„Филмај“ е фестивал кој се гради со локални ресурси, со светски учесници и со врвна креативност, вака, проект- менаџерот Драган Денковски, најпрецизно го дефинира фестивалот за краток филм, кој го обележува Куманово на полето на филмската уметност и го поврзува со светот, на свој начин.
Започнат во 2019 година, годинава ќе се одржи по седми пат. Доколку сте филмофили и обожавате возбудливи реални филмски содржини, заокружете си во календарот – 28 и 29 мај 2025 година (среда и четврток) во Занаетчиски Дом, од 20 часот. Влез слободен.
Во очекување сме на новото издание на фестивалот. Кажете ни, кој е организатор?
– Ние сме Фото – кино клуб „Козјак“ Куманово, основан во 1948 година, еден од најстарите клубови во Македонија. Јас сум член и нивен пријател од 2010 година, тогаш имам посетувано кино- школа кај покоен Лазар Ѓорѓевиќ, а мојот драг колега Мартин Давитковски којшто е графички дизајнер за „Филмај“, исто, го има посетувано школото во 2011 година. И, ние бевме поттикнати од неговите реченици, од негов слоган, кој гласеше „За инает од немање кино, за инает што ни го затворија секое кино, да направиме фестивал !“. Во 2017 година за жал Лазар прерано нѐ напушти и му останавме многу должни. И тој нам ни остана „должен“, а ние нему многу повеќе, затоа што во 2014 година, Мартин го стартуваше неговиот краток филм „Метакосмиа“ и потоа истиот заврши во бункер. Беше оставен да тлее, нели кај уметниците има посебен процес- пристап, па треба да се дестилира, да ферментира, да се маринира идејата, па има и предизвик дали ќе излезе како што треба… Меѓутоа, во 2018 година се случи 70 годишнина од основање на Клубот и во месец мај направивме низа настани. Првиот настан беше во чест на Ѓорѓевиќ, каде проектиравме негови кратки филмови. Вториот настан беше проекција на филмот „Копање“ на нашиот драг сограѓанин Ивица Димитриевиќ и Мартин Иванов, кој го направивме во тогаш сѐ уште активно „Кино МКЦ Козјак“. Па, имавме и изложба на фотографии „Мајски салон“ и Ретро фотографии од сите 70 години. Откако се случи таа почест за нашиот господин Ѓорѓевиќ, во клубот зборувавме дека е време нешто да направиме. Зборувавме за недовршениот филм, за никогаш стартуваниот фестивал и така, во пролетта 2019-та, седнавме и одлучивме, да дадеме име, да распишеме конкурс, да градиме нешто, набрзина, речиси без план. Меѓутоа, Ивица и Мартин нѐ посоветува најпрво да ги обликуваме пропозициите, а нашата драга соработничка Ана Јакимска режисерка од Скопје, нѐ посоветува преку Гугл да направиме анкетен прашалник за секој да може лесно да пристапи, да го пополни и да ни се обликува ексел табела со сите пријавени филмови. Нивните совети од по две-три реченици многу, многу ни помогнаа. Тогаш во првите две недели имавме три филма, во вторите две недели уште три филма, а по нивните совети имавме 50-тина филма, што веќе имаше материјал да се одбере, за да доделиме награди за режија, сценарио и кинематографија…
Ве молам, пред да дојдеме до фестивалот, сакам да знам што се случи со филмот кој беше во бункер.
– Значи, кога се случи првиот фестивал, го направивме една вечер во прекрасната сала на Занаетчиски дом, со драги наши пријатели од Куманово, дојдоа и добитниците на наградата за кинематографија од Бугарија, Росен Савков и Љубо Јончев за филмот „Тими“, тие беа и единствените странци таа година. Фестивалот се одвиваше на големо платно, со проектор, со супер звук и кога заврши имавме позитивна трема дека одиме на второ издание. Тогаш Мартин се потсети дека има филм кој што не му е завршен и така тоа лето најде соработници и монтажери и композитори на музика… Летото го работеше, есента го финишираше и во ноември 2019 година, филмот го пуштивме на премиера во салата на Театар Куманово.
Сакате да ми кажете дека нема кино во Куманово?
– Нема. Последна кино- сала беше киното „Козјак“, кое што со некоја реорганизација на зградата беше пресечено и преградено за да биде деловен објект и веќе е приватен имот, кое потоа се реорганизира во приватно правно лице кое што носи назив Младински културен центар „Козјак“. Од тој момент, ако не се лажам, тоа е можеби пред 15 можеби 20 години, таму низа години имаше само Ревија на германски филм и одвреме навреме нередовни кино- проекции, стихијно. Не беше активно кино, туку сала која што може да се изнајми и искористи за проектирање на филм…
Е сега, кога го обликувавте првиот фестивал седнавте и што направивте? Мене пред сѐ многу шик ми е самиот наслов, „Филмај“. Ми делува младешки.
– Првиот фестивал го конципиравме во Фото- кино клуб „Козјак“ во просториите во Народна техника, Куманово. Муабетот беше буквално ваков – „Драган и Мартин вие имате одено во филмската школа, вие сте биле најблиски со Лазар, ајде сега најмногу да потегнете, знаете како, а ако не знаете како, барем бидете најзаинтересирани да биде добро направено“. Ние се погледнавме и кажавме „Ајде! Филмај!“. Да правиме фестивал на долгометражни филмови-не, тоа е прекрупен залак за нас. Да одиме со краток филм- може! Колку да биде краток филм? Одлучивме да биде 30 минути. Жанрови ќе бираме? – Нема да бираме жанрови. Облик на филмови?- Може да биде игран, анимиран, документарен, експериментален, било каков, само да не надминува 30 минути. Година на продукција? – Ајде нека бидат од последни четири години. И конкурсот го пуштивме на фејсбук. Од старт планиравме да бидеме меѓународни, но во она смисла да имаме меѓународни филмови, а не и меѓународни посетители и добитниците на награди да дојдат да нѐ посетат, затоа што колку и да се седум години зад нас, ние сѐ уште раснеме и го немаме поминато прагот за да можеме да обезбедиме авионски билети и сместување за соработници… Имаме скромни средства од нашите поддржувачи, но имаме и огромна поддршка од Општина Куманово. Изминатите години како клуб имавме поддршка и од министерството за Култура, последниве две-три години имаме поддршка и од Агенција за филм, така што, таа институционална поддршка многу ни помогна. Со тоа, можеме да обезбедиме само добра опрема за прикажување на филмовите, да изработиме фина брошура, да изработиме фини флаери и буквално ентузијазмот ни е главно гориво.
Сега фестивалот се одржува во Занаетчиски дом…
– Спомнавме за кино „Козјак“, а инаку некогаш свечената сала во Занаетчискиот дом било кино „Напредок“. Тие биле двете кина во градот. Меѓутоа „Напредок“ јас не го памтам воопшто, претпоставувам бидејќи сум млад, генерација 1982 година и кога сум почнал да излегувам тоа кино веќе беше преобратено во нешто друго-едно време беше дискотека, потоа бидна и празно здание и кога беше обновено го доби сегашниот сјај и функционалност и е многу благороден простор.
Со фестивалот, имавте ли предизвици и модифициран континуитет во време на короната?
– Е, тука имавме едно пријатно изненадување. Во 2020 година нашата драга Ана Јакимска беше дел од жирито како и Златко Ѓелески филмски критичар, новинар, писател…
Ана е супер-креативна, а Златко е феноменален. На 103-ка сум го слушала…
– Тој не е само новинар, тој не е само писател, тоа што тој го работи за мене е како повик, како мисија. Така го доживувам. И само да кажам, дека пријатното изненадување беше што направивме повик, не преку Гугл, туку ја искористивме платформата „Филм Фривеј“ и добивме 2020 пријави за кратки филмови од целата Планета. Таа година еден наш клупски член, Ана и Златко како членови на жири се договорија како да ги поделат филмовите – по 600-700 филмови секој од нив да гледа. Имаше филмови од сите континенти, освен од Антарктик, затоа што таму нема жители, нема филмска продукција (се смее)… А, другото изненадување беше што „Филмај“ не се одржа во мај поради состојбата, но имавме среќа да го одржиме во септември, во салата со публика и пуштивме 16 филма. Тогаш во пресрет ни излезе Центарот за култура НУЦК „Трајко Прокопиев“ кои што имаат 770 седишта и ние со весела геометрија на седишта утврдивме дека со социјално дистанцирање и со празни седишта, може да сместиме 110 луѓе. Тоа ни успеа.
Фина екипа сте, а и хронолошки концептот и линијата на фестивалот гледам добро ви се движат…
– Во првата година за нас беше големо изненадување што воопшто правиме фестивал и ни беше драго што ја наполнивме салата на Занаетчиски дом. Другата година ни беше ќеф што имавме многу филмови за прегледување, а подготвивме и македонски титлови. Слушнавме мало разочарување од повозрасни посетители „Деца не ви ги разбираме филмовите“. Прва грешка, ајде да ја коригираме. Друга грешка беше што имаше и помлади посетители, деца, кои што ниту знаат англиски јазик, ниту да читаат и тука сфативме дека за некои филмови треба да има и предупредување. Затоа што филмовите колку и да се арт, нели, достоинствено е и фер да најавиме ако во филмот има насилство, има експлицитни сцени има стилизирана голотија или некакви мачење на животни, дека мораме да бидеме внимателни и дека имаме одговорност кон публиката. Затоа што креаторите на филмовите ги прават, ние ги добиваме филмовите како крајни дела, меѓутоа филмот ако не биде прикажан, тој само постои – а исто како да не постои. Вака, на фестивалот го обликуваме, го прикажуваме, на квалитетно платно, со добар звук, со титл, за публика да може да ужива.
Колку филмови пристигнаа годинава?
– 196 филма од 40 држави. Имаме филмови од целиот свет, а следен чекор ни е да имаме посетители и гости од надвор.
Колку награди доделувате?
– Доделуваме пет награди. Најпрво наградата за режија е именувана според Лазар Ѓорѓевиќ, втората награда за кинематографија е именувана според Радисав Ристевски, кој што има работено како член и ментор во Фото – кино клуб „Козјак“, познат е по негови фотографии и аматерски филмови кои се пионерски и неговата приказна е малку поголема, наградата за сценариото е именувана според нашиот клуб „Козјак“, а одлучивме да имаме и награда за најдобар македонски филм, затоа што во целта на постоењето на фестивалот ни е да внесеме поттик да се создаваат филмови и да нема страв од тоа да се креира. Сега имаме опрема, имаме технологија, едноставно е – треба само срце, волја, љубов и ангажирање на пријатели соработници. Петтиот награден филм всушност е најдобариот краток филм на „Филмај“, жирито ги одредува четирите награди, за петтата награда даваат мислење, но не им е обврска да го одлучат победникот, па така тоа го одредуваме ние членовите на Клубот „Козјак“.
Тоа се дела исклучиво од професионалци или може секој да направи филм?
– Секој може да направи, само бараме филмовите да бидат со шпица, да бидат со задоволителен квалитет, со средено аудио-видео, да бидат малку и уметнички и да исполнуваат професионални критериуми за да бидат соодветни за прикажување на кино платно, не само да се гледаат на мобилен, на лаптоп или на телевизор, туку и фестивалски. Ние всушност кога ги добиваме филмовите правиме клупска претселекција, ги прегледуваме, затоа што во 200-тата филма не сите исполнуваат критериуми, не сите имаат комплетна приказна, не сите изгледаат визуелно задоволително, иако тоа е релативно и субјективно, меѓутоа ги филтрираме, за да им ја олесниме работата на жирито. Потоа се собраме онлајн да ги продискутираме, да се одлучи за селекцијата и за наградите.
Што им доделувате за награда?
– Им доделуваме плакета и сертификат, а на нашите соработници-дистрибутери на кратки филмови, од втората година наваму ние им ги пуштаме знакчињата, ловорики, за да може да ги стават на нивните пејџови како ознака дека имаат добиено награда на „Филмај“. На тие дистрибутери им ги даваме и македонските филмови да си ги располагаат, да може да ги пуштат на некоја ревија каде што има македонска публика.
Оваа година која тематика преовладува во филмовите кои влегоа во конкуренција?
– Изминатите две години имавме среќа да преовладуваат малку саркастични комедии, иронични акции и трилери, годинава ако морам да изведам заедничка нишка се како егзистенцијални филмови, меѓутоа не драматични, не трагични, не патетични, туку како изваден сегмент од животите на ликовите. Значи исечок од нечиј живот на некој човек некаде на планетава Земја.
Ја спомнавме Ана, неколкупати. Па, како стоиме со авторки, ги има ли?
– Апсолутно, мислам и дека многу подоминантно има авторки за краток филм отколку автори. Морам да признам – похрабри се! Македонските филмови изминативе три години се сѐ од режисерки. Годинава победник е филмот на Елеонора Венинова. Ќе го видите. Утревечер, вторник, имаме изложба на фотографии „Мајски салон“, во 19.30 часот во Занаетчиски дом, тоа е традиционална клупска изложба од членови на клубот. Тоа е нашето традиционално тродневје во мај, отвораме со изложба, сликите остануваа изложени и посетителите на „Филмај“ ќе може да ги видат и во фестивалските денови.
Дали Вие имате свој филм?
– Не, не. Јас имам фотографирано, имам добивано награди, меѓутоа како филмаџија не сум активен. Во клубот сум дојден најпрво како филмофил, а во кино школата по 2010 година јас не се вратив заради приватни обврски. Со господинот Ѓорѓевиќ потоа се сретнуваме и разговаравме на изложби, тој беше брзо пензиониран и постојано присутен тогаш. Мене улогата во клубот ми е логистичка и организациска. Проект-менаџер. А за секој менаџер се вели дека е добар менаџер кога луѓе со разни специјализирани таленти ќе ги собере за заедничка цел, поголема од нас самите.
Го живнавте градот од филмска гледна точка…
– Последниве четири години имаме пракса една недела пред главните вечери да направиме и ревија со филмови од претходните изданија. Првата ревија ни беше 2022 година со избор од првите три изданија и ги пуштивме во тогаш постоечкиот рок бар „Валхала“ и помина убаво. А и овој пат, на 22 мај, се одржа филмска ревија во „Герила кафе“, со прикажување на филмови од претходните изданија и помина исто така многу убаво.
Кој е директор?
– Нема класичен директор. Организатор на фестивалот е Фото – кино клубот „Козјак“. Јас и Мартин сме најзадолжени за организација, но сите колеги од клубот имаат своја улога. Така, претседателот Милош Нешковски, кумановец кој што живее и работи во Скопје, често е овде и ни помага со завршување на обврски по инстуцииите во Куманово. Драгиот фотограф Иван Михајловиќ прави многу добри фотографии, со кои, освен со нашите задоволни лица, нашата насмевка и нашето зборување, можеме да покажеме како ни поминал фестивалот. Сета атмосфера тој успева да ја долови преку апаратот. Па, повелете!
Валентина Ѓоргиевска Парго
Награди на „Филмај 2025“
На конкурсот кој беше отворен до 15 март, пристигнаа 196 филма од 42 држави. Одлуките на жирито, во состав Лавинија Софрониевска Лошков, Никола Кузелов и Пол Диглер, отидоа во прилог на петте најдобри филмови, и тоа:
– Со награда за Најдобар краток филм се наградува „Amaia’ s guests“ на Џорџ Тодриа од Шпанија, за Најдобар домашен филм „The walk“ на Елеонора Венинова. Наградата „Козјак“ за најдобро сценарио се доделува на „Trees painted in tar“ на Михаел Кунов од Данска. Награда „Радислав Ристовски“ за најдобра кинематографија освојува „Do it right“, на Никита Белај од Русија. И, наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија, ќе го закити Џансу Бајдар од Турција за „Almost certainly false“.