СИНИША ФИЛИПОВСКИ:  Како професор создавам општествено корисни спортисти! 

Уредник
Се чита за 20 минути

Успешно да се совлада она што го бара часот по физичко воспитување е цел која сама по себе е императив на наставната програма, затоа што ако нешто е стопроцентно во интерес на ученикот, е токму тоа.

Професорот Синиша Филиповски со своето делување, целосно се грижи овој предмет да биде можеби и најважниот за правилен развој на учениците во ООУ „Толи Зордумис“, со ефект од поширока димензија, ако се земе во предвид дека открил и репрезентативци.

 

Професоре Филиповски, како почна да се испишува Вашата професионална карта?

– Дипломирав  во 2001 година на УКИМ на тогашниот Факултет за физичка култура во Скопје, по што заминав во Германија 3,5 години, потоа се вратив и се вработив соодветно на мојата струка. Но, првите чекори ги направив со кошарката во училишните денови, а подоцна четири години тренирав за КК „Куманово“. Една интересна случка се поврзува со мене во тој период, имено во 1991 година, влегувам во екипата „Куманово“, почнувам да играм и постигнувам завидни резултати за мои години 16,5 години. А кога дебитирав на првиот натпревар меѓу „Пелистер“ кој таа година влегува во Прва Б кошаркарска југословенска лига, ние како клуб „Куманово“ губиме катастрофално. И, во второ полувреме влегувам јас, млад, занесен, не знам каде се наоѓам, меѓутоа почнувам да играм и во тоа полувреме давам 12 поени. Шест коша кои се сметаат по два поени. И самиот бев изненаден од себе си. Фасциниран беше и тренерот на „Куманово“ Зоран Џана Петрушевски и Страшо Тодоровиќ. Цела екипа доаѓа се поздравува со мене.  Аплаузи, еуфорија… Но, по кратко време  се откажувам од тоа и со брат ми Филип почнуваме бизнис со наша приватна фирма „Син-Фи“ за трговија на големо и  работиме 11 години. Како што кажав, дипломирав, заминав во Германија, потоа се вратив и се вработив во „Толи Зордумис“, кое станува мое матично училиште.  На работата ѝ пристапувам со сериозен пристап, почнувам да ги тренирам учениците, како секции земам да водам женска екипа во ракомет и машка екипа во кошарка. Дополнително земам женска и машка екипа фудбал од село Режановце, кое се наоѓа на три и пол километри од нашето училиште.

Што е најкарактеристично во сите тие бројни ангажмани?

– Постигнувам одлични резултати, со женскиот клуб во фудбал следната година  освојувам  второ место на општинско ниво во Куманово, и со машки исто така  второ место.  Е сега најважно е што во тој период, 2007 2008  година, почнувам да откривам екстра талент од Режановце. Најпрво ќе ја споменам Александра Боризовска. Јас ја откривам нејзината моторика, движењата и почнуваме да работиме. Ја праќам во ракометен клуб „Куманово“, продолжува во репрезентација на Македонија и потоа оди во Хрватска. Од Хрватска оди во Солун игра за „Паок“. „Паок“ три години по ред станува шампион на Грција. Екстра талентирана ракометарка која прави брилијантна кариера.

Како успеавте да го воздигнете нејзиниот талент?

– Работев многу, две години пред да оди во клубот „Куманово“. Но работев и со сите деца. Бидејќи беа мали одделенија, од  12  до 22 дечиња, со колегата Саша Николиќ истите ги користевме и за кошарка и за мал фудбал и за ракомет и за одбојка. Со дечињата и со Александра правам компактна екипа. Шест години по ред од 2008 до 2013 година први сме во ракомет со женска екипа на „Толи Зордумис“, во тие шест години еднаш први, две години втори, една година трето место и една година испаднавме од прво коло за еден гол разлика на општинско ниво. Секоја година играме зона, поминуваме зона за да играме регионални, па, државно првенство. И на државносо таа екипа дојдовме до трето место. Е, сега за сите тие години што ги набројав, избирам девет ученички од нашето училиште коишто играат за ракометен клуб „Куманово“. Од тие девет девојчиња две се одвојуваат, Александра влегува во сениорска репрезентација, а во репрезентација на Македонија беше и Бисера Митевска. И таа направи брилијантна кариера, прво отиде во Хрватска, играше за „Пореч“, потоа во Шпанија. Бисера го менува презимето, го зема од  дедо ѝ и сега е позната како Паскал. Уште една ученичка, исто ракометарка, Бети Петковска, пикер, кружен напаѓач, игра за „Куманово“, потоа оди да игра за „Кожув“ од Гевгелија, игра за Малта, каде беше шампион и три години по ред станува најдобар пикер. Сега е помошник тренер за ракомет во Малта.

Ова се неверојатни резултати. Како изгледаше Вашиот работен ден тогаш?

– Дружење и многу работа, секој ден после часови тренинзи од 19 до 20.30 часот. Секој ден по час и половина, професионален пристап, сосема волонтерски, без пари, дури и на база на самофинансирање. Плус сабота вклучувам натпревар со екипата. Давам свое време, сам себе се вложувам 100 отсто и затоа излегуваат  талентирани спортисти. Тука е и Бранкица Марковиќ, одличен играч, која почнува да игра за „Куманово“, освојуваат шампионска титула на Македонија, три пати куп на Македонија. Меѓутоа Бранкица се здобива со повреда на колено, и не може да се врати. Жал ми е, беше извонредна. Напоредно со ова водам машка екипа во кошарка, ученици од петто до осмо, односно од шесто до деветто одделение…десет години играм пет финалиња и одвојувам пет втори места на општинско ниво. Сите тие беа индивидуални тренинзи, по југословенски систем, брз пренос на топка, контра- техника совладана промени. Мора да си прв на општинско за да одиш на зонско, од зонско на регионално, па мораш да победиш на регионално за да одиш на државно, на државно се натпреваруваа шест екипи од цела Македонија, од кои од скопски регион две екипи, две од Западна, две од Источна Македонија.

Од машките излезе некој талент?

– Да, но немаше среќа. Поточно од машките излегоа два добри таленти, едниот потоа во средно училиште го облече дресот на „Куманово“, но отиде во друг правец, за глумец. А, Антонио Аврамовски екстра талентиран кошаркар од Режановце влегува во македонската репрезентација до 16 години. Висок играч од 202 см,  игра во македонска репрезентација, со видни резултати  и оди на Европско првенство 2014. На натпревар дава 22 коша, толку е силен. Но, се повредува на коленото, по една година се враќа да игра, но за жал повторно на загревање, на влажен под се лизнува и ја обновува повредата. И крај на кариерата. А невиден талент, од „Ховентут“ беа заинтересирани за него и специјални дојде скаут да го следи. Знаете, тоа е реномирана јака екипа, трета по ранг во Шпанија,  веднаш по „Реал Мадрид“ и „Барселона“, која во 1992 година играа финале со „Партизан“ за европска титула.

Кој е Вашиот метод како педагог – држите строгост, држите дисциплина или по некои други правила се обидувате да ги обликувате децата во спортски манир?

– Прв принцип на час кај мене е дисциплината! На прво место. Во секој момент да се знае кој што работи. Значи мора сѐ да функционира беспрекорно. Се знае кога е постројување, што треба да се направи, се знае кога е и време за шега. Меѓутоа кога работиме, работиме професионално. Тука е без пардон.

Дали тие што се најдобри всушност се и најдисциплинирани?

– Обично има такви, но не мора да биде пракса. Има дечиња што ќе ги понесе слава и ќе се опуштат. Јас имав еден најдобар играч- шутер,  но го избркав поради однесувањето, ми изигруваше ѕвезда. „Слободен си, остави ја опрема и часот за тебе е завршен“, му реков. Нема емоции тука. Во спорт или ќе тренираш или ќе бидеш авторитет, или нема ништо да направиш.

Зборуваме и воопшто за физичкото воспитување кај децата. Факт е дека не можат сите да бидат добри спортисти, некој се труди, некој сака да постигне, некој ќе постигне и без да сака, ако е природно попредиспониран. Објаснете ни го Вашиот генерален пристап во  едно одделение, дали намерно кај нив предизвикувате натпреварувачки дух или ги  оставате тие самите да дадат толку колку што можат?

– Видете што, значи кога зборуваме за час по физичко воспитување нормално е дека сите не можат да бидат екстра талентирани и да пружат максимум, нормално е дека моторика е божја дарба и вродена генетика. Но, услов е да бидат дисциплинирани, да извршуваат задачи, секое дете може па и не мора да прескокне „јарец“ карикирам…Ако е интелектуално јако и му одат сите други предмети, а физичко не – во ред, но треба да ги запази основните норми, да носи опрема, да се вложи колку може…

Талентот е основа, но ако не се надградува- ништо. И сега, Вие како спортски ги мотивирате? Тие деца што се понадарени за спорт, автоматски се и посамодисциплинирани или не?

– Може да биде слаб ученик,  јас сум имал  прилика слаб ученик да има седум единици, а да биде најдобар во ракомет. По 12 гола ми даваше на натпревар. Што на регионален, што на првенство во Велес… Овие деца тренирале само од љубов и на некој начин ние им бевме  идоли, во нас гледаа сѐ. Но, нивната самодисциплина е главниот пристап и услов за успех. Знаете, јас сум самокритичен прво кон себе. Ако грешам признавам, се извинувам.

А, спортистите? Имаат ли тие самокритичност?

– Мора да имаат самокритичност и да почитуваат хиерархија, тоа во спорт е многу битно. Јас ги советувам моите ученици- „Ти, кога влегуваш на терен не си веќе цивил, заборави, веќе си борец кој треба да го даде својот максимум за да постигне резултат, нели!“. А се знае, во спортот мора да се даде максимум за да се постигнат врвни резултати. Ако го нема тоа, остануваш долу.

Значи Вас како професор цел ви е да создадете спортисти кои ќе бидат истакнати во рамките на на некое поле од спортот? Генерално тоа ви е идејата?

– Генерално е да се запази масовност, децата да спортуваат, да се вклучени, е сега оние што се издвојуваат тие ги селектираме и ги насочуваме понатаму. Јас предавам на 24 дечиња во одделение, не може да направам од сите да бидат спартанци. Мора да се запази првенствено да се активни, да трчаат… Модерно време, интернет, телефони, се јавуваат деформитети, ние мора да превенираме за тие работи, колку што е во наша моќ, да ги отстраниме од дечињата, преку физички вежби за обликување на тело, преку трчање, методски единици… Дополнително даваме стомачни, грбни вежби, коишто влијаат на целото тело, за да стекнат координирани движења и кондиција. Се знае дека на час по физичко ученикот мора да испотне, за да се видат резултатите. Тоа е поентата. Е сега, јас сум таков човек што давам од себе сѐ, сто посто и сакам нештата да ги доведам до перфекцијата. Милион пати ќе го повторам и мора така да биде.

Колку часови имате неделно?

– Јас како професор неделно имам 20 часа, по три часа со одделение, 108 часа на годишно ниво. Порано беа два часа сега се три по 40 минути во основно образование, а во средно по 45 минути. Нашето училиште има околу 400 дечиња и за нив се грижиме тројца професори по физичко образование, спорт и здравје.

Вам, кој спорт најмногу Ви се допаѓа?

– Мене ми се допаѓа кошарка и ракомет. Се сеќавам, како студент во Скопје мојот професор Гино Стрезовски, голман, уште кога беше тренер на „Вардар“ тој препозна талент во мене. Ме викаше да влезам во екипата. „Кумановец, вечер во пет на Кале!“. Но, јас му велам: „По, јас сум кошаркар не сум фудбалер“. Еден месец ме убедуваше, јас го одбив, тоа не сакав. Бидејќи знам што ме чека на терен кога ќе влезам таму. Четири години вежбав кошарка. Од мојата генерација Раде Стојановиќ, Ванчо Димовски станаа репрезентативци, имавме и  талент од Тетово и други…

Дали ние како нација генерално имаме култура кон физичката култура? Дали родителите прават дополнителен напор нивните деца навистина да тренираат од мали и да ја сфатат важноста на овој предмет?

– Кај секој предмет, така и кај предметот физичко, сѐ зависи од наставникот кој предава. Наставникот мора да биде тој волшебник кој на час ќе привлече внимание, ако некогаш треба и да подвикне. Но, не да викнеш и дека тоа само по себе значи ќе се постројат. Треба да биде наставникот стручен и да воспостави контакт, начин на кој ќе комуницира. Треба да има модус, да знае како и пред сѐ треба да биде „наоружан“ со знаење од струката.

Дали Ви се благодарни Вашите ученици бидејќи го направивте добри спортисти, бидејќи ја поставивте основата кај нив?

– Многу се задоволни, имаат почит кон мене и ден денес. Јас сум строг до одредена мера, колку треба, но имаме одлична релација.

Како се чувствувате кога ги гледате на телевизија кога играат некаков натпревар?

– Чувството е …како да ви кажам? Ние децата ги гледаме од петто одделение како растат и се развиваат. На почеток во септември и на крај на година не се исти дечиња, прво од тука поаѓаме. Моторика се стекнува со вежби, со трчање, вежби за снага, за издржливост за координација, а особено кога ќе станат врвни играчи едноставно тие се наша гордост. Тие се никулци кои прво почнуваат кај нас. Ние ги откриваме, преку наши раце поминуваат. Потоа ги канализираме ги праќаме понатаму. До одреден степен ние работиме со нив после ги земаат професионални тренери. Се чувствуваме задоволни дека сепак со нашиот занает сме успеале да изградиме личности кои ќе дадат придонес во општеството, да кажеме во ракомет, или кошарката и што ќе ја презентираат држава во пошироки рамки.

Да се осврнеме на тоа дали Вашето училиште има навистина добри услови за вежбање?

– Нашето училиште има одлични услови од причина што има добра училишна спортска сала, опремена со сите реквизити, со справи за вежбање, тоа е една работа. Друга работа имаме училишно игралиште надвор. А салата во која вежбаат во зима е удобна и затоплена, направена со сите нишани уште за време на Југославија. Поточно ќе ви кажам дека во моментов извршувам функција помошник директор на училиште и во документите што ги имам видено, пишува дека е направена во 1980 година по сите  стандарди кои сѐ уште функционираат.

Ја обновувате со нови справи, нови работи?

– Апсолутно, апсолутно. Имаме поддршка од Сојузот на спортови од Куманово, тие ни помагаат, ни даваат реквизити и опрема секоја година. Сакам да потенцирам дека градоначалникот на Куманово, господинот Максим Димитриевски, има голем сенс за развој на спортот во нашиот град и сакам да му заблагодарам. Мислам дека на годишно ниво издвојува 1.800.000 денари. Со тие пари ние се натпреваруваме во кошарка ракомет, одбојка, фудбал, мал фудбал, пинг понг, шах, активни сме во сите сфери и за секое дете се издвојува сендвич и сокче на натпревар.

Вие сте родител. Дали Вашите деца се интересираат за спорт?  

– Ќерка ми има 20 години а синчето шест години. Ќерка ми живее во Германија, беше извонредна атлетичарка со врвни резултати, но се оддалечи откако фати короната. Официјално се натпреваруваше и таа и една друга девојка од Берлин беа две топ најдобри атлетичарки до 16 години. Висока е 177 см. Беше врвна спортистка, жал ми е што не успеа.

А, синот?

– Синот, оваа година почна да тренира атлетика. Ќе видиме, мал е, прво да ја научи азбуката, да научи правилно да оди, да трча, да скока, па ако има афинитети ќе го насочам. Ако сака, не мора да биде врвен спортист, може ќе биде научник, информатичар, зависи каква дарба има.

Дадовте добри пораки. Уште некоја за крај?

– Дечињата да се занимаваат со спорт од најмали нозе, тоа е моја лична препорака. Со спорт не може да изгубат. Може само да добијат. Првенствено спортот најдобро ќе се одрази врз нив самите, ќе имаат витка линија, срцето ќе го појачаат со трчање, со трчање се лачат хормони, коските ојакнуваат, кардиоваскуларен систем. Друго е да си спортист, да се занимаваш со спорт, друго е да не се занимаваш. Има голема разлика. Апелирам до сите помлади дечиња да спортуваат. Меѓутоа и постарите треба најмалку пет часа неделно да издвојуваат за физичка активност. Нашите професори велеа- да си ја продолжите младоста! Препорачливо е човекот дозирано да се занимава со спорт. Значи фитнес, пешачење, велосипедизам, но да не биде тоа пренагласено. До умерени граници. За оние кои што решиле професионално да се занимаваат со спорт, ние професорите, сме им отскочна штица. Е, сега не им кажуваме сѐ, им кажуваме колку треба. Дека е корисно, тие ќе си согледаат со тек на време. Многумина велат: „Професоре, спорот не е тоа што нѐ учевте, баш така“. „Да дечиња ама тоа треба вие самите да откриете, не можеме ние сѐ да ви кажеме“…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ОЗНАЧЕН:
Споделете ја оваа статија