот, што всушност е „празното“?
– Празниот волумен и празнината отсекогаш ме интересирале. Во овој случај давајќи му волумен на празниот простор се обидувам да го моделирам воздухот, празното, невидливото, притоа не користејќи стандардни цврсти материјали, што се очекувани во скулптурата. Материјалите веќе ги споменав. Насловот „Празни недостатоци“ или „неостатоци“, или „остатоци“, зборува за празнината, тргнувајќи од личното до колективното, во ова време на глобализацијата. И зборува за тоа како поединката се губи во таа празнина.
Мислите ли дека таа празнина како да ги голта нашите души?
– Не. Мислам дека токму таа празнина е волуменот од нашата енергија, значи колку повеќе духовно се даваме во него, толку повеќе го чувствуваме тој волумен полн. И обратно нели. Во трката за материјалниот свет сигурно дека волуменот ќе е празен и некој начин може да нѐ проголта. Сепак мислам дека енергијата се преточува, Универзумот е полн со енергија, тоа доста е анализирано и на филозофско ниво и од страна на физиката, само ние треба да го исполниме со духовното…

Се покажа дека оваа изложба, создадена по Ваша филозофска инспирација, за која е направен и мошне интересен каталогот во склад со самиот нејзин имиџ, сѐ уште не губи од својата актуелност. Напротив, актуелноста ѝ се зголемува.
– Во тој дух работам цело време. Наскоро имам закажано изложба насловена „Декодиран бит“, во која ќе бидат „Кардио вез“, „Кардио ритам“, „Колективен кардио ритам“ и „3Д остатоци“ и слично. Таа изложба ги влече корените од нашето постоење на овие простори, а тој етно ритам е присутен кај мене од пред дваесет години, уште кога работев на магистерскиот труд. Уште тогаш почнав со надшивање, вклучувајќи црвени ортоми од волница направени како дебели јажиња, кои ги користев за спојување на текстил и метал. А мојот дипломскиот труд беше скулптура со празен волумен, насловена како „Ротација“. Уште од тогаш мене ме инспирира Универзумот како тема. И сега, полека, како поминува времето, сама гледам дека дојдов до една потранспарентна фаза, црвеното полека го истиснав, веројатно од сето она што ни се случува последниве години. Новата изложба што ја најавувам наскоро во Куманово, како група на инсталации и цртежи, ќе биде ретроспективен пресек и избор на дела работени во целиот тој период, заокружувајќи го и на некој начин брендирајќи го мојот концепт. Ќе содржи досегашни цртежи и инсталации, додадени со некои нови, во кои се присутни везот, спојувањето или раздвојувањето, како сакате…

Интересна комбинација на етно, филозофија и напредна технологија, претставена и со ласери видоа белграѓани.
– Јас ова го работам гледано од оној естетски агол. Вклучив и црвени ласери и тоа му даде многу интересен ефект, бидејќи тој кардио вез се поврзува со нашиот биоритам, а како мотив го има везот од нашите килими, преработен и преточен во поинаков цртеж.
Што ни го наруши тој кардио ритам?
– Сега се претопуваме сите во еден ист ритам, секаде во светот веќе сѐ се измеша. Нашиот индивидуален или национален код, колку и да сакаме, доколку не го негуваме, секако дека би се изгубил. Затоа ние преку уметноста треба да се трудиме да го задржиме, преку нашата автентичност. Таа автентичност е нешто што е зацртано во нашиот генетски код и кодот на ова тло, кој што е присутен со генерации, со поколенија и мислам дека не може туку така да се искорени. Знаете, и додека шетав во Народниот музеј во Белград, знаејќи дека таму е едната златна маска од Требеништа, и пехарот, отидов ги фотографирав и тоа ме допре. Ме допре и музиката од хорот на пример, сето тоа колку ние сме препознатливи во светот, нашата култура, и колку треба да сме свесни за сето тоа, но и да го одржуваме.

Сега едно општо прашање. Куманово е град со голема уметничка и сликарска традиција, ги имал првите признати сликари на Балканот кои станале и митови. Има актуелни уметници коишто пробиваат граници, меѓутоа искрено мислам дека како уметнички колектив сите заедно поминувате тивко, недоволно испромовирани, или можеби грешам?
– Мислам дека сте во право, зашто ние, како што кажавте, имаме доста уметници и дел од нив и основоположници на македонската ликовна уметност, меѓутоа сега нашето друштво на ликовни уметници ДЛУК, формирано на времето, не функционира. За разлика од Битола, каде си има друштво на ликовни уметници на тој град. На бројка, квантитативно, има многу кумановски уметници, но секој од нас кои што сме активни на локално, на државно и на меѓународно ниво, сами се снаоѓаме. Единствено некои можности и активности ни нуди Музејот и самата Уметничка галерија на Куманово, што значи пак на некој начин нѐ обединува Галеријата, а како друштво не функционираме.

Кој ликовен уметник од локалните го заслужува Вашиот респект?
– Па, не би можела да издвојам.
А на пошироко ниво, имате ли некој на чие што творештво се повикувате како на Ваша инспирација, наоѓате допирни точки можеби, делите некој мотив или едноставно Ви се допаѓа тоа што го работи? Велат дека скулптурата е најтежок облик бидејќи мора да си многу прецизен во тоа што го сакаш да го направиш.
– Овде нема играње со материјали, нели. И обично кога ги работам делата, не почнувам додека не ја прочитам идејата неколку пати. Се прават промени на хартија, на ниво на скици, често пати и на мали тродимензионални скици Предвреме сѐ се визуелизира… Многу често математиката и геометријата е присутна во моите дела и кога ќе бидам сигурна во сѐ, тогаш го реализирам делото. Значи, трпи голем процес при реализација. И не само околу материјали, битни се и димензиите, каде и како ќе биде поставено. Можеби инспирацијата доаѓа од секаде – во секојдневниот живот некоја дразба од светлина некогаш случајно ќе ме допре за да направам некое дело, или да ми ја дооформи некоја идеја. Меѓутоа колку и да имаме автори коишто јас ги обожавам, се трудам да бидам своја во своето творештво.
На последната изложба ја имате онаа основна комбинација црно – бела. „Играте“ преку неа …
– Последната да, инаку имав многу колористичен пристап во првата изложба. Црвената боја секогаш беше присутна.
Црвената ја поврзавте и со Македонија…
– Така, да. Со нашиот национален код.
Како болка или како надеж?
– Во исто време и двете…Знаеме црвеното што симболизира во нашето народно творештво, борбеност пред сѐ. И истрајност. А воедно, индивидуално, црвеното како нашиот крвоток, односно живот.

Доста емотивно ни го претставивте тоа со маската и пехарот. Забележливо, приличен број на индивидуални изложби сте имале во големи градови, каде што обично големи скулптури може да се видат и по улици, да речеме. Кога сте таму, посетувате музеи, изложби, гледате скулптури кои Ви се во видно поле, или можеби и одите специјално да видите нешто кое што е вредно за Вашето внимание?
– Секогаш… Тоа ми е целта кога одам. Не поминува некој престој без да посетам одреден музеј. Како што беше двомесечниот престој во Париз уште 2004 година, не знам колку пати влегов во „Лувр“, во музејот „Пикасо“, во „Помпиду“. Исто и во Њујорк, не само музеите што го има туку и галериите на Челси кои што се во голем број. Мислам дека колку повеќе галерии гледаш, толку повеќе откриваш нови можности, тоа е таа духовна храна за нас уметниците. И тоа визуелното што го примам, тоа си стои, се акумулира, се преточува, потоа доаѓа во некој својствен ликовен израз во моите дела. Инаку сега преку виртуелниот свет сѐ ни е достапно да видиме.
Во Вашата фамилија се негува традиција кон уметноста?
– Ќе кажам дека креативноста не е изоставена во моето семејство. Уште од мали нозе јас растев во шивачкото ателје на мајка ми, растев и со боите и со конците и првите цртежи и портрети на ликовите од бурдите и од таму почна сѐ. Во прво одделение се запишав во тогашниот „Пионерски дом“ на Применета ликовна уметност, меѓутоа еден ден на пауза влегов во друга просторија каде што беше ликовна секција и кога влегов како да влегов во некоја магија и реков „Следната година јас ќе се префрлам овде“. На некој начин сите се оформивме во неформалното образование, од таму си ги најдовме насоките, што значи дека применета уметност ми беше многу блиска. Барав некој нов свет каде што ќе откривам нови значајни нешта, затоа постојано одев таму, речиси секој ден, таму растев.
Дали надареноста се преслика и кај Вашите деца?
– Големиот син има 15 години и имам близнаци по 11 години, машко и девојче. Сите ја носат таа креативност, имаат потенцијал за цртање, имаат интерес за творење, а кај девојчето е тоа најизразено. Поголемиот син дури работи во сферата на дизајнот и постерски решенија. Треба сами да се насочуваат, меѓутоа само доколку го имаат тој внатрешен порив.

