МИШО СТОЈАНОВСКИ: Чест ми е што мој мозаик е поставен во префектурата на Равена, градот на Данте!

Уредник
Се чита за 24 минути

Милениумско дете, роден во славната 2000-та во Куманово. Многу мал го покажува својот талент. Добил патоказ во средното уметничко училиште, а јасна насока и определеност за време на студиите. Многу млад ги запишува своите меѓународни успеси.

Негов мозаик е изложен во префектурата Емилија Ромања, во Италија, каде се наоѓа и градот и Равена. Со потпис – Мишо Стојановски.

Мишо Стојановски
Со награденото графичко дело – Адамус, (Аквафорте, Акватинтс и сува игла) Фиренца

Вашиот уметнички пат почнал сосема природно. Кога беше направена првата стапка? Кога се роди интересот за ликовната уметност?

– Уште од најмала возраст. Уште од дете сакав да дознам како еден уметник во цртаните филмови успева да претстави, да кажеме, едно тело во движење. Гледајќи цртани филмови сакав да ги ископирам главните јунаци. Почнав со едноставни цртежи на било која хартија која ја наоѓав дома, од обична тетратка до стари весници, кои најчесто беа шкрабаници, но имав некоја неопислива потреба да се претстави тоа што го гледам. Сите „Looney Tunes“ карактери ми беа предизвик за цртање, секој цртан лик кој беше актуелен, дали брзата птица итрица или Том и Џери, зависеше од тоа што ќе имаше на телевизија…

Мишо Стојановски
Фотографија од 2005

Тоа Вашите брзо го забележаа?

– Апсолутно да, го забележаа сите. Дури од најмал речиси на сите фотографии сум со тетратка за цртање. И тоа некако мене ми беше природно, а потоа стана и за моите. Кога ќе нацртав нешто, најчесто ќе ги сочуваа цртежите за да ги покажат на моите баби и дедо. И секаде каде што ќе одевме со децата, барав цртањето да ни стане игра на сите.

Талентот за уметност, кога го воочија самите професори?

– Уште во основното училиште „Магдалена Антова“, каде во рамките на ликовната секција изработив маска, тридимензионално лице на Тарзан и ми дадоа книга за посебно истакнување во ликовниот дел. Книгата беше „Кога птиците одлета од Видое Подгорец“. Во тој период претседателката на ликовната секција беше професорката Светлана.

Мишо Стојановски
Цртеж од детство

Средношколска возраст, а Вие веќе решен да станете уметник…

– Во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ започна побитниот развој во моето приоѓањето кон уметноста, бидејќи, според мене, Скопје го има едно од најдобрите средни уметнички училишта на поширок простор. Таму ги сретнав најдобрите професори и еден кој се истакна пред сите други, Сашо Бајрактаров, професор со светски пристап кон сликарството, на ниво на Фиорентиската Академија. Тој и уште неколку професори имаат доста добар педагошки пристап и еден универзален поглед на работите, приоѓајќи многу интелегентно на секој ученик. Бајрактаров е одличен професор, мене лично и останатите нѐ мотивираше да си ја сфативме работата сериозно и да се посветивме дури и повеќе од тоа што треба. Некогаш бегавме од „нормалните часови“ само за да останеме на лекциите на професор Сашо. Средното уметничко во суштина е една преубава средина. Ателјеата се преубави и исто така има доста добри професори по цртање.

Мишо Стојановски

Денот на Кралот-соработка со Средно уметничко и холандската амбасада- 2019-Ева Петковска, Мишо Стојановски со проф. Сашо Барјактаров и дир. Димитар ФилиповскиДали уште тогаш кај Вас се постави таа основа за мозаиците?

– Еден од професорите, познатиот мозаичар Бајрам Ганзафер, кој денеска е Претседател на академските уметници во Македонија, посетувајќи го средно уметничко со уште еден професор по применето сликарство, Ѓорги Томовски, ни всадија идеја за тоа што е мозаик. Но, бидејќи е техника која бара еден подолг период на изучување, беше тоа само како мало запознавање со поимот „мозаик“. Пред тоа, во основно училиште ја посетивме Хераклеа и бев фасциниран од подните мозаици кои се извонредни и дури и на скала на светско ниво и на целата таа територија на Римското Царство. При крајот на средното образование се запознав со идејата за Академијата во Равена, која е специјализирана за мозаик. Академик Бајрам Газанфер, имаше создадено релации со Равена. И тој, заедно со професор Ѓорги и професор Сашо, бидејќи бев прогласен за првенец на генерација, ме упатија таму. Кога слушнав, бев превозбуден, така одлучив да се запишам на брз курс по италијански јазик и да пробам да влезам во Академијата за применети уметности во Равена. Студиите ги завршив со стипендија од регионот Емилија Ромања, италијанската амбасада ми обезбеди контакт со нив.

Мишо Стојановски
Заедно со Професорот и мозаичар Ѓорѓи Томовски на 62-ликовна колонија во Струмица (Антон Панов)

Значи, Равена, Вам Ви ги рашири своите раце за една цврста прегратка…

– Апсолутно. Регионот во Италија ми излезе во пресрет со самото тоа што ми овозможија да студирам, а во текот на студиите услов е да имаш одредени број на поени и да приложиш уверение дека си добар студент, за да продолжат да те плаќаат. Така што, сѐ беше добро. Прво завршив три години курс по применет мозаик, потоа уште две специјализација и овој февруари дипломирав.

Мишо Стојановски
Metempsicosis , 160×60 mosaico di paste vitree e marmi.

Нашите честитки до Вас се големи. Каде се вработивте по студиите?

– Сега работам како уметник фриленсер, но исто така почнав да работам кај една група на мозаичари CaCo3. На една изложба ми пристапи еден од членовите, кого го заинтригирало моето дело и ме праша дали би можеле да соработуваме, да им асистирам. Јас бев запознаен со нивната активност, бидејќи оваа група е една од најреволуционерните групи на поширок план, позната на светско ниво и без размислување реков дека ќе работиме заедно, знаејќи дека ќе научам многу работи кои би ми помогнале за револуционирање на мојот пристап кон мозаикот.

Мишо Стојановски
Детал од мозаик во изработка

Дали во Италија мозаикот денес е ценета уметност, самиот кажавте дека потекнува од византиските уметници.

– Мозаикот наводно е во изумирање, но во последен период се враќа во живот, по организирањето на неколкуте биеналиња во Равена. Мозаик отсекогаш бил медиум, многу тежок за работа, бидејќи бара многу посветеност и простор, бидејќи е направен од тврд материјал како мермер и природни камења, или специјални стакла, независно, значи бара многу посветеност. Интересно за биеналето во Равена е што ги собира на едно место сите луѓе што прават мозаици. Така, во 2019 го донесоа и познатиот Чак Клос, американски уметник познат по неговите огромни автопортрети, реализирани во мозаик. Јас учествувам на тие биеналиња, во 2019 всушност и се запишав на Академијата. Равена и ден денес е престолнина на мозаикот и како магнет ги привлекува сите мозаичари, успева да ги собере луѓето на кои овој медиум им направил да се заљубат во него. Мозаикот, ќе најде начин да преживее.

Мишо Стојановски
Изложени дела во Виадана 2025

Изострена перцепција е главна „алатка“ на уметниците. Уметниците главно се занимаваат со својот поглед на светот и реакцијата на луѓето на нивниот поглед, отелотворен во некое дело. Што најчесто Вие пренесувате преку Вашите мозаици? 

– Сега во момент и претходно мозаикот го користев како и сликарство, како нешто индивидуално. Во моите мозаици најчесто се решава прашањето – „Што е тоа грдо и што е тоа убаво?“. Еден вид на фигуративна уметност каде што се решава композиција и декомпозиција на класичните пропорции, така што, може да биде некоја најсекојдневна сцена која подоцна со елементите на деконструкција и конструкција ќе се разложи, или ќе почне од нешто најапстрактно, па ќе заврши со нешто најфигуративно. Темите варираат зависно од тоа што сакам да претставам- од теми со најуниверзално значење, до најинтимни, најтаинствени и најперсонални теми. Секогаш сум го третирал мозаикот како паралелна скала до скалата на сликарството, бидејќи најчесто мозаикот е гледан како нешто декоративно, но имајќи богато знаење од средното, знам дека уметноста не секогаш треба да е декоративна, треба повеќе до израз да дојде и моќта на изразувањето. Затоа се обидувам мозаикот да го третирам како паралелна вредноста со сликарството. Значи, да се жртвува секој елемент на декорација и да има улога исто како сликарскиот медиум.

Мишо Стојановски
Во изработка на нов мозаик

Дојдовте до најзначајната точка на Вашиот подем досега – Ваш мозаик има во кабинетот на префектурата на Равена, што е навистина грандиозен успех за млад уметник.

– Тој мозаик всушност е дел од други девет мозаици, кои симболично беа инспирирани од темата за Данте и со тој мозаик го освоив првото место на конкурсот на Ротари клубот по повод 700 години од смртта на Данте Алигиери (1265 – 13/14 септември 1321). Како што е познато, неговото тело се наоѓа во Равена, бидејќи кога бил прогонат од Фиренца почнал да живее во тогашната Равена и ден дене Фиорентинците го донираат светото масло, но и натаму гробот се наоѓа во Равена. И, тука дури има завршено еден дел од неговото книжевно творештво. По инспирирација од „Божествената комедија“, јас го реализирав мозаикот „Senza speranza“ или „Без надеж“ како што кажува и самиот натпис пред самиот влезот во пеколот, во делото на Алигиери. Самото дело беше 40 на 40 см. Потоа беше свикано жири, кое одреди прво место за моето дело и денес тоа, заедно со делата на другите неколку финалисти, стои на влезот на перфектурата каде всушност е и кабинетот на тогашниот градоначалник Емилио Романо.

Мишо Стојановски
Senza speranza 40×40. Pasta vitrea, стакло и мермер

Какво е чувството за еден млад човек да види свој мозаик на место во сосема друг град и сосема друга држава, особено во Италија, лулката на уметноста, нешто што досега ретко кому му се случило.

– Преубаво чувство, воопшто и дека успеав да студирам тука. И бидејќи Италија и италијанскиот народ се гостопримливи, нѐ примија дури и предобро, никогаш не сме се почувствувале како странци. Знам, дека сум оставил свој печат на таа локација, еден свој симбол и задоволството е секогаш кога ќе поминам од таму, да свратам да го погледнам.

Мишо Стојановски
Доделување на наградата со членовите на Ротари

Мозаикот е скапа уметност? Колку чини финансиски и временски да се изработи, на пример 40 на 40 см.?

– Зависи, тоа е релативно. Може да се употреби најобичен камен до најскап материјал – тоа се денеска познатите пастивирти или тоа се специјалните венецијански стакла, кои може да чинат до неколку илјади евра. Но, доколку се користат материјали од природно потекло, делото може да се направи и за помалку од 200 евра. Може да се изработи и за две три недели, а за одредување на пазарната цена за мозаик одлучува името на уметникот и каков вид на творештво е – дали е декоративно или е уметничко. Може да достигне и од две, три илјади евра.

Мишо Стојановски
Мозаик заедно со цртеж во изработка

Ретко имаме прилика да дознаеме како се подготвува мозаик, ќе ни објасните ли?

– Моите мозаици, сите се реализирани во старата техника на Равена – прво се подготвува база во вар, потоа се чека тој вар да отстои. Се обработува варта, се подготвува подготвителен цртеж или во таканареченото византиско царство тоа го правел „Пиктор Имаџинариус“, сликарот. Кога ќе се заврши, мозаикот може да го направиш со материјали веќе исечени со чекан и таљоло (алатка слична на чекан, со метални сечива на краевите, кои кога се удира ги сечат каменчињата)…

Мишо Стојановски

Арте фиерс форли , 2022- Најдобро современо дело

Мишо Стојановски
Арте Фиера форли 2022

Освен правење мозаици, дали некоја друга гранка од ликовната уметност Ве привлекува?

– Исто така голем љубител сум на сликарството им давам предност и на дела со масло на платно, со водени бои… Мислам дека е доста битно еден уметник да менува медиуми. Исто така во Равена се запознав со графиката, учам од еден од најдобрите графичари на овие простори, Агим Сако, кој по потекло е од Албанија.

Мишо Стојановски
Со финалистите во академијата на Фиренца
Мишо Стојановски
Примање на наградата Паолина Бруњатели

Ајде да позборуваме малку за паралелата Куманово – Равена, од Ваш агол.

