Дејан Кимевски – Киме: Легенда на кумановскиот ракомет

Уредник
Се чита за 5 минути

Според сите досегашни постигнати резултати, но и според сите постоечки ракометни критериуми и параметри, кога е во прашање кумановскиот ракомет во последните неколку децении, тогаш името на нашиот поранешен ракометар Дејан Кимевски – Киме се наоѓа на самиот врв на пиедесталот и со оглед на неговата долгогодишна и успешна ракометна кариера, можеме слободно да го прогласиме и за најдобар кумановски ракометар на сите времиња.

Тој за првпат со ракометот почнал да се занимава уште како дете, на своја 12-годишна возраст, и тоа во помладите категории во ракометниот клуб Куманово 3, каде што по проведени 2–3 години неговиот голем талент како ракометен голман набргу бил препознаен од стручниот штаб и раководството на РК Куманово и тој на свои неполни 15 години бил прекомандуван во првата сениорска екипа, каде што први тренери му биле поранешните кумановски ракометари Живко Спасиќ и Среќко Тричковиќ.

Поради неговиот огромен и раскошен ракометен талент, неговата кариера почнала да оди во нагорна линија и тој, по неколку успешни сезони во РК Куманово и по одслужениот воен рок, на млади години во 1981 година заминува во РК Работнички во Скопје, каде што тренер му бил поранешниот кумановски ракометар Деан Мариќ.

И како што обично бива и се случува во кариерата на многу спортисти, кога ќе заминат во Скопје и кога таму ќе бидат видени од врвната спортска фела на државата, а како спортист поседуваш вистински квалитет, тогаш твојата спортска кариера може да тргне во позитивна насока. Таква беше и ракометната судбина на нашиот ракометар Дејан Кимевски, кој по неколку поминати успешни сезони во Скопје, во 1985 година заминува во тогашниот македонски ракометен гигант РК Пелистер од Битола. Таму, настапувајќи за клубот кој во тоа време се натпреваруваше во првата југословенска лига, која во тој период важеше за една од најсилните ракометни лиги во Европа, тој во наредните неколку сезони го постигна својот ракометен зенит, бранејќи во извонредна форма, со што автоматски се вброи во групата на најквалитетните ракометни голмани во државата.

Тој во годините поминати во РК Пелистер, со кој настапуваше и во европските натпреварувања, имаше чест и прилика да настапува со едни од најпознатите и најдобрите европски ракометари од тоа време, како што се Пепи Манасков, Веселин Вујовиќ, Миле Исаковиќ, Златан Сарачевиќ, Ирфан Смаилагиќ, Лоренцо Рико (голман), Василије Стинга, Александар Тучкин, Часлав Грубиќ, Кривокапиќ и други. Во неговата кариера тренери му биле и познатите ракометни авторитети и имиња како што се Касим Камница, Боби Гроздановиќ, Јосиф Петковиќ, Душан Периќ и Ристо Магдинчев, кои несомнено имаат голема заслуга за неговата успешна ракометна кариера.

Што се однесува до неговата долгогодишна ракометна кариера, тој има настапувано за многу реномирани ракометни клубови во Македонија, а во периодот од 1991–1995 настапувал и за македонската ракометна репрезентација.

По напуштањето на екипата на Пелистер, тој во кариерата имаше мала играчка пауза, а веќе во 1991 година со екипата на РК Куманово – Шевро го освои првиот Куп на независна Република Македонија, со што клубот го постигна најголемиот успех во својата историја и за првпат обезбеди настап во европските натпреварувања.

Подоцна неговата кариера продолжи со настапи во клубовите РК Борец од Велес, РК Јафа од Ресен, потоа во РК Металур Мак-Стил, РК Пролет, РК Југ, а на крајот како последен клуб настапуваше за РК Металург, каде што во 2004 година, на своја 42-годишна возраст, ја заврши долгогодишната и богата ракометна кариера. Со тимовите во кои настапуваше освои неколку шампионски титули, како и безброј награди и признанија.

Во својата кариера настапуваше и за репрезентацијата на Македонија, за која одигра над педесетина натпревари. Краток период беше и тренер на РК Куманово, но поради недоразбирања, односно неприфаќање на неговите методи и ракометна филозофија од страна на управата на клубот, таа соработка траеше само една полусезона.

Било како било, во случајот со нашиот поранешен ракометар Дејан Кимевски – Киме, несомнено е дека станува збор за спортист кој остави длабок белег како во кумановскиот, така и во македонскиот ракомет. Навистина е голема штета и загуба за кумановскиот ракомет што тој денес со своето огромно искуство и знаење не е вклучен во работата со клубовите од нашиот град.

Т.Д.

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија