ГОРАН СТОЈАНОВ: Куманово го направивме галерија под отворено небо!

Уредник
Се чита за 10 минути

Од денеска,10 мај 2025 година,  Куманово ќе го краси нов мурал, на ѕид на гимназијата „Гоце Делчев“, заеднички нацртан од домашни и странски уметници, како дело кое произлезе од фестивалот „Графити фест“.

Здружението „Форма Куманово“, кое е и организатор, овие денови доминираше со својата уметничка извонредност, три дена цртајќи графити и мурали во Куманово.

Уметниците од истото – Дарко Трајковски,  Младен Трендевски и Дејвид Стоилковски оставаат свои траги, а посебно импресионира улогата што ја има Горан Стојанов, претседател на Здружението.

За разлика од нив тројцата, тој по диплома е професор по книжевност, а по активност е прв и носечки човек во организацијата, затоа што ниедно дело не настанало додека некој не ги создаде условите за истото.

Прво што ќе забележам е дека ја сакате уметноста и со душа и со тело, тетоважите кои  ги имате зборуваат сами по себе и ги објаснуваат работите.

– Имам четири масивни тетоважи на двете раце, главно изработени од членовите од „Форма“, кои датираат од 2019 па наваму. Тетоважите се од истите тие луѓе кои цртаат на нашиот фестивал и кои имаа свои тату – студија. Младен до пред некое време имаше тату – студио сега се префрли само на цртање, бидејќи обврските кон сопруга и двете деца се секако негов приоритет и се нема време за сѐ.

Носите на себе една „уметност во движење“, тоа значи дека навистина сте почитувач и сте вистински човек на вистинско место. Која е Вашата работа во Здружението?

– Мојата работа во Здружението е да организирам сѐ што треба, документација и кога ќе дојде време да се црта, мое е да обезбедам услови како што се подлога, заднина, логистика, а останото го оставам на луѓето кои повеќе се разбираат од мене – цртањето!

Зошто не се осмелите да нацртате нешто штом Ве влече таа уметност?

– Мислам не дека немам никогаш пробам, од проста причина што покрај вакви професионалци во друштво…

Уметноста е за сите!

– Да, да јас сега се шегувам, но навистина можам само да им го расипам просекот, ништо друго.

Што Ве мотивираше да им се приклучите?

– Искрено кажано сите сме некако различни, но имаме заеднички мотиви. Дејвид и Трендо веќе цртаа, а јас влегов да помогнам, кога го правевме првиот фестивал. И кога го направивме, видовме дека всушност луѓето сакаат нешто ново и нешто интересно. Тоа беше во 2017 година, потоа во 2018 паузиравме зашто немавме финансии да го организираме, а во 2019 година благодарение на професорот Југослав Спасовски, професор по физичко воспитување во О.О.У. „Крсте Мисирков“, кој беше иницијатор за овој фестивал, се случи спонтано да се формира Здружението и да влегуваме еден по еден. Ние сме всушност петмина, од кои што јас сум избран за претседател, а другите се членови. Петтиот член е Драган Китановски – Драж уметник од Скопје. За време на фестивалот и тој ни се придружува. И тој има многу контакти, ни препорачува цртачи, ни помага за некои проекти.

Што е она највозбудливото за Вас во овој ангажман?

– Тоа што веќе седма година донесуваме некои новитети, некои светлини, создаваме некои нови разиграни места, нови катчиња, бидејќи секој фестивал што го правиме не е само цртањето, туку е и средувањето на самиот простор каде ќе се одвива истиот. На почеток претежно ги биравме местата кои се некако подзатскриени, кои што не беа атрактивни за младите, потоа доаѓаме ние со организацијата, средуваме, цртаме, поставуваме урбана опрема, канти, корпи за отпадоци и некои работи за деца и почнува да заживува самото место.

Во секој случај, доста интересно.

– Да, да, навистина интересно. Кога ќе земеме на пример, да се вратиме поназад, пред короната, луѓето сосема поинаку гледаа на графитите и на овој тип на уметност, сите беа скептици, по короната забележаа дека нешто се прави и фестивалот некако доби живот. Тие препознаа што е квалитет, што е убаво и почнаа самите да нѐ барааат.

Кој момент најмногу Ве привлекува од тие графити што ги испишуваат?

