Дека во нашиот град сепак постои надеж за иднината на кумановскиот спорт покажува случајот со кошаркарската екипа на ООУ „Крсте Мисирков“, која на штотуку завршените таканаречени Мали олимписки игри, на кои учествуваа школски спортски екипи од основните училишта од целата држава, го освои првото место и стана шампион на Република Македонија.
На завршниот турнир – Државното првенство на Малите олимписки игри што се одржа на 14 и 15 мај во Кочани и Делчево, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, оваа година учествуваа вкупно 20 школски екипи со околу 250 ученици, распоредени во дисциплините: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, футсал и атлетика – во машка и женска конкуренција.
Екипите кои настапија на турнирот беа претставници на трите региони во државата – Источниот, Западниот и Скопскиот Регион – како и претставникот на домаќинот, односно организаторот на турнирот. Претходно, сите екипи-учесници, пред да настапат на завршниот турнир, го поминаа филтерот на општински, зонски и регионален првак, што значи дека до финалниот турнир одиграа најмалку по десет успешни натпревари. Дека интересот за овие Мали олимписки игри кај учениците од основните училишта оваа година беше исклучително голем, говори и податокот дека во шесте спортски дисциплини беа вклучени вкупно околу 2.500 ученици.

Оваа година, на завршниот турнир во Кочани и Делчево, Општинскиот сојуз на спортови од Куманово испрати четири екипи, и тоа:
- во голем фудбал (женска екипа) – ООУ „Бајрам Шабани“,
- во кошарка (машка екипа) – ООУ „Крсте Мисирков“,
- во футсал (женска екипа) – ООУ „Браќа Рибар“,
- во футсал (машка екипа) – ООУ „Кочо Рацин“.

На крајот од дводневните натпревари на државното првенство, нашите училишта постигнаа навистина солиден и значаен успех:
- Прво место во кошарка (машки) – ООУ „Крсте Мисирков“, со менторите-наставници Југослав Спасиќ и Пера Цветковски.
- Трето место во голем фудбал (женски) – ООУ „Бајрам Шабани“, со менторите-наставници Сезан Љатифи и Малиќ Љатифи.
- Трето место во футсал (женски) – ООУ „Браќа Рибар“, со менторот-наставник Кирил Пачковски.
- Четврто место во футсал (машки) – ООУ „Кочо Рацин“, со менторите-наставници Грозде Спасовски и Иван Бабуновски.

По завршувањето на турнирот, од сите наши претставници беа избрани по неколку ученици-спортисти кои ќе учествуваат на летниот спортски камп што секоја година го организира Федерацијата за училиштен спорт на Македонија во Охрид, со присуство на врвни спортски тренери. Сите наставници-ментори, пак, ќе присуствуваат на семинари за континуирано професионално усовршување.
Овој голем успех на Општинскиот сојуз на училиштен спорт од нашиот град доаѓа како резултат на развиениот систем на лига натпревари во претходните години во горе наведените спортови, додека пак за наредните години има стратегија за развој на училишниот спорт со тренажен процес во училишните спортски клубови за овие екипи како континуиран спортско-едукативен тренажен процес кој ќе биде многу позначаен како процес, додека пак победите и учеството на државните првенства и на светските училишни првенства ќе станат само продукт кој ќе биде во втор план.
Т.Д.