Вчера на фудбалскиот терен во селото Речица во организација на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија и на Општинскиот сојуз на училиштен спорт на Куманово се одржа завршниот дел од Државното првенство во фудбал за средни училишта во женска конкуренција.
Во финалето од овогодинешното државно првенство се сретнаа досега двете најуспешни екипи, екипата на средното училиште ДУФК „Методи Митевски – Брицо” од Скопје и екипата на СОУ Гимназија „Гоце Делчев” од Куманово, каде убедливо победи екипата на ДУФК Методи Митевски – Брицо од Скопје, со резултат од 10:0 (6:0), со што на крајот, сосема заслужено, стана и овогодишен државен првак на Македонија.

Инаку, предходно во оваа конкуренција, двете екипи финалисти успешно ги поминаа сите предходни филтри од овогодинешното првенство победувајки на општинските, зонските и регионалните натпреварувања, со што изборија пласман и на завршниот дел од државното првенство.

Што се однесува пак до нашиот финалист, екипата на гимназијата „Гоце Делчев”, и покрај високиот пораз, со самиот пласман во финалето на државното првенство, оствари голем успех. Но, овој пат, во финалето наиде на многу силна и многу организирана екипа што доаѓа од специјализирана спортска гимназија, во која што со години наназад постојат високи стандарди за работа и едукација на учениците и сосема реално и за очекување е дека тие стандарди, во догледно време, ретко кое друго средно училиште во државата ќе може да ги достигне.
Т.Д.