Нашата професорка – вака милуваат да ја нарекуваат нејзините ученици. А таа ги учи и надградува 21 година. Како професор по географија во ООУ„ Толи Зордумис“ – Куманово и самата не престанува да се усовршува преку бројни семинари, обуки, предавања, манифестации. Колегите ја опишуваат како трудољубива, коректна со учениците и сериозна во извршување на работните задачи. Пример е за професор, кој секогаш добро се подготвува за часовите и настојува усвоените знаења на учениците да ги претвори во трајни. А сето тоа е валоризирано со многу награди, признанија, сертификати, плакети.
Како редовен читател на Плоштад реши да ја каже својата азбука и тоа како што вели: само во позитива!
А
Април – месец во кој сум родена;
Авторитет – почитувам личности со авторитет, трудољубиви, доследни, упорни, амбициозни, луѓе со широк светоглед и истражувачки дух;
Б
Белград – град кој сакам да го посетувам неколку пати во годината, секогаш ме импресионира и воодушевува со новитети;
В
Велосипед – рекреативно го возам во слободното време;
Г
Гордост – горда на себе си, на моите родители, на моето училиште, на моите пријатели;
Германски јазик – мојата прва љубов;
Географија – мојата втора и доживотна љубов;
-„географија ву е у срце тој е факт ,
увек добра, к’д викне извади те од такт,
толко добру жену и класну никој не е видеја
за све што предложимо она каже
„ оуууууу“ добра ви е идеја,
лекцие слободно ги предава дури и у ед’н здив,
к’д се деси нешто одма знае кој е крив,
увек искрена и прифаќа критику,
а да се слика , не пропушта прилику.“
Д
Душан – татко ми, моја поддршка и мој свет, премногу фали…
Добрина – прави што повеќе добри дела, направи некого среќен, добрината секогаш се исплатува;
Другарство – другарките и другарите се едно од највредните нешта што може да ги имате и едно од најдобрите нешта што може да бидете, ги обожувам и среќна сум што постојат во мојот живот;
Ѓ
Ѓеврек – го обожавам, мој чест оброк за појадок;
Ѓердани – ги носам во повеќе прилики и комбинации;
Е
Естетика – перцепција за нешто убаво или со вкус сработено, за очи симпатично и допадливо;
Европа – нашиот континент, богата ризница од култури, традиции и обичаи;
Ж
Живот – да се живее без предрасуди, со полно срце, ведро, храбро;
З
Здравје – зачувување на физичкото и менталното здравје, здрави навики, здрава храна, здраво живеење;
Ѕ
Ѕвезди – милијарди ѕвезди кои блескаат на ѕвезденото небо, секоја различна по големина и боја;
И
Италија – моја инспирација за убави места, убави луѓе, убава гардероба, богата историја;
Ј
Јулка – мојата мајка и ангел чувар од небото;
Јард – убав урбан локал во градот;
К
Куманово – град во кој се родив, пораснав, живеам и работам;
Комуникација – важна за добри односи со семејството, со пријателите, со колегите;
Кафе – мој омилен пијалак, посебно кога го пијам со пријатели;
Крушево – воздушна бања и омилена моја дестинација за зимскиот распуст;
Кошарка – омилен спорт;
Л
Локум – во комбинација со кафе, најубав е крушевскиот со орев;
Лалиња – ги имам во мојата градина, лалето не се обидува да импресионира никого, само по себе е убаво, поинакво е, ги обожавам во букет, посебно жолтите;
Љ
Љубов – убава емоција и кога е споделена дава резултати;
М
Марко – внук ми, горда тетка;
Македонија – нашата сакана и незаменлива татковина;
Мир – кај нас и насекаде во светот;
Н
Наташа – сестра ми (втора мајка), грижлива и најдобра пријателка;
Њ
Њујорк – американска метропола или Големото Јаболко;
Њутн – познат физичар, астроном, филозоф, математичар;
О
Овен – во хороскоп, енергична, динамична, борбена, посветена, грижлива;
Охрид, Охридско Езеро – бисер на Македонија, плени со својата природна убавина и богата традиција;
Одбојка – омилен спорт;
П
Патувања – никогаш доволно, секогаш сум подготвена за нови доживувања и дестинации. Велат, додека се подготвуваме за патување, најмногу лачиме хормон на среќа. Воедно, најмногу среќа доживуваме додека читаме за дестинацијата до која ќе патуваме и додека очекуваме да заминеме.
Пешачење – секогаш кога имам слободно време;
Планинарење – вљубеник во планините, планините пленат со својата убавина висина и богата природа, незаменлива ми е Шар Планина;
Пештери – омилени облици од карстен релјеф, скриени природни реткости, мои фаворити: Кристална Пештера, Шаркова Дупка, Ѓоновица или Убавица;
Р
Радост – често умеам да заплачам од среќа, задоволство или радост;
Разгледница – ги имам во изобилие, практикувам да подарувам и добивам од различни патувања и дестинации;
С
Среќа – за мене не е само збор или термин, среќа е моето постоење, доброто здравје, многуте пријатели, мојата работа, мојот дом, остварени желби на моите пријатели;
Сонце – сакам сончеви денови и сончеви земји;
Семејство – многу важен дел во едно општество, исто така и за мене;
Т
Толи Зордумис – училиште во кое завршив основно образование, училиште во кое работам повеќе од 21 година;
Тоше – нашата икона и најсјајна музичка ѕвезда со прекрасен глас;
Толеранција – на работно место, во семејство, уважување на ставови и различни мислења во општество;
Ќ
Ќебапи – по 10 најчесто во комбинација со помфрит;
Ќофтиња – најубаво подготвени од сестра ми;
У
Успех – успешни луѓе, успешно завршена работа;
Убаво, убавина – преферирам убава музика, убава облека, убав ентериер, убави ресторани, градби, градови, сѐ е во зависност од очите на набљудувачот како ја доживува убавината;
Ф
Фустан – дел од моето секојдневие;
Фанта – омилен сок;
Фамилија – имам две: една од роднини, втора од колешки;
Х
Хигиена – одржување на хигиената е половина здравје;
Храбар – светот им припаѓа на храбрите, а јас сум една од нив;
„Храброста која се бори е подобра од слабоста која трае“ – Хегел
Хуман – да бидеш големина од човек, да пружиш рака и во добро и во лошо, да го подариш своето време;
Ц
Цвеќе – љубител на цвеќиња и декорирање на градината;
Ч
Чај – во зимски месеци преферирам топол чај, а во летните ладен чај;
Џ
Џунгла – густа тропска шума во јужни и југоисточни делови на Азија, но понекогаш и мојата соба изгледа на џунгла од хартии, книги, енциклопедии, списанија, тестови и облека;
Ш
Швајцарија – европска алпска земја, сета убавина соберена во неа. Професијата наставник во Швајцарија е една од најплатените професии. Тие се рекордери во јадења чоколадо, на годишно ниво по 13 кг по човек, но и по фрлање на храна.
Шарм – опкружена со шармантни луѓе кои се привлечни, симпатични и неодоливи.
Р.П.