Семејство – место каде сè започнува. База за сегашноста и иднината. Почва врз која се развиваме.
Во раните години од детството, семејната средина поставува темел за развој, за тоа како ќе се гледаме себеси, како ќе ги доживуваме другите и светот околу нас. И во возрасно доба, семејната динамика која сме ја искусиле дома има влијание врз начинот на нашето функционирање. Блискоста, топлината, или, пак, дистанцата почувствувани низ првите релации во семејството, всушност се првите лекции за љубов, прифаќање, критика, грижа и поставување (здрави) граници.
И не случајно се вели семејството е нашето прво огледало. Односно начинот на кој родителите одговараат на нашите потреби во рано детство – со топлина или игнорирање, со прифаќање или условување – остава длабоки траги врз сликата за себе. Детето ја гради својата внатрешна слика низ пораките кои директно или индиректно му ги испраќа семејството (семејните членови).
Според теоријата на приврзаност – континуирана, чувствителна и доследна грижа во детството создава базична емоционална сигурност. Таа сигурност е предуслов за понатамошен психосоцијален раст и развој: кога детето чувствува дека е сакано, разбрано и заштитено, може без страв да истражува, да учи и да се развива. Семејството всушност е резервоар од кој детето црпи снаги за справување со животните предизвици. Кога детето има сигурна и доследна приврзаност, се создаваат внатрешни слики и очекувања за тоа како изгледаат односите – што може да се очекува од другите, како се воспоставува доверба, и што значи да се биде прифатен. Начинот на кој ќе се справуваме со стрес, дали ќе умееме да побараме поддршка, и дали ќе се чувствуваме вредни за љубов – во голема мера се оформува токму низ семејната динамика.
Во поддржувачки семејства, каде што се прифаќаат различноста и индивидуалноста, детето развива способност за автономија. Каде љубовта е безусловна и грешките не се строго казнувани со лишување од љубов или емоционална дистанцираност, се создава простор за здрав раст и развој со непречен процес на сепрација и индивидуалност.
Наспроти тоа, во вмрежените или дистанцирани семејства, процесот на сепарација/индивидуализација може да биде попречен. Вмреженоста ( преголема блискост ) често предизвикува чувство на вина или вознемиреност кај младата индивидуа при секој обид за сепарација, додека емоционалната дистанцираност создава чувство на напуштеност и несигурност. Во двата случаи, личноста може да развие потешкотии во поставување граници, носење одлуки или во формирање сигурни релации.
Во психотерапијата често се среќаваме со луѓе кои се обидуваат да најдат баланс помеѓу припадноста кон семејството и потребата за индивидуализација. Семејството може да го овозможи тој баланс. Еден познат цитат на Гете, всушност, метафорично го илустрира токму тоа:
„Две трајни наследства можеме да им дадеме на нашите деца: едното се корени, другото се крилја.“
- корените ја симболизираат стабилноста, припадноста, сигурноста;
- крилјата ја симболизираат поддршката за автономија, храброста да се истражува како и чувство дека слободата не значи отфрлање.
Функционалниот семеен систем овозможува баланс помеѓу корените и крилјата: обезбедува сигурност и стабилност кога е потребна, а потоа го пушта детето да полета кон своите хоризонти.
Некои луѓе растеле и растат во вака балансирани семејства. Други, пак, ќе мораат прво да го „оджалат“, односно преработат, трансформираат она што не го добиле во своите семејства – за потоа да изградат своја нова семејна динамика, свој нов семеен наратив и да создадат крилја и корени за идните генерации.
Заклучок:
Семејството има клучна улога врз развојот и градење на нашата личност. Тоа е извор на сигурност и поддршка, но и поттикнувач за промени и развој. Балансот во семејството помеѓу потребата за припадност и потребата за автономија создава услови за здрав развој, самостојност и лична исполнетост. И доколку не сме добиле соодветен баланс во своето примарно семејство, секогаш имаме можност да создадеме „крилја и корени“ за нашите идни семејства.
М-р Сања Јовановска
Семеен и системски психотерапевт под супервизија
ОЛИ советник