Како гласи Вашата уметничка титула?
– Јас имам дипломирано на Факултетот за Ликовни уметности 2000 година, Педагошки оддел – насока скулптура, кај професорот Станко Павлески и кај него завршив магистерски студии во 2005 година, скулптура. Мојата уметност припаѓа во современа скулптура, современ пристап, така што во октомври 2024 година беше наградена и моја скулптура со награда на ДЛУМ „Боро Митриќески“.
Примете честитки за наградата. Добитничка сте на повеќе награди, а токму оваа како најмногу да Ве отсликува?
– Па мислам да. Многу ми значеше баш ете дека конкурсот беше насловен „Современа ликовна скулптура“ и што моето дело беше забележано од комисијата.
Другите награди се добиени од страна на еснафот или и од Општината? Бидејќи, уметноста сама по себе значи естетика, порака и содржината, како мотив предизвикана од општеството и како порака повторно упатена кон него, а тоа треба да биде препознаено и на официјално ниво.
– Имам од еснафот, а за време на студиите имам добиено три награди – за најдобар студент и најдобар дипломиран студент, Универзитетска награда „Свети Кирил и Методиј“ и други. Инаку 25 години работам како ликовен педагог во основно училиште, во кое и учев, „Браќа Миладиновци“ во Куманово каде со моите ученици имаме преку 180 награди. Последната што ја добивме е плакета за училиштето од Државна изложба во Битола, која што е финансирана од Министерството за култура, каде што нашето училиште четири години по ред добива награди за колекции и врз основа на тоа годинава ја добивме и специјалната награда. На ниво на Општина за ноемвриската награда една година бев во конкуренција, кога имав доста активности.

Дали во Македонија доволно се цени, уметноста, дали вистински се вреднува?
– Нашата уметност воопшто не е далеку од она што случува во светот, за разлика од другите бранши во општеството. Меѓутоа пак ќе кажам дека измешани се работите. Многу малку луѓе знаат да ја препознаат и да ја ценат современата ликовна уметност. Уметноста треба да биде одраз на времето во кое живееме, а не да се враќаме назад. Сите уметници кои што живееле во своето време на некој начин биле предвесници на одредени општествени појави или револуции. Ние преку уметноста соопштуваме пораки. Преку мојата уметност, јас го кажувам мојот глас, мојот крик против одредни работи, или промените кои што сакам да се случат, но тоа еден дел од луѓето може да го види и да го прочита. Сепак јас сум задоволна, имаме можности да аплицираме и во рамките на Министерството и за надвор, па едноставно, кој сака може да си го најде својот пат и кон галерии надвор, каде што ќе може да дојде до израз.