– Кој момент? Ги обожавам графитите бидејќи се насекаде и некогаш напишаниот збор може многу да каже, а некогаш некоја слика да проговори повеќе од зборови… А, за мене најважно е да се покрие некој напуштен простор. Ме привлекуваат напуштени простори, кога ќе видам веднаш го замислувам исцртан, а ако е некој поголем простор или некое поголемо место, веднаш ми доаѓа идеја да направам некоја работилница за деца.

Сте правеле работилници за деца?

– Четири работилници за деца организиравме досега. Едната беше во општинското основно училиште „Крсте Мисирков“, каде на дечињата им ги украсувавме прозорците за Нова година. Една работилница ни беше во основното училиште „Христијан Карпош“, каде ги запознавме децата што е „Форма“ и со што се занимаваме. Децата цртаа, ние само теоретски им објаснуваме. Трета работилница беше на Пелинце, а четвртата работилница ни беше пред 4-5 месеци во трговскиот центар „Сума“. Заедно со професорот Југослав кој живее таму, решивме да направиме нешто за станарите, затоа што тоа е центар на градот. А, башка, „Сума“ е синоним за најголема зграда во Куманово и низ разговори ни дојде идеја да направиме нешто убаво, во случајов работилница. Беше тоа една манифестација на којашто дојдоа сите дечиња од таа зграда и нивните родители и имавме интересна дружба. 60 – тина дечиња зедоа учество, а „Кју рекордс“ донесоа плочи да се запознаат децата што се плочи. Имаше и изложба на автичиња. Реално гледано, сакаме да помагаме и ете ако го приврзеш детето од мали нозе да види нешто од уметноста, тоа потоа цело време ќе ја следи. Од овие 60 – тина деца што дојдоа се надевам дека барем две, три, кога ќе пораснат, ќе дојде време да нѐ одменат и сменат и да донесат нови свежи идеи.

Фестивалот што сега го правевте, од 7 до 10 мај, како помина?

– Беше преполно со луѓе. Неизмерно сме среќни. Го крстивме „Графити фест 7“, бидејќи беше седмо издание и да кажам дека успеавме во нашата цел – Куманово да го направиме галерија под отворено небо. Барем на еден ден. Битно ни е што на нашиот фестивал, секоја година сѐ повеќе и повеќе имаме публика, сѐ повеќе и повеќе имаме разбирање од луѓето. Де – факто, последните години имаме и рубрика за деца. „Чил зоната“ е со вреќи за легнување, има работилница за деца, цртаат на маички. Годинава клубот „Среќно детство“ ни дојде, тоа е еден клуб се дечиња од четири до десет години, кои тренираат и имаа спортски активности како мини- тренинг, со што ги забавуваа другите деца. Секогаш имало нешто на нашите случувања и секоја година е нешто ново и поинтересно.

Во иднина, како го гледате вашиот растеж?

– Да доведеме што повеќе интернационални имиња, заедно да го разубавиме ова наше сивило, бидејќи реално гледано сме втора општина, по Скопје како главен град, односно сме најголема втора општина во Македонија и нашиот град заслужува да има убав изглед и поглед. Понатаму, минатата беше прва година што направивме графити – караван. Бевме во Кочани. Сега имаме замисла да одиме во друг град, во Крива Паланка, да не биде само во Куманово, туку и на други места.

Кои мурали досега се запишани лична карта на Здружението?

– Гоце Делчев, на ѕид во истоимената гимназија, беше наша идеја во чест на даскалот. Потоа сакавме да придонесеме за незаборав на бранителот од 2001 година, Бобан Трајковски, цртајќи го неговиот лик на мурал,  како и муралот за осумте херои од „Диво насеље“, за кој добивме благодарница и признание од тогашниот министер Оливер Спасовски.Во 2024 година добивме и Ноемвриска награда во 2024 година, тоа е најголема награда при може да се добие од Општина Куманово. Таа се добива кога друг ќе те предложи, а нас нѐ предложи „Среќно детство“. Потоа, да се вратам на муралот, бранителот Бобан Трпков е нацртан во Драчево. Муралот на Мајка Тереза на Школа во Градскиот парк во Скопје е наше дело. Имаме цртано во многу паркчиња во Куманово, Струмица и други градови во Македонија… Еден од поголемите проекти е украсување на главната градинка „Ангел Шајче“. Продолжуваме додека Куманово не стане една убаво нацртана приказна….

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија