Со своите 132 одиграни натпревари за Футсал репрезентацијата на Македонија нашиот сограѓанин и футсал репрезентативец Драган Петровиќ – Брус стана член на славниот и таканаречен Клуб 100 на македонски фудбалери, коишто имаат одиграно најмалку 100 натпревари за нашата футсал репрезентација.

Со овој свој личен рекорд од 132 одиграни натпревари за футсал репрезентацијата на Македонија тој ѝ се приклучи на групата од петте кумановски футсал репрезентативци кои имаат настапувано на најмалку 100 натпревари за нашата футсал репрезентација (Бранимир Љубомир – Пижон, Оливер Јовановски – Жути, Ферид Агуши и Мартин Тодоровски), но што е уште поважно, истовремено, кога е во прашање бројот на настапи за футсал репрезентацијата на Македонија, тој стана рекордер, што барем досега го прави и најуспешен кумановски футсал фудбалер чијшто рекорд, во блиска иднина, тешко дека ќе биде загрозен од некој друг фудбалер од нашиот град.

Што се однесува пак до неговата фудбалска кариера тој за прв пат почнал да игра фудбал на својата 15 годишна возраст и тоа во младинските категории на фудбалскиот клуб ФК Куманово каде што прв тренер му бил поранешниот кумановски фудбалер, ДејанРанѓелов – Деки. Во младинската екипа на ФК Куманово поминал само една полусезона, кога завршил и со играњето на голем фудбал и веднаш потоа неговата фудбалска кариера продолжила со настапите во футсал лигата во којашто настапува и ден денеска.

Во својата футсал фудбалска кариера Брус има настапувано за повеќе футсал екипи во државата и тоа: МФК Џокер, МФК Куманово 1903, МФК Железарец од Скопје, МФК Велес, МФК Шкупи и МФК Форца со коишто екипи во својата долга и богата футсал фудбалска кариера има освоено неколку шампионски титули како и неколку Купови на Македонија, а во своите клубски настапи во својата кариера, којашто трае и ден денес, до сега има постигнато околу 300 голови, бројка која што сама по себе говори за неговиот голем играчки потенцијал и квалитет.

Во неговата кариера Драган Петровиќ – Брус има и меѓународно фудбалско искуство и како футсал – фудбалер – интернационалец има настапувано една полусезона во Република Чешка и тоа за екипата на Бенато од Прага (член на Првата чешка футсал лига), а подоцна и една сезона во Република Косово за екипата на Беса од Пеќ, со којашто таа сезона стана шампион на Република Косово .

За футсал репрезентацијата на Македонија дебитирал во 2006 година на пријателскиот натпревар против футсал репрезентацијата на Црна Гора во градот Тиват, којшто натпревар за репрезентацијата на Црна Гора бил прв настап како независна држава, а на до сега одиграните 132 натпревари за футсал репрезентацијата на Македонија постигнал околу 70 голови.

Драган Петровиќ – Брус (35) и ден денес е активен футсал – фудбалер кој сѐ уште со голем успех настапува во првата футсал лига во државата и тоа за екипата на МФК Форца од Куманово, како и за футсал репрезентацијата на Македонија, каде што во последните четири години е и капитен на репрезентацијата, што за него како фудбалер претставува голем голем успех и големо признание во неговата досегашна фудбалска кариера.


Т.Д.