Се прошири полето и уметниците веќе може да излезат, интензивно.
– Сега во овој период има и конкурси во Министерство. Треба да има, нека поминуваат и помалку проекти само нека се квалитетни, а не да се задоволуваат сите видови на структури, како што беше до пред некоја година, по малку на сите и на крај добиваме само квантитет. Порано се знаеше кој може во националните установи. Треба да има ред и тие скалила да се поминуваат едно по едно, а не одеднаш, впрочем, како за сите други работи во животот. Инстантно живеење е празно, нема содржина. Да, да, нас ни треба критериум и квалитет…
Валентина Ѓоргиевска Парго
Награди:
- Диплома за најдобар студент на ФЛУ, во учебната 1999/2000 (од Сојуз на студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Скопје)
- Диплома за постигнати одлични резултати по стручно – уметничките предмети во текот на студиите (од ФЛУ, Скопје)
- Универзитетска награда за најдобро дипломиран студент во учебната 2000/2001 од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје
- Откупна награда за цртеж на изложбата ДЛУМ цртеж 2004 (Национална Универзитетска Библиотека Св.Климент Охридски“ – Скопје)
- Награда за сликарство „Ванчо Ѓорѓиевски“ на изложбата на Ликовни педагози на Р. Mакедонија, 2005 (Сојуз на ликовни педагози – библиотека „Другарче“– Скопје)
- Награда за скулптура „Боро Митриќески“ на изложбата Современа скулптура, 2025 ДЛУМ
- Добитник на околу 180 награди (општински, државни и меѓународни) во ликовно – педагошка дејност со своите ученици од 2001 -2023 година
Самостојни изложби:
2002 – Самостојна изложба на слики „Посакувајќи“, Уметничка галерија – Куманово /
Уметничка галерија „Безистен“ – Штип, 2003 – РУ „Јоска Свештарот“ – Струмица
2004 – Самостојна изложба на цртежи „…БЕЗ ПОЧЕТОК“ , Cite Internationale des Arts – Paris /Хотел Југо Гевгелија, 2005
2005 – Самостојна изложба на скулптури (магистерски труд – изложба) „1 2 3 4 5 6 7“ – Музеј на град Скопје – Скопје / Уметничка галерија – Куманово
2006 – Инсталација „Решение од идниот број“, Музеј на современа уметност – Скопје
2007 – Самостојна изложба „За полното и празното“ – Прима центар Берлин/ Уметничка галерија – Куманово
2013 – Самостојна изложба „… НА ЦРВЕНО …“, Уметничка галерија – Куманово
2016 – Самостојна изложба на цртежи „Timeless blue“ – Градска Галерија Котор – Црна Гора
2016 – Самостојна изложба „ЗА(Д) ПРАЗНИНАТА“, Национална галерија Мала Станица – Скопје/ Галерија МЦ– Њујорк, 2017
2018 – Самостојна изложба „ПОМЕЃУ ПРАЗНОТО И ПРАЗНИНАТА“, Уметничка галерија – Куманово
2020 – Самостојна изложба „НАПРЕЧНО ЦРВЕНО НИЗ ПРАЗНОТО“, 20 години ликовно творештво, Уметничка галерија Куманово / КИЦ Скопје во склоп на програмата на Скопско лето 2021
2022 – Самостојна изложба „ПОМЕЃУ ПРАЗНОТО И ПРАЗНИНАТА“, Културно Информативен Центар на Р.С. Македонија, Истанбул
2022 – Заедничка изложба „О(Т)КРУЖЕНО“ со Александар Симоновиќ и Мирослава Цветковиќ – Уметничка галерија Куманово
2022 – Самостојна изложба „ПРАЗНИ НЕ(Д)ОСТАТОЦИ“ – Уметничка галерија Куманово
2023 – Самостојна изложба „ПОМЕЃУ ПРАЗНОТО И ПРАЗНИНАТА“ Галерија МЦ Њујорк,САД
2023 – Заедничка изложба „(РЕ)ОТКРУЖЕНО“ со Александар Симоновиќ и Мирослава Цветковиќ, КЦ Магаза Битола
2024 – Заедничка изложба „Рекомпониран ритам,“ со Марија Мицова Гацова, Уметничка галерија Куманово
2024 – Мултимедијален проект со Билјана петровска, „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ КИЦ на РС Македонија во Софија, р.Бугарија
2025 – Самостојна изложба „ПРАЗНИ НЕ(Д)ОСТАТОЦИ“ – Галерија 73 ,Белград, Р. Србија
Сценографија:
2000 – „Што сонува кучето“, режија Маја Младеновска, продукција МТВ
2001 – „Кумановска свадба“, режија Ацо Алексов,Народен театар куманово
2001 – „Суд“, режија Владимир Талески, Народен театар Куманово
2002 – „Хари Потер и Дедо Мраз“, режија Слаѓана Милосављевиќ, Народен театар Куманово
2003 – „Оливер Твист“, режија Слаѓана Милосављевиќ, Народен театар Куманово
Костимографија: 2002 – „Хари Потер и Дедо Мраз“, режија Слаѓана Милосављевиќ, Народен театар Куманово
2003 – „Оливер Твист“, режија Слаѓана Милосављевиќ, Народен театар Куманово
2004 – „Вирус“, режија Слаѓана Милосављевиќ, Народен театар „Антон Панов“ Струмица
