Ферид Агуши – Член на клубот 100 на футсал репрезентацијата на Македонија

Уредник
Се чита за 4 минути

Со своите 109 одиграни натпревари за футсал репрезентацијата на Македонија, нашиот сограѓанин и футсал репрезентативец Ферид Агуши си обезбеди место во славниот и таканаречен „Клуб 100“ на фудбалери кои имаат одиграно најмалку сто натпревари за нашата футсал репрезентација.

Со овој голем и неверојатен фудбалски рекорд тој испиша историја во неговата кариера, со што се вброи во петте кумановски футсал репрезентативци кои имаат настапено на најмалку 100 натпревари за нашата репрезентација. Пред него овој рекорд го имаат остварено тројцата поранешни кумановски репрезентативци: Бранимир Љубомир – Пижон, Оливер Јовановски – Жути и Драган Петровиќ – Брус, а како петти по ред – репрезентативецот Мартин Тодоровски. Овој податок сам по себе говори дека Куманово, според бројот на футсал репрезентативци, е лидер и водечки град во државата.

Нашиот сограѓанин и поранешен фудбалер Ферид Агуши својата кариера ја започнал уште на 7-годишна возраст како пионер во ФК Куманово, каде што прв тренер му бил поранешниот кумановски фудбалер Томислав Андоновски – Барац. Подоцна преминува во ФК Младост, со кој во 1998 година како кадет учествува на силен меѓународен турнир во Франција. Во жестока конкуренција и на турнир на кој учествуваа и кадетите на Манчестер Јунајтед и Лион, Агуши со ФК Младост го освои првото место – еден од најголемите успеси на кумановскиот фудбал во кадетска категорија. По неколку успешни години во ФК Младост, како младинец заминува во ФК Сога Југомагнат, каде што тренери му биле Шефки Арифовски и Метин Далип. Потоа, благодарение на неговиот огромен талент, преминува во ФК Башкими, со кој во 2005 година станува дел од златната генерација што го освои Купот на Македонија.

Следната сезона се приклучува на ФК Милано, а потоа се запишува на факултет во Тетово, на отсек Бизнис и економија. Поради обврските кон студиите престанува да игра „голем фудбал“. Но, бидејќи факултетот во тоа време формирал футсал екипа – МФК СЕЕУ Универзитет, која настапувала во Првата футсал лига на Македонија, Агуши почнал да игра футсал и од таму ја гради својата нова кариера.

Во својата футсал кариера има настапувано за повеќе екипи во државата: МФК СЕЕУ Универзитет од Тетово, МФК Ројал Илирет од Куманово, МФК Железарец од Скопје, МФК Велес и МФК Шкупи. Со овие клубови има освоено вкупно 7 шампионски титули (шест со МФК Железарец и една со МФК Шкупи) и дури 6 пати го има освоено Купот на Македонија со Железарец.

На меѓународен план, настапувајќи за косовската Беса од Пеќ, еднаш стана шампион на Косово и двапати го освои Купот на Косово. Потоа цели три сезони (2017–2020) играше и за Феникс од Приштина.

По завршувањето на успешната играчка кариера, Агуши стана футсал тренер. Уште на стартот со МФК Шкупи двапати стана шампион на Македонија, по што следува покана од Приштина 01 (Република Косово). Во следните две години (2023 и 2024), како тренер на Приштина 01, успеа двапати да стане шампион и двапати да го освои Купот на Косово. Според бројките, како играч има 16 титули (8 шампионски и 8 куп-титули), а како тренер 6 титули (4 шампионски и 2 куп-титули) – или вкупно 22 титули. Со само 38 години, тој е еден од најуспешните кумановски фудбалски работници.

За репрезентацијата на Македонија дебитирал во 2011 година во Куманово, на натпревар против Србија, а на досегашните 109 настапи има постигнато над 50 голови.

Нашиот сограѓанин, фудбалер и тренер, Ферид Агуши е исто така успешен и во областа на образованието – има завршено факултет за Бизнис и економија на Универзитетот во Тетово, што го прави еден од ретките фудбалери со високо образование и академски статус – уште еден доказ за неговиот индивидуален капацитет како човек и интелектуалец.

 

Т.Д.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија