Музиката е најдобра работа што ја створил човекот. Јазик кој сите го разбираат.
Музиката е бескрајна. Има свој почеток ама нема свој крај. Ги поврзува луѓето, ги преведува и изразува и неискажаните чувства.
Ја слушаме сами и во друштво, во автомобил или на концерти. Пееме и кога сме весели и кога сме тажни.
На Александар Митрички животот му е музика и песна. А што има да каже од А до Ш, прочитајте сами.

А
Авангарда. Секој процес, напредок и прогрес во општеството низ историјата започнал со авангарда, па дури и еден Бетовен бил несфатлив за своето време.
Б
Балет. Не би можел да ја замислам музичката уметност без оваа форма и без Лебедово езеро.
В
Вино – Нектарот на боговите. Ме фасцинира уметноста и целата приказна и наука околу создавањето на убавото вино. Не треба да си сомелиер за да препознаеш и да си создадеш приказна околу секоја сорта и да препознаеш некои „ноти и тонови“ во секое вино.
Г
Глас. Глас во музиката без кој музиката не би била целосна и доискажана. Глас – во смисла да се крене глас секогаш кога треба. Да кренеш глас за своите права, подобра иднина, правичност, да се бориш против насилство, да кренеш глас против угнетување и поделби.
Д
Демократија – систем кој не е совршен, но подобар нема. Меѓутоа за нас се уште мисловна именка. Слободата, парезијата, вистината, правичноста, социјалната правда… цели кои мораме да ги достигнеме.
Дипломатија – потребен ни е модус вивенди со сите соседи. Историјата и историографијата се подрачје на историчарите, а не на политичарите ( посебно не на оние со факултет без средно )
Ѓ
Ѓавол. Антипод на Бог, на ангелите, на добрите сили. Ѓавол – многу работи му припишуваме за да ги оправдаме нашите лоши постапки и грешки. Ако темнината е само отсуство на светлина, тогаш треба да се потрудиме во секој од нас да царува само светлина и во секоја битка да победува доброто.
Е
Ерудити. Вистинските не можат да излезат на површина од фејсбук-ерудитите 😊.
Ж
Желба. Понекогаш желбите не движат напред, желба за живот, за успех, за напредок. Но, не треба да дозволиме да бидеме резигнирани доколку не оствариме некоја желба. Во суштина ако нешто вистински посакуваме Универзумот ќе скова заговор да ни ја оствари таа желба.
З
Зои, мојата ќерка. Нејзиното име на грчки значи „живот“ , впрочем таа е нашиот живот.
Ѕ
Ѕвезда. Не како небеско тело туку како титула која ја доделуваме на одредени јавни личности. Потребно ни е рестартирање на вредносниот систем и создавање на вистински звезди кои шират убава мисла, добра енергија и позитивно влијание врз младите.
И
Италија. Стил на живот, веспа, вино, паста, музика.
Ј
Југоносталгија – неопислив и неоправдан феномен или оправдана носталгија по убави вреемиња?

К
Коелјо. Уште како средношколец неговиот стил на пишување ме воведе во светот на белетристиката.
Л
Лицемерие. Обично ги гледам добрите страни на луѓето, но на лицемерието не можам да бидам индиферентен.
Љ
Љубов. Само кога не води љубовта сме на вистинкиот пат.
Љубезност – се помалку ја имаме, се повеќе ни е потребна.
М
Музика – мојата животна определба, мојата мисија.
Мудрост, онаа мудрост која е ќерка на искуството.
Н
Света Недела – мојата заштитничка.
Њ
Њујорк. Двигател на промените и процесите во светот. Глобален мотор на културата, науката, уметноста во 21 век. Град (држава) на мојот список на патувања кои сакам да се остварат.
О
Опера како музичка форма и синкретизмот во неа. Моцарт, Верди, Вагнер ни ја покажуваат моќта на уметноста и необичните чувствата кои ги буди во срцата на слушателите.
П
Политика. Од една страна во држава како нашата (во вечна транзиција и каскање 100 години од северо западна Европа) секој треба да се занимава со политика за да створиме подобро општество, но од друга страна треба да внимаваме какви личности следиме и каде не водат.
Р
Ритам. Ритам во музиката, ритам на живеење.
С
Семејство. И семејството од кај потекнуваш и семејството кое си го создал треба да ги чуваш и негуваш.
Т
7/8 такт. Оправдано или не, вистина или не, сепак можеби држи вода изреката дека македонското срце чука во 7/8. Можеби ја немаме екслузивата и правото на 7/8, но дефитинивно имаме автентичност, автохтоност и посебна еволуција во музичката историја.
Ќ
Ќар. Ретко некој некому да направи добро, а да нема ќар. Алтруизмот е ретка особина.
У
Уметност. Начинот на живот на уметниците, нивната експресија преку уметноста преку која целиот свет може да ја разбере..уметноста му дава душа на светот, на општеството, на човекот. Уметноста насрпроти lege artis , иако и во уметноста има правила 😊
Ф
Функција ( општествена, политичка). Се сведовме на функции, мислејќи дека функцијата не прави подобри личности. На функции денеска се личности без дигнитет и интегритет, додека прогресивните си заминаа одамна.
Х
Храброст. Среќата ги прати храбрите. Храброст за нов почеток, за промени, храброст за донесување на тешки одлуки.
Ц
Центар за култура. Светлата точка во нашиот град.
Ч
Човек. Не како хомо сапиенс туку како човек кој е чесен, доблесен, ослободен од желба за слава и моќ…се прашувам што би правел Диоген во денешно време и дали неговата потрага е залудна.
Џ
Џентлменство. Како начин на живеење и однесување. Умешност на љубезност, добри манири, стил на живот, облекување…
Ш
Шашаво изгледа, но функционира, рече поранешниот претседател Иванов мислејќи на македонската демократија.