– Куманово и Равена тоа е чудна релација, бидејќи се две тотално различни околини. Куманово е малку планинско гратче, додека Равена е град на море. Во Куманово повеќето се релативно нови згради, додека во Равена секоја втора зграда е симбол за некој дел значаен за историјата, заштитена и од УНЕСКО и од државата. Мислам дека дури Равена има најмногу заштитени градби од УНЕСКО. Куманово има убави цркви, како на пример преубавата црквата Свети Ѓоргија во Нагоричане. Живописот во Свети Ѓоргија ми има оставено голем впечаток, посетувајќи го уште од мал, бидејќи за нас таков вид на сликарство е многу нормално, го гледаме во нашите цркви, но кога ќе дојдете надвор од границите на источно- римско царство се забележува дека таков тип на фрески не постои на Западот. Тоа е еден израз впечатлив за нашиот регион. Тоа е таа македонска школа на иконопиство, која има огромна улога врз мојот начин на обработување на фигуративното сликарство. Додека, од друга страна, елементот на таа експресивна боја од неонијанската крстилница во Сан Витале, Равена, има друго влијание врз моето творење. Во Сан Витале се наоѓа познатиот моќен портрет на Јустинијан и гледајќи ја таа претстава на фигуративна уметност во Равена и во црквата Свети Ѓорги во Нагоричане, ќе речам многу се различни, но на некој начин се толку битни за историјата на уметноста, што се на исто ниво по важност.

Мишо Стојановски
Втора награда – Premio Pas AIMC 2023

Доколку Ви се укаже шанса и прилика, дали би направиле некој мозаик и некоја изложба овде?

– Секогаш сум сакал да изложувам во Македонија, или било каде што ќе ми се пружи можност, бидејќи сметам дека е интересен начин да се види како делата комуницираат со публиката. Се разбира дека првенствено би сакал да оставам и свој печат во мојот роден град. Куманово отсекогаш бил интересна средина. Иако е мало гратче е доста богато со локалитети, манастири, дало и доста добри уметници и добри ученици во уметноста, дури е познато дека кумановските студенти по уметност биле секогаш добро истакнати.

Мишо Стојановски
Инферно – Со моделот за сликата (Страјк)-2018

Соработувате со некои македонски уметници од Ваша генерација?

– Во последно време разговарам со Сергеј Кашавелски, разменуваме доста често идеи и тоа што значи уметноста за него за мене, но исто и со Стефан Димковски, наш заеднички пријател, демонстратор на Филозофскиот факултет на УКИМ, кој се интересира за уметноста.

Мишо Стојановски
Делата од дипломската 2023

Секој вистински уметник има некоја крајна цел, трајна и долгорочна визија. Уметноста е нешто кое освен визуелна вредност, треба да послужи за оставање на порака, спојување на култури, на разни временски периоди…И самиот рековте дека со мозаиците патуваме од времето на Римјаните, па до сега, а за Вас таа уметност постојано живее, не е завршена. 

– Како и секој човек кој се соочува со некој вид на креативност, се трудам не да дадам одговор на прашањата, туку да поставам повеќе прашања на веќе зададените прашања кои гласат- кои сме, што сме и каде одиме? Знаете, во стилот на познатиот Лусијан Фројд, кој пред да ги слики своите модели ги анализирал, и јас пред да претставам нешто правам доста студии сѐ со цел да се постави едно мал скалило, на веќе поставените прашањето на тоа што сме и каде одиме…

Мишо Стојановски
Дел од изложените дела во Форли 2022

Голем е целиот тој процес на донесување на одлука за творење, третман на општите симболи (од боја, до разни фигури), кои во секое дело треба да отсликаат и колективна (пот)свест и индивидуална. Вашиот уметнички концепт се спојува ли со оној на Данте, имате доживување дека некаде, во некои допирни точки се сретнуваат Вашето и неговото?

– Па, да кажеме и Данте низ неговата „Божествена комедија“ го има тој пат од темното кон светлото, исто така и јас се трудам на некој начин во сликарството да пробам моите фигури да поминат низ тој визуелен пекол, така што доста често во моите слики се појавува еден тип на скала од темно со светло, носејќи го протагонистот низ еден вид на борба- дали ќе е тоа со нешто апстрактно, апстрактни форми во судир, или на нешто многу фигуративно.Секогаш е битката меѓу темнината и светлината односно разни форми кои се судираат една со друга, на тој пат од пеколот до Рајот.

Мишо Стојановски
Déjà vu -50×70- 2025 – Пасти витреи и мермер-мозаик

Излеговме и видовме ѕвезди!“ е неговата последна реплика во споменатото книжевно дело, која треба да нѐ асоцира на тој спас и тоа просветлување. Ние, со ова интервју видовме ѕвезда, нова кумановска и многу поголема ѕвезда во уметноста.

– Благодарам, летово кога ќе го посетам Куманово, прва прилика – се гледаме!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Награди:

 

2023 – Четвртоно издание на –  Premio AIMC Studenti – Polo delle Arti- Ravenna – втора награда

2023 – Premio Artistico Paolina Brugnatelli – Polo delle Arti – Ravenna – класифициран на второ место

2022 – Прво издание – Premio internazionale di grafica d’arte, Aba Firenze, Sala Ghiberti- Firenze – втора награда

2022 – „Premio di mosaico- Renato Darchini“ – Purgatorio è Paradiso di Dante Alighieri – Rotary Club Ravenna – трета награда

2022- 19° edizione del concorso internazionale „Coiné per l’Arte“, all’interno dell’edizione 2022 di Art Fair – Forlì – Miglior opera contemporanea

2021 – „Premio di mosaico- Renato Darchini“ – Dante e l’inferno – Rotary Club Ravenna – прва награда

 

Заеднички изложби:

 

2025 – Oltre il pensiero musivo a Ravenna – a cura di Sandro Malossini – Gradignan

2025 – Vernice – Arte fiera di Forlì

2024 – Il mosaico aperto nella materia, forma e colore – a cura di Paolo Conti e Sandro Malossini – Galleria civica, Viadana

2024 – Premio Gaem – Ravenna, Classense

2023 – четврто издание-  Premio AIMC Studenti- Polo delle Arti – Ravenna

2023 – Premio Artistico Paolina Brugnatelli – Polo delle Arti – Ravenna

2023 – 60. издание на Интернационалната изложба „Антон Панов“, Струмица, Македонија

2023 – 37. издание: „Quando le canzoni diventano poesie“, Regia Alessandro Braga, Teatro Alighieri – Ravenna

2022 – „Concerto degli auguri“, Teatro Alighieri – Ravenna

2022 – 16. издание Premio nazionale delle arti, Accademia di belle arti di Lecce

2022 Прво издание- Premio internazionale di grafica d’arte, AbaFirenze, iniziativa curata da Angelica Molinari e Monica Franchini, con patrocinio di Regione Toscana, Comune di Firenze e Fondazione Il Bisonte, Sala Ghiberti – Firenze

2022 – „SoundCheck“, Esposizione del corso di tecniche plastiche, Polol delle Arti – Ravenna, Biblioteca Classense – Ravenna

2022 – Седмо издание- Biennale di mosaico contemporaneo „LATO sensu“, Manica Lunga e Chiostrino dei morti, Biblioteca Classense – Ravenna

2022 – трето издание – Biennale d’incisione „Giuseppe Maestri“, Museo civico delle cappuccine- Bagnacavallo

2022 – „Premio di mosaico – Renato Darchini“ – Purgatorio è Paradiso di Dante Alighieri – Rotary Club Ravenna

2022 – 18 Congresso Teritoriale di UIL – Ravenna

2022 – „Premio d’incisione- Ilaria Ciardi“- Galleria Michele Tosi – Ravenna

2022 –  19 издание на интернационалниот конкурс „Coiné per l’Arte“, all’interno dell’edizione 2022 di Art Fair – Forlì

2022 – Заедничка изложба „City of the future“ – Fondazione Dario Mellone – Galleria Independent Artist- Milano

2021 – „Premio di mosaico- Renato Darchini“ – Dante e l’inferno – Rotary Club Ravenna

2021 – „Premio d’incisione – Ilaria Ciardi“ – Galleria Michele Tosi – Ravenna

2019 – „Денот на Кралот“, Амбасада на Холандија во Македонија

2018 – Заедничка изложба во галеријата „Лазар Личеноски“ – Скопје

2017- Мурал во чест на Салвадор Дали – Средно уметничко Скопје

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија