Доминантен родител, мама секогаш е во право…

Уредник
Се чита за 4 минути

Ќе ви посочам еден пример што се случи во квизот „Се или нешто“ на една наша телевизија. Играта се состои во отварање на кутии во кои има различни суми на пари, од еден денар до еден милион денари. Тој ден учесничка беше, ќе ја наречеме Ивана – девојка на 24 годишна возраст, висока и стројна мома. Таа е апсолвент на еден факултет од природните науки.

Нејзината мајка во континуитет и кажувала – „Јас сум во право. Мама секогаш е во право.“, секако мислејќи му најдобро на своето дете, контролирајќи го несвесно и поткопувајќи му ја сигурноста и самодовербата. Секогаш и велам на ќерка ми се фалеше самобендисаната мајка: „Слушај ја мајка ти и убаво ќе си поминеш во животот“ и слични афирмативни реченици.

Во еден клучен момент, иако дотогаш имаше одлична игра, ќерката покажа несигурност и сомнеж како да продолжи понатаму. Дотогаш нејзината доминантна мајка која седеше во публиката и не учествуваше во играта, се јави со зборовите:

Отвори ја кутијата со број 14.

Не знам дали да ја отворам таа кутија, рече Ивана. Сакав да ја чувам до крај на играта. Сега ме стави во дилема. Ивана стоеше парализирана и гледаше во нејзината мајка. Не знаеше што да прави.

Отвори ја кутијата со број 14, повтори непоколебливо нејзината мајка.

Во ред, прифати Ивана. Кутија број 14, отвори ја му се обрати на момчето кое стоеше до кутијата со тој број. Тој ја отвори кутијата и… во неа се наоѓаа 1.000.000 денари.

Тоа е број кога е роден татко ми, соопшти зашеметената Ивана. Тоа е роденденот на татко ми, повторуваше како маѓепсана. Тој ми рече да не го отварам тој број, додаде разочараната Ивана.

УВИД: оној кој не контролира го слушаме. авторитет бара послушност. оној кој доминира во домот, во семејството бара почитувањето („љубовта“ кон него) да се искаже преку послушноста. Тоа и се случи на Ивана. Вистинскиот родител, кој е другар и пријател нема влијание, ниту авторитет. Тој е на второ место. Тоа место не е важно. Тогаш си подреден. Авторитетот „се почитува“. Авторитетот „се сака“. Подредениот се заборава дека постои.

Каков е тој мазохизам? Каков е тој образец? „Слушај ја мама и нема да има проблеми“. Детето, сега возрасна жена од 24 години, и прости веднаш на нејзината мајка.

Во ред е мамо, рече Ивана и се присили да се насмевне. Се случуваат вакви работи. Не е важно, ова е само игра. Продолжуваме понатаму, настојуваше да се охрабри шокираната девојка на чие лице се забележуваше длабока болка поради чинот што го направи. Го „предаде“ својот татко и загуби потенцијални милион денари. Осетот на вина ја нагризуваше.

Уште еднаш се покажа во пракса дека авторитетот не може, не смее да се подложува на преиспитување. Тоа би предизвикало нова болка, ново разочарување. Зошто мајка и на Ивана побара да биде отворен „роденденот“ на сопругот, иако тој посочил да не се прави тоа? Од инает. „Јас сум газда во куќата. Јас знам се. Јас сум „бог“, кажуваше со секој збор, со секоја постапка домашниот авторитет, нејзината мајка.

Горан Стевчевски – Џина
М-р по психолошки науки – клиничка и советодавна психологија
Сертифициран обучувач на возрасни
Основач на S. A. V. E. (Спонтано свесно визуелно искуство) – методот на Имагинативна терапија и ЦЕНТАР ЗА ВИЗИОЛОГИЈА И ИМАГИНАТИВНА ТЕРАПИЈА

Автор на 12 книги од психолошка и духовна област

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија