Тие, ги изнесуваат на виделина работите што ни се случува во реалноста. Предизвикуваат на естетика, скокоткаат сетила, потсетуваат, посочуваат на суштински работи, праќаат нечујни гласни пораки, упатуваат нем крик, делуваат освестувачки.
Умеат и да расположат со весели содржини, цртежи и бои. Затоа, муралистите и графичарите се посакувани уметници.
А, Куманово од 7 до 10 мај 2025 година е домаќин на такви креативци, кои во рамките на фестивалот „Графити фест 7“ цртаат свои дела.
Организатори се уметниците од Здружението „Форма Куманово“. Дарко Трајковски е еден од нив.
На почеток би Ве прашала, кој го организира овој настан?
– „Форма Куманово“ сме четворица уметници, јас, Горан Стојанов, Младен Трендевски и Дејвид Стоилковски.
Фестивалот е во тек, по кој пат се одржува?
– Оваа е седма година како се случува.
Како дојдовте на идеја?
– Благодарение на професорот по физичко воспитување, Југослав Спасовски, тој беше иницијатор за ова да се случи. Тогаш почна како еден мал проект во дворот на основното училиште „Браќа Миладиновци“, Младен, Горан и професорот Југослав се споија за го реализираат, повикаа луѓе што цртаат и така сосема спонтано се случи првиот фестивал. Јас не бев вклучен, се приклучив дури од третото издание.
Да позборуваме за водечкиот концепт годинава. Избравте локација да ви биде гимназијата „Гоце Делчев“.
– Оваа година ќе го изработиме најголемиот мурал досега, мурал од голем формат и голема димензија, за чија изработка се потребни дигалки. За прв пат цртаме на ѕидови кои што не се лесно дофатливи, на висина до 10- 12 метри и се работи со три дигалки. Секој си има своја тема. На крај ќе биде како колаж. Сакаме Куманово да го направиме град каде што можат да се видат и мурали и графити и од домашни и од светски познати имиња во таа област.
Имате идеја што ќе цртате овој пат?
– Ги известивме сите цртачи дека локацијата ќе биде средно училиште, дека не ги ограничуваме и не им задаваме тема, да имаат во предвид дека имаат слобода за изразување, но да гледаат да биде пристојно тоа што ќе се стави на ѕид.
Од кои држави се гостите?
– Имаме 14 ученици, од Македонија, од Италија, Германија, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција. Секој ќе си нацрта свое дело. Избрана е палета на бои кои можат да ги користат и на тој начин хармонично се склопуваат сите различни дизајни во една целина.
На која возраст се цртачите?
– Во нашата агенда стои „Графити фест од 7 до 77“. Може да се пријавуваат возрасно различни графичари, не мора секој да е професионалец, но мора да има изградено некој свој стил или да е некое име во светот на стрит- културата (уличната култура н.з.) и најважно од сѐ да е активен.
Преку овој настан вие доволно се промовиравте себе си.
– Да, да, ги промовираме нашите способности како цртачи, но и се поврзуваме и учествуваме на други фестивали. Секој од нас ако некаде види празно место нешто ќе шкртне, но не е поентата да ставаме акцент на нас, туку на нашите цртежи и на цртачите што ги мотивираме.
Дали сте задоволни од нагорната линија по која се движи фестивалот?
– Тоа имаме забележано, дека секоја година сѐ повеќе и повеќе станува актуелно кај помладите, а како поминува времето и кај постарите, па дојдовме од ниво во кое што на почетокот ни велеа дека тоа што правиме ние се шкртаници, за да со тек на време бидеме прифатени и луѓето да нѐ бараат да цртаме и кај нив интересот е сѐ поголем.
Досега што сте постигнале како најголем дострел?
– Со секое издание на фестивалот сѐ повеќе врати ни се отвораат. Па така, Дејвид минатата година учествуваше на фестивал за улична уметност во Мостар, а сега има закажано цртање на мурал во Данска. Ние сакаме да ја промовираме нашата држава и на други фестивали. Имаме цртано низ Србија, Бугарија, а изработуваме мурали во нашиот град и во многу други, како Скопје, Струмица… Во Куманово секоја година наоѓаме нова локација за „Графити фестот“ и секоја година сакаме да оставиме белег и така целиот град да стане ишаран. Сакаме насекаде да нѐ има.
Куманово на кој Ваш мурал треба да се гордее?
– Во Куманово, токму во гимназијата каде што оваа година се црта, на споредниот влез на гимназијата ние четворицата заедно го имаме направено портретот на Гоце Делчев. Мислам дека тоа е и најголем наш мурал засега. Потоа имаме нацртано мурал со паднатите борци од конфликтот во 2001 година, муралот на загинатиот борец Бобан Трајковски, кој се наоѓа на една зграда спроти основното училиште „Крсте Мисирков“, мотив од „Диво насеље“, голем мурал со Карпош. Имаме цртано на многу различни локации и рекреативно, не само како проект.
Се бара дозвола од некои надлежни институции?
– Бараме дозвола и секогаш одиме по легален пат. Досега немаме работено нелегално, или герила, тоа кога бевме деца, но нели се бориме уличната уметност да ја воздигнеме на повисоко ниво, па каде и да работиме бараме дозвола.
Кој ви е најголемиот мотив?
– Најголемиот мотив ни е градот да го ставиме на светска мапа и да покажеме дека не сме толку назад од останатите метрополи, како што мислат луѓето кога ќе се каже Балкан и веднаш го поврзуваат со нешто примитивно. Како да сме отфрлени на некој начин. Сакаме да покажеме дека и покрај тоа што постојат такви размислувања, тоа не е точно и дека навистина имаме квалитетни луѓе.
Не верувам дека така може да се помисли, бидејќи во Куманово се родени и епохално значајни уметници. Знаеме каква голема ликовна култура има овој град и какви сѐ уметници и цртачи произлегле. Но, генерално, можеби не е сѐ испромовирано како што треба.
– Сѐ уште постои тој убав дух од уметнички аспект и сега на ваков начин повторно го враќаме во живот. Јас, од друга страна, пак кога ќе видам некое дело од сликарството, прво нешто што ќе забележам е начинот на кој што е изработено. Така што, работите ги гледам од еден друг агол, но, секогаш кога ќе видам нешто што е на многу високо ниво се ставам на местото на тој што го изработил и пробувам да размислувам од негова гледна точка. Фино е да се види какви уметнички решенија изнаоѓаат луѓето.
Се сеќавате кој беше Вашиот прв нацртан графит?
– Јас повеќе се занимавам со мурали, а мојот прв мурал го изработив некаде 2017/2018, којшто веќе не постои, затоа што го направив со погрешни бои, бои кои беа за внатре, а јас го направив надвор и дождот го изми.
А сега какви бои употребувате?
– Графитите се работат со спрејови, додека муралите со фасадни бои кои што се отпорни на надворешни фактори – на сонце и на дожд, така што имаат голем период на трајност и можат да издржат без да се оштетат.
Што имате замислено да цртате овој пат?
– Јас оваа година не учествувам бидејќи за полесно да се одвиваваат работите мора да има некој одговорен околу потребите на учесниците.
Овој фестивал придонесува луѓето во градот да ја сфаќаат повеќе таа алтернативна култура, да разбуди, да привлече внимание можеби ете да речам да поттикне нешто, со тоа што графитот во основа има цел да не е само „гол цртеж“.
– Да, да секако. Па, значи, голем дел од графитите и муралите кои што ги имаме изработувано се чисто некоја идеја за визуелно да ни изгледа убаво, но имаме изработувано и мурали и графити кои што се со порака од некое општествено прашање. На пример имаме изработувано мурали за загадување на воздух, на води, или мурали преку кои покажуваме што нѐ притиска нас како граѓани.
Кај младите уметници забележувате зголемен интерес за овој тип на уметност откако постои фестивалот?
– Да, дефинитивно. На првите изданија луѓето се интересираа само дека нешто се случува, поминуваа само туристички, за да видат. Но како поминува времето запознавме деца од градот кои сакаат да се занимаваат со оваа дејност, па така нѐ прашуваат за совет како нешто да постигнат, какви спрејови да земат, кои бои се поквалитетни и прашања од тој карактер…
Финансиски кој го покрива сето ова?
– Фирми од Куманово кои што ни се спонзори низа години. Не одиме преку општината и преку институции. Сме барале од нив, но нели одзивот не бил секогаш како што сме се надевале, па така наоѓаме други начини како да дојдеме до средства, од компаниите.
Што работите?
– Јас сум дипломиран сликар и работам во училиштето „Браќа Миладоновци“ како образовен асистент, Дејвид е дипломиран графичар и се занимава со цртање, Младен е со градежен факултет но работи во ЈО Водовод во Куманово, а и Горан има диплома по книжевност и работи несоодветно на дипломата, во училиштето „Браќа Миладиновци“.
Неодамна учествувавте и на петтиот кумановски Саем за плочи. Која беше вашата улога таму?
– Дејвид и Горан на ѕид спроти НУЦК „Трајко Прокопиев“ изработија еден графит на кој што пишуваше „Форма Куманово“ и „Кју рекордс“, организаторите на тој саем.
Луѓето деновиве ќе може да ве гледаат како цртате во живо?
– Може, да. Настанот е од отворен карактер. Од 7 до 9 мај цртачите ќе почнат со изработка на мурали, додека на 10 ќе биде главниот ден кога ќе се прават и графитите и тој ден ќе се црта некаде од 11 часот напладне, до 10-11 навечер.
(Графити е пишување или цртежи направени на ѕид или друга површина, обично без дозвола и на јавен поглед. Графитите се движат од едноставни напишани „називи“ до елаборирани ѕидни слики и постојат уште од античко време – антички Египет, античка Грција и Римската империја.
________
Мурал е секое парче графичко уметничко дело што е насликано или нанесено директно на ѕид, таван или друга постојана подлога. Техниките на мурали вклучуваат фрески, мозаик, графити и маруфлаж.)
Валентина Ѓоргиевска Парго